Инскрипции, жена во простор

09. 09. 2016 – 16. 09. 2016


Мустафа Џеват Атал е роден во Караман Турција. Дипломира на Универзитетот “Селџук” ,докторира на “Гази Универзитетот”, а од 2013 година работи како лектор на “Намик Кемал” Универзитетот во Текирдаг, Турција.

Зад себе има шест самостојни изложби и голем број групни изложби. “Инскрипции, жена во простор” е најновиот циклус слики со кој авторот се представи пред охридската публика.

Изложба “Инскрипции, жена во простор” на турскиот уметник Мустафа Џеват Атал во Спомен куќата на Христо Узунов

Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и соседните земји

09. 08. 2016 – 20. 08. 2016


Во рамките на активностите на Македонската Академија на Науките и Уметностите за одбележување на 1100-годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, на 09 август 2016 година,  во катералната црква Света Софија во Охрид беше отворена изложба на копии на фрески со ликот на светецот од црквите и манастирите во Македонија и во соседните држави. Изложбата, всушност се состоеше од фреско-копиите што на 24 мај истата година, во организација на НУ Завод и Музеј-Охрид, а по повод традиционалната манифестација “Македонија во чест на Св Кирил”, беше отворена во просториите на Понтификалниот универзитет Урбаниана во Ватикан, надополнета со уште неколку експонати, копии на фрески и фотографии. Истата оваа изложба, нешто порано, беше поставена и во просториите на МАНУ во Скопје.

Изложба “Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и соседните земји” во црквата Св. Софија во Охрид

Симфониска Имагинација

29. 07. 2016


Марија Мешкоска е родена во Охрид (1989) година. Дипломирала во 2012 година на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство со конзервација и реставрација во класата на Благоја Маневски. Магистерските студии ги продолжува на Болоњскиот Универзитет во насока конзервација и реставрација. Член е на ДЛУМ од 2012 година. Мешкоска учествувала на повеќе групни изложби, годишни изложби на ДЛУМ. Учествува во фреско живописувањето на неколку цркви во Македонија.

На изложбата се презентирани 20 слики со апстрактна тематика изработени во традиционалната сликарска техника масло на платно.

Изложба “Симфониска Имагинација” на Марија Мешкоска во куќата на Робевци

Изложба “Face to face”

17. 06. 2016 – 30. 06. 2016


Во Галеријата Робевци во Охрид е отворена првата самостојна изложба на дела во комбинирана техника во голем формат на авторката Тања Џипунов.

Се работи за комбинирана техника каде акрил на платно како основа е збогатен и искомбиниран со природни материјали како коноп, дрво, хартија и слично. Еден вид слико-скулптура, нешто како инсталација на платно, вели авторката.

Богати со колорит, експонатите пленат со својата свежина и лесно комуницираат со публиката.

Изложбата е симболично насловена “Face to face” во време кога уметноста е ставена во позадина, кога сакаме да избегнеме соочување со посуштински прашања за убавото, емоциите, расудувањата и споделувањето на сопствените идеали.

Изложбата “Face to face” ќе биде поставена од 17 до 30 јуни во Куќата на Робевци во Охрид, како дел од годишната програма на НУ Завод и Музеј-Охрид која продолжува и во наредниот период.

Изложба “Face to face” на Тања Џипунов во Куќата на Робевци

Непозната територија

03. 06. 2016 – 16. 06. 2016


Шафартцик е родена во1964 година во Бремен, Германија. Студирала на Универзитетот во Готинген, Германија и на Академијата за Ликовни уметности во Краков,Полска. Студирала Византиски иконопис во различни ателјеа во Русија, Франција и Австрија. Член е на Германската Федерална асоцијација на визуелни уметници како и на ГЕДОК-Германската Асоцијација на жени уметници.

