Советување на тема „Музеите што го обединуваат поделениот свет“

Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) во рамките на своите активности по повод одбележувањето на 18 Мај-Меѓународниот ден на музеите, и оваа година го одржа традиционалното годишно Советување на тема „Музеите што го обединуваат поделениот свет“, каде и нашата установа со директорот м-р Горан Патчев зеде учество со своја презентација под наслов “Културното наслество како симбиоза на словенските народи” каде се претставија искуствата со Форумот на словенски култури, организација која ги обединува сите словенски земји кои делат слични културни активности а по повод добиената престижната награда Жива 2025 (Best Slavic Heritage Site)– Најдобар локалитет на словенското наследство. На советувањето се претставија и други музеи со свои презентации а беа доделени и награди и благодарници. (Музеј на Македонија Скопје 21 мај 2026).

УЧЕСТВОТО НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА УНЕСКО – КРЕАТИВНИ ГРАДОВИ И ГРАДОВИ ЗАШТИТЕНИ КАКО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО: КОН ИНТЕГРИРАНИ СТРАТЕГИИ ЗА ОДРЖЛИВО УПРАВУВАЊЕ СО КУЛТУРНИОТ ТУРИЗАМ

27-28 АПРИЛ 2026 ГОДИНА, МОСТАР (БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА)

Презентација на тема „Партнерства и мрежи: Максимизирање на колективното влијание за отпорна урбана иднина“

Промоција на книгата: ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај, меѓународниот ден на музеите беше промовирана книгата ОХРИДСКА ТВРДИНАМонети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.) од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата се одржа во спомен куќата на Христо Узунов во 12 часот, со присуство на колеги, љубители на нумизматиката, членови на семејството.

Како домаќин се обрати директорот м-р Горан Патчев со осврт на меѓународниот ден на музеите како празник на музеите и дискусија околу универзалната идеја за музеи без граници како тема на интерес на годинешната прослава, односно вмрежувањето на музеите кои соработуваат заради збогатување и модернизирање на музејските наративи и инклузивност. Во таа смисла се спомна соработката во музејските мрежи на ИКОМ, Балканската Музејска Мрежа (БМН) и Мрежата на Европски градови со тврдини (Форте Култура).

Промоторот Јорданка Матова говореше за делото и авторот а самата авторка даде детално излагање на содржината на изданието кое е несомнено од голема важност за светската нумизматика.

Циркулацијата на монети во Охридската тврдина од III век п.н.е. до III век н.е. го потврдува фактот за Лихнид-Охрид како регионален центар во античкиот период. Разнобразието и богатството на изложениот нумизматички матријал од Лихнид e резултат на неговата географска положба и на рудните богатства во античка Македонија кои довеле до силна монетарна продукција што била основа за внатрешната и надворешната стокопарична размена во трговијата од тоа време на овие наши простори.

ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај – Меѓународен ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид како издавач ја има честа да ве покани на промоција на книгата „ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)“ од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата ќе се одржи на 18 мај во 12:00 часот во Меморијалната куќа на Христо Узунов.

Презентација на ГИС платформа

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, организираше заваршен настан за Презентација на ГИС платформата на недвижно културно наследство и археолошки локалитети на Охридскиот регион, одржан на 13-ти декември од 11 до 15 часот во Хотел Нова Ривиера – Охрид.

Презентацијата е дел од Проектот кој е со наслов: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“ Поврзано со договорот за донација со УНЕСКО N˚:4500466546 Меѓународна Асистенција бр. 3274

https://whc.unesco.org/en/intassistance/3274.

Покрај Запознавање со проектот од страна на кординаторот м-р Горан Патчев, свои презентации имаа и меѓународните експерти Ренд Епик и Татјана Мијатовиќ како и домашните експерти Устијана Речкоска Шикоска и Анастасија Талевска.

