Вредна донација од наследниците на семејството Робевци за Музејот во Охрид

НУ Завод и Музеј – Охрид доби уште една вредна донација од семејството Робеви. Госпоѓата Оливера Робева Крстева во последните две години подари на охридскиот музеј лични предмети од нејзиното семејство. Станува збор за стари фотографии, покуќнински предмети, пијанино, виолина, нотни, книги, медицински инструменти, печати, фотоапарат, орден, метроном, прибор за пушење, женски аксесоари, часовник со ќостек и други предмети. Со оваа донација музејската колекција се збогати за уште 50 предмети, а со тоа Фондот од семејството Робеви достигна бројка од над 200 предмети.

Предметите се примени во етнолошкото одделение кај ресорниот виш кустос Оливера Мишева каде се чува најголемиот дел од фондот., а голем дел од нив се изложени во музејскиот објект Куќата на Робевци.

НУ Завод и Музеј – Охрид изразува голема благодарност за честа и довербата од страна на госпоѓа Оливера Робева Крстева за трајното отстапување на предметите на охридскиот музеј. Донираните предмети претставуваат предизвик за нови истражувања, заштита и презентација на еден дел од културното наследство за идните генерации, како сведоци на едно време, начин на живот и доказ за големиот придонес на значајни личности за историјата и културата на градот Охрид.

Самостојната изложба „Дијаграми на отелотворување“ на мултидисциплинарниот уметник Иванчо Талевски.

Ова е прва самостојна изложба на авторот во Охрид.

Куќа на Робевци, Охрид, НУ Завод и Музеј – Охрид

Почнувајќи од 2015 година, за време на честите патувања на релација Битола – Филаделфија, Талевски преку своите цртежи ги бележи времето и просторот, реагирајќи на различни искуства, општествени процеси, настани и локации.

Цртежите произлегуваат од секојдневните прошетки низ двата града и создаваат еден вид меѓупростор во кој се вкрстуваат различни географии, јазици, сеќавања и идентитети. Преку нив, авторот ги истражува односите меѓу телото и тлото, индивидуалната и колективната меморија, минатото и можните иднини.

Во изложбениот проект е вклучено и новото дело „Дремка ми се дреме“, создадено како пресек меѓу јазикот на цртежот и долгогодишното експериментирање на авторот со сликарскиот израз.

Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Неговите дела и проекти биле претставени во бројни интернационални музеи, галерии, биеналиња и триеналиња во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Брисел, Сеул, Токио, Краков, Тајван, Кина и Скопје.

Добитник е на повеќе меѓународни награди, признанија и грантови, меѓу кои и поддршка од фондациите „Полок-Краснер“, „Елизабет Гриншилдс“ и Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“.

Конзерваторско-реставраторски работи на објектот „Министерство за одбрана” — Струга

Конзерваторско-реставраторски работи на објектот „Министерство за одбрана” — Струга

Објектот претставува класичен пример на градска архитектура од 20 век, изграден во 1934 година за потребите на италијанската окупаторска војска и првично функционирал како царински терминал. По 1965 година објектот го презема општината и во него се сместуваат претседателот на општината, народната одбрана и други општински сектори. Моментално го користат Министерството за одбрана — РЕ Струга, ЦУК, Општината и други сектори.

НУ Завод и Музеј — Охрид изработи Основен проект за реконструкција на фасада и покрив на овој објект, за кој Управата за заштита на културното наследство издаде конзерваторско одобрение во 2022 година.

Работите се изведуваат во неколку фази:

  • 2022/2023 — реконструкција на кровот и замена на кровниот покривач
  • 2024/2026 — столарски работи, замена на надворешна столарија и изработка на нова фасада

Сите зафати се во согласност со проектната програма и имаат за цел зачувување на ова поединечно заштитено добро, прогласено со Решение за заштита со соодветен режим на заштита.

Конзерваторско-реставраторските работи се во завршна фаза и ќе бидат комплетно окончани со конзерваторските интервенции на влезната партија.

За реализација на проектот, Министерството за култура и туризам одобри вкупно 9.114.000 денари (од 2022 година до денес). Досега се потрошени околу 7.624.539 денари, а до целосно завршување се очекуваат вкупни трошоци од околу 8.000.000 денари.

Со овие конзерваторско-реставраторски активности се спречува понатамошното пропаѓање на уште еден значаен објект кој, со својата карактеристична местоположба непосредно до езерскиот брег и изливот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, ја збогатува амбиенталната слика на градот Струга.

Запознајте ги идните археолози!

Во рамките на одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на НУ Завод и Музеј – Охрид, а согласно Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, на 16 и 17 јуни успешно беше реализиран едукативниот проект за деца „Мали археолози“. 

Проектот беше реализиран во две групи од по 20 деца, со цел преку интерактивен и практичен пристап да се поттикне интересот кај најмладите за археологијата, културното наследство и музејската дејност.

Активностите започнаа со запознавање на децата со основите на археологијата преку симулирана археолошка сонда на локалитетот Самуилова тврдина, каде учесниците имаа можност да се запознаат со методите на археолошките истражувања, процесот на ископување, документирање и зачувување на археолошките наоди.

Програмата продолжи со посета на музејската поставка во Спомен-куќата на Робевци, каде учесниците имаа можност да разгледаат дел од богатото археолошко и културно наследство изложено во музејот и да се запознаат со различни историски периоди преку музејските експонати.

Во завршниот дел од програмата беше организирана детска креативна работилница во Лапидариумот, каде децата преку практични активности ги применија стекнатите знаења, развивајќи ја својата креативност, љубопитност и интерес за археологијата и културното наследство.