Таа учествувала на меѓународни ликовни колонии во повеќе земји: во Албанија, Босна и Херцеговина, Египет, Индија, Косово, Македонија, Црна Гора и Турција. Во 2015 добива 6 неделен уметнички престој во Истамбул, Турција.

Нејзини дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции во Германија и надвор од неа.

Изложбата содржи една селекција на слики изработени во техниката масло на платно од нејзиниот најнов циклус наречен “Тера Инкогнита”, термин што се однесува на сликарскиот фокус врз пејзажите кои не се топографски одредени. Тенденцијата на Габриеле е да отиде малку подалеку од репрезентативните одговори со цел да креира нови, помалку или повеќе апстрактни простори во личниот дијалог помегу асоцијациите, мемориите, емоциите, цитатите и симболите, боите, линиите, орнаментите и моделите.

Изложба “Непозната територија” на германската сликарка Габриеле Шафартцик во куќата на Робевци

Св. Климент Охридски и неговите претстави во уметноста

23. 05. 2016 – 06. 06. 2016


Традиционалната манифестација “Македонија во чест на Св Кирил”, во 2016 година по 48 пат се одржа во Рим, Италија и беше во знакот на одбележување на двете значајни годишнини, 1130 години од доаѓањето на Св Климент Охридски во нашиот град и 1100 години од неговото упокојување. По тој повод Националната установа Завод и Музеј-Охрид реализираше пригодна изложба што беше отворена на 23 мај во просториите на универзитетот Урбаниана во Ватикан, во присуство на министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска и претседателот на собранието на РМ, Трајко Вељаноски.

На изложбата беа презентирани 18 фреско-копии со ликот на Св Климент, сам или заедно со други светители, од црквите на територијата на Република Македонија и соседните Балкански земји. Беа изложени и пет икони од XIII до XIX век од збирката на нашата институција меѓу кои и најстарата сликана икона со претстава на св. Кимент Охридски, која, заедно со дрвената релјефна икона, е најстарата икона со претстава на заштитникот на Охрид.

Дел од изложбата беа и одреден број фотографии на цркви каде што одреден период од историјата почивале моштите на светителот, фотографии од самите мошти светителот, неговиот гроб на Плаошник, како и фотографии на современи дела-монументални споменици со неговиот лик.

Изложба “Св. Климент Охридски и неговите претстави во уметноста” во просториите на Понтификалниот универзитет Урбаниана во Ватикан

Светлина од минатото

24. 07. 2015 – 05. 08. 2015


Во рамки на фестивалот “Охридско лето” беше отворена 60-тата самостојна изложба на познатиот македонски сликар Стефан Хаџи-Николов кој има оставено посебен печат врз уметноста во Република Македонија во последните три децении.

Со неговиот особен талент и со неговиот прекрасен пристап кон уметноста, како и преку неговите изложби се има наметнато како на македонската публика, така и на публиката  во околните земји.

Уметникот Хаџи-Николов истакна дека Охрид, за него како уметник значи многу, а доказ за тоа е што и неговата 60-та самостојна изложба ја организира токму овде.

Охрид, после Скопје е град каде што најмногу изложувал. Неговјата прва изложба во Охрид беше во 1988 година. Во 2000 година изложуваше во Куќата на Уранија, во 2009 и во 2015 година во Куќата на Робевци. На сегашната изложба главно се презентирани дела работени во последните неколку години и кои не билее изложувани никогаш во Охрид, а повеќето од нив ниту во која било галерија. Оваа изложба на триесеттината слики работени во техника масло на платно е всушност пресек на неговото повеќедецениско творештво.

Изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов “Светлина од минатото”во куќата на Робевци

Изложба на слики и уметнички дела по повод 18-ти мај, Денот на Музејските работници.

15. 05. 2015 – 31. 05. 2015


Уметничкиот израз преку дела на бројни уметници од земјава и странство, кои во изминатите години имале самостојни изложби во оваа установа, оставаат по некое свое дело за богатата збирка на НУ Завод и Музеј-Охрид.