ВЕБГИС платформата ја претстави Ѓорѓи Стојанов, претставникот од компанијата „ИНТЕЛЕГЕНТ НЕТВОРК СОЛУШН ДОО Скопје“

Во текот на двете години од реализацијата (2023-2024) се остварија низа активности како што се 3 работилници, 4 мисии, 32 посети на локалитети за што беа доставени три обемни времени извештаи до седиштето на Единицата за Европа и Северна Америка во Центарот за Светско Наследство на УНЕСКО во Париз.

Активностите помеѓу другото опфатија и потпишување на Меморандум за соработка од страна на НУ Завод и Музеј Охрид, и Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“, со што е официјализирана претходно воспоставената соработка меѓу двете институции а во врска со организација и спроведување на „Регионален камп за реставрација“ (RRC) во партнерство со „Културно наследство без граници – Албанија“ (CHwB Албанија) со кои исто така е потпишан Меморандум за соработка. Дел од активностите беа и презентациите од поканети експерти од разни области а дел се одвиваа во просториите на НУ Завод и Муеј Охрид и на терен, организирани на повеќе локации од Македонска и Албанска страна, последователно, за евиденција, инвентаризација, дигитализација и користење на современа технологија за 3Д снимање со помош на дронови и фотограметрија за изготвување на ортофотографии и топографски карти. Резултатите од овие активности е создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што се обезбеди ВЕБГИС база на податоци која ќе може да ја користи и пошироката јавност а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените и евидентирани археолошки локалитети собрани и документирани во текот на проектот.

Во текот на проектот беа обучени 6 професионалци од НУ Завод и Музеј Охрид како и 32 обучени лица преку Регионалниот реставраторски камп не само од Албанија и Македонија туку и од други соседни балкански земји. Беа снимени 32 локации и изработени 3Д модели и ортофотографии (вклучени во ГИС) на локации во Охридскиот регион, вклучително и ортофото на 2 целини од историските јадра на Охрид и Поградец, со приближно 35000 фотографии. Беше прегледана и ажурирана бројна документација и се направи инвентаризација од територијата на 4-те општини Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани на 181 разновидно културно наследство а се евидентираа 380 објекти и археолошки локалитети. На албанска страна се забележани 4 споменици на културата во границите на УНЕСКО Регионот и 8 во граници на контактна зона на регионот од албанска страна.

Ова е првиот транснационален Географски Информациски Систем од Светското наследство на Охридскиот Регион, и е од суштинско значење за управување со стотиците локалитети околу езерото.

За потребите на транспарентно спроведување на проектот објавени беа и јавни набавки за компјутерска опрема и за ангажирање на агенција за организирање на настани, патување, сместување и исхрана за меѓународни и домашни експерти ангажирани во проектот.

При многубројните посети и мониторинг на културното наследство беше констатирано дека постојат различни карактеристики на локалитетите на културното наследство околу Охридското Езеро и тоа: Пештерските цркви, Верски (Манастирски) комплекси, Археолошки локалитети и Урбани локалитети (Населени места).

Сликите од дрон прво се обработуваа на терен со мала резолуција со помош на фотограметрискиот софтвер Агисофт и модел со ниска резолуција и генерирање на ортофото а потоа вметнати во примерок од ГИС софтвер.

Главната цел на проектот беше зајакнување на капацитетите на вработените во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за подобрување на управувањето со културното наследство распространето низ територијата на Охридскиот регион, земајќи ги предвид наодите од Реактивна мониторинг мисија (2017) и извештаи на мисијата 2024 (одлука 46 COM 7B.44) и во согласност со Одлуката на Комитетот за светско наследство 41 COM 7B.34 (Краков, 2017 и Баку, 2019). Како дел од проектот, целта е и класификација и скенирање (дигитализирање) на заштитените археолошки локалитети, нивен избор и организирање по приоритет за полесно попис и архивирање. Оваа документација е неопходна не само како евиденција, туку и како алатка за управување и следење.