Со успешната реализација на проектот „Мали археолози“ беа исполнети предвидените програмски цели – едукација на најмладите, промоција на културното наследство и јакнење на свеста за неговото значење и потребата од негово зачувување. Проектот уште еднаш ја потврди важноста на музејската едукација како значаен сегмент во доближувањето на културното наследство до младата публика.

На крајот од програмата, сите учесници добија диплома за успешно учество во археолошката авантура „Мали археолози“, како признание за нивната љубопитност, активност и успешно совладаните едукативни содржини.

Проектот го реализираа:

Татјана Стојоска Видовска – виш кустос, археолог за праисторија и протоисторија;

Фанче Каневчева Илоска – кустос, археолог за нумизматика;

Миле Илоски – археолог-документатор;

Ѓоко Филипоски – надворешен стручен соработник.

75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

Јубилеите се мигови кога времето добива посебно значење—моменти во кои се препознаваат трудот, посветеноста и вредностите создадени низ генерации.

Со особена чест ја одбележуваме 75-годишнината од основањето на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, институција која повеќе од седум децении претставува еден од најзначајните чувари на културното и историското наследство на Охрид и Македонија.

Оваа јубилејна изложба „Македонски автори од Збирката на современа уметност“ претставува симболичен потсетник на дел од најзначајните дела преку кои можат да се проследат неколку суштински и јасно разграничени линии во развојот на македонската уметност во XX век. Но исто така повод да се потсетиме на бројни реализирани проекти во изминатите 75 години од разни други области како конзерваторско – реставраторски зафати, археолошки истражувања, музејски поставки, научни проекти и активности насочени кон заштита, презентација и афирмација на културното наследство. Изложбата покрај што дaва пресек на автори и нивни творби, ја раскажува и приказната за нашата континуираната грижа за спомениците, артефактите и духовните вредности што го обликуваат идентитетот на Охридскиот регион.

Особена благодарност им се упатува на сите минати и сегашни вработени, стручни соработници и надворешни партнери кои со своето знаење, ентузијазам и професионална посветеност оставија трајна вредност во работата на институцијата. Нивниот труд е вграден во секој зачуван фрагмент од минатото и во секој нов чекор кон иднината.

Нека овај каталог и изложба бидат не само потсетник на сработеното, туку и поттик за продолжување на мисијата — зачувување, истражување и достоинствено претставување на културното наследство за генерациите што доаѓаат.

75 години НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид

Со особена чест ја најавуваме изложбата по повод 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

„Македонски автори од Збирката на современа уметност“ претставува избор на дела од музејската колекција, преку кои се отвора поглед кон значајни автори и уметнички текови што го обликувале развојот на македонската современа уметност.

Изложбата е можност јавноста повторно да се сретне со дел од културното богатство кое институцијата го чува, проучува и презентира низ својата 75-годишна историја.

директор м-р Горан Патчев
куратор м-р Сашо Блажески

НУ Завод и Музеј – Охрид
Куќата на Робевци

12 јуни – 08 јули

Отворање: 12 јуни, 20:00 часот

Ве покануваме да бидете дел од одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Завршија подготовките на летната сцена во Античкиот театар

Завршија подготовките за чистење и одржување на вегетацијата во и околу Антички театар, илуминација, како и санација на сцената согласно годишната програма на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид со подршка од Министерство за култура / Ministria e Kulturës како и со поединци сограѓани кои несебично помагаат во активностите, летната сцена спремно да ја дочека престојната сезона на концерти

300 години Саат кулата во Охрид – Симбол на времето и културното наследство

По повод 300 години од изградбата на Саат кулата во Охрид
Денес се одбележа значаен јубилеј – 300 години од Саат кулата во Охрид, еден од препознатливите симболи на нашиот град и нем сведок на вековите што минувале низ неговите улици.
Три столетија Саат кулата го мери времето на Охрид – времето на луѓето, на традицијата, на духовноста и на културниот развој. Таа не е само архитектонски објект, туку дел од колективната меморија и идентитетот на градот, споменик што нè поврзува со минатото и нè потсетува на нашата обврска да го чуваме наследството за идните генерации.
Прогласена е за споменик на културата со Решение од тогашниот Општински Завод за Заштита на спомениците на културата Охрид на 28.03.1968 година (58 години)
Како НУ Завод и Музеј – Охрид, институција која со посветеност се грижи за заштитата, истражувањето и афирмацијата на културното наследство, горди сме што сме дел од ова одбележување. Нашата мисија е да ги зачуваме овие вредности не само како материјални сведоштва, туку како жив дел од духот на Охрид.
Саат кулата во Охрид со својата едноставна архитектура изградена од скадарецот Чаваш Дол Сулејман ага во 1726 година, издигната над градскиот пазар во близина на црквата Св Богородица Каменско во месноста Дебој, неправедно беше запоставувана годините наназад.
Нашата установа има обврка да ја следи состојбата на споменикот и да изработи Елаборат за ревалоризација на истиот со предлог за посебен Режим на заштита.
Во оваа пригода директорот М-р Горан Патчев упати искрена благодарност до иницијаторот и до сите институции, соработници, стручни лица и граѓани кои придонесуваат за зачувување на нашето непроценливо наследство.
Нека овој голем јубилеј биде потсетник дека времето минува, но вредностите што ги чуваме остануваат да, сведочат за нас.

Посета на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на Галеријата на икони.

Македонска и Хрватска делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски и неговиот колега Андреј Пленковиќ денеска ја посетија амбиенталната целина на црковниот комплекс “Св. Богородица Перивлепта” и Галеријата на икони. Од нашата установа беа пречекани од директорот Горан Патчев и кустосот Катерина Ристеска Велкоска како и од кустос археолог Атанас Кипро кој ја претстави на гостите богатата ризница на Галеријата на икони.