Изложбата како традиционална, а оваа година и јубилејна, 25-та по ред, претставува пресек на уметноста која била претставена овде во нашата установа во изминатите години. Секогаш имаме доста дела и има посебен критериум по кој се раководиме за селекцијата. Јас ја правам селекцијата, а се трудам секогаш да има избор од застапени повеќе техники. Има и графичари, вајари, уметници кои творат масло на платно, акрил на платно, на картон, колажи. На пример, тука е едно ново дело на Сергеј Цингулоски, кој во овој период е во Црна Гора. Потоа имаме и фотографија на морал од уметничката Тина Дрчар од Словенија. Тоа значи дека сме во тек со модерната уметност.

Годинава на изложбата беа претставени уметниците: Маја Рауник Кирков, Панде Петровски, Снежана Гроздановиќ, Енг Сионг Јео, Цветанка Темкова Илова, Мирослав Трендафиловски – Мики, Јордан Манасијески, Светлана Солодовникова, Наташа Димитријевиќ, Тина Дрчар, Сергеј Цингулоски, Емел Махмуд, Славица Секулоски и Васка Опелоска.

Изложба на слики и уметнички дела по повод 18-ти мај, Денот на Музејските работници

Уметност на македонската резба-традиција и контиунитет

23. 05. 2015 – 07. 06. 2015


Во рамките на 47-та манифестација “Македонија во чест на свети Кирил” во комплексот Виториано на фреквентниот плоштад Венеција во Рим беа претставени триесет и пет македонски резби. Меѓу нив беа најстарите сочувани примероци на резба во нашата земја (столбовите од иконостасот на црквата Мали Свети Врачи во Охрид од XIV век) и поголем број експонати од XX век, изработени од рацете на мајсторите од познатата охридска резбарска школа.

Изложбата беше во

 организација на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид во чија сопственост се дел од презентираните експонати, меѓу кои и најстарите, додека останатите се дела на 11 автори, современи охридски резбари од четири различни генерации кои и денеска ја негуваат традицијата на овој исклучително суптилен уметнички занает.

Изложбата беше придружена со извонредниот концерт на Дуке Бојаџиев и пријателите, а на отворањето говореа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.

Изложба “Уметност на македонската резба-традиција и контиунитет” во во музејскиот комплекс Виториано во Рим, Италија

“Облека од клашна” и “Рачна работа”

28. 11. 2014


Овие две изложби на етнолошки предмети, кои се чуваат во НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј-Охрид, на самото отворање беа причина за многу радосни, но и носталгични погледи, посебно кај оние посетители кои сѐ уште ја негуваат рачната работа.

Црната и црвената волнена врвца, срмениот конец, кои се одбележје на клашениците, од една страна и техниките “филе”, “сачан”, кои се применуваат во плетењето со бел конец, од друга страна, му дадоа душа и радост на просторот во кој беа поставени изложбите.

Со оглед на фактот дека експонатите не се непозната рачна изработка за охриѓанки, за посетителите многу повеќе изненадување беше самата идеја ваков тип на изложба да ги освежи културните случувања во градот.

Иако се вели дека рачната работа изумира, сепак охриѓани остануваат колку-толку верни на традицијата. Доста се ценат ваквите предмети, а оние граѓани кои не можат да ги чуваат дома предметите од чеизот на нивните баби и мајки, ги подаруваат на етнолошкото одделение, каде се чуваат во специјални услови.

Најстариот експонат кој е поставен на изложбите, е клашеник, кој датира од крајот на XIX век, додека останатите експонати се од почетокот на XX век. Што се однесува до потеклото на предметите покуќнината и рачно изработените предмети, тие се воглавно од Охрид, додека клашениците се главно од охридско-струшкиот регион, но се среќаваат примероци и од Дебар, Кичево, Ресен, Галичник.

Облека од клашна и Рачна работа