Сето тоа, е и една од целите на Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2023-2030) кои се нотирани како предложени мерки во Акциски план во Табелата со мерки за рехабилитација и Цели за Одржлив Развој на Обединети Нации кои се постигнуваат со нивно имплементирање и тоа: -во точка 1.A.10 Зајакнување на мерките за заштита на културното наследство во Охридскиот регион, каде ГИС проектот ќе помогне во Изработка на Елаборат за ревалоризација на културното наследство со инвентар на културни добра во Охридскиот регион, со иденфикација на доброто (граници и контактна зона), со утврдена постојна состојба, со дефинирани режими на заштита по зони, како и точка 1.А.17 Зајакнување на рамката за управување на прекугранично и национално ниво, односно Изработка на инвентар за Општина Поградец сличен на оној изготвен за Општина Охрид, сето тоа во една заедничка ВЕБ ГИС платформа. За таа цел, на настанот беше потпишан и Меморандум за соработка со директорката Јулјана Авдоли од Регионалната дирекција за национална култура (РДНК) Корча, Р. Албанија, каде и двете страни се обврзуваат да соработуваат на оперативно ниво, при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство и ќе ги подобрат механизмите за заедничко управување со Охридскиот регион.

ПРОМОЦИЈА НА КНИГА

По повод Европските денови на културното наследство 2024, и одбележувањето на 70 години од усвојување на Европската културна конвенција (Париз 1954), нашата установа се приклучува кон одбележувањето со промоција на книга од Академик Проф Др Мигуел Џон Вершлаус со наслов „Вкоренет космополитизам, наследство и прашањето за припадност“ (Rooted Cosmopolitanism, Heritage and the Question of Belonging), која ќе биде промовирана од страна на Проф. д-р Сашо Коруновски во диалог со Амбасадорот Проф. д-р Љубен Тевдовски и М-р Горан Патчев.

Академик Проф. д-р Мигуел Џон Вершлаус е редовен професор и раководител на Катедрата за класична и медитеранска археологија, како и повеќегодишен директор на Докторските студии на Факултетот за археологија на Универзитетот Лајден.

Оваа книга ја истражува аналитичката и практичната вредност на поимот „вкоренет космополитизам“ за областа на културното наследство.

Промоцијата ќе се одвива во „Куќата на Робевци“ (ширван) на 19.09.2024 година (четврток) од 18 часот до 20 часот, во соработка со „Охридската Академија на Хуманизмот“ и „Институт за Културно Наследство и Археологија – Institute of Cultural Heritage and Archaeology (ICHA)“

Посета на претседателката на Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија, д-р Ирена Стефоска

На ден 09.07.2018 година, претседателката на Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија, д-р Ирена Стефоска, беше во посета на НУ Завод и Музеј – Охрид. На Античкиот театар и беа презентирани извршените работи на реконструкција и санација на пристапните скали и платформите и уредувањето на просторот од страна на нашата институција.

Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период

07. 07. 2017


Синоќа во куќата на Уранија се одржа промоција на научното дело “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” од охриѓанката Сања Битрак, археолог и нумизматичар, вработена во Археолошкиот музеј во Скопје.

Во античко време древниот Лихнид бил значаен економски центар и ковал свои монети наречени лихнидиони, а свои монети имало и племето Десарети кои го населувале овој простор.

За време на истражувањата на Плаошник пронајдени беа над 20.000 монети коишто не само што го збогатија нумизматичкиот фонд на градот, туку и дадоа некои податоци за економската и историската активност на овој град и регионот.

Книгата содржи 287 примероци на монети пронајдени на овој локалитет во периодот од 2001 до 2010 година. Монетите се ковани од сребро и бронза и истите се многу значајни како културно наследство.

Промоторот на книгата, д-р Славица Бабамова истакна дека таа содржи многу значајни податоци, досега непознати за научната јавност и дека пополнува еден значен сегмент од историјата на Македонија во римскиот период, историска епоха за која случувањата во Македонија се сосема кратко споменувани во античките извори.

Книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” е прво дело на Сања Битрак, а промоцијата беше во организација на НУ Завод и Музеј Охрид.

Промоција на книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” на археологот и нумизматичар Сања Битрак