„Учиме да ткаеме“- Уште еден успешно реализиран проект на НУ Завод и Музеј -Охрид

           Во рамките на годишната програма  за 2026 г   НУ Завод за заштита на спомениците на културата  и Музеј-Охрид  го реализира  проектот  „Учиме да ткаеме“ .

Целна група на проектот беа деца од 7-12 годишна возраст и беа избрани  од ООУ „Св.Наум Охридски“- Пештани со кое училиште  НУ Завод и Музеј-Охрид има потпишан меморандум за соработка.Опфативме повеќе од 60 деца.

Според планираното проектот започна со посета на трло  кое се наоѓа во Струшкиот регион каде децата имаа можност,повеќето за прв пат, одблиску да видат трло со овци и да ја допрат волната со раце.Го видоа и процесот на стрижење на волната и научија како понатака волната се обработува за да стигне до нишка за ткаење.

Следуваше презентација на традиционално ткаење на разбој во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга и секое дете имаше можност да  види разбој , да  седне и да се запознае со начиниот на ткаење.

Проектот продолжи со посета на Куќата на Робевци каде што децата се запознаа со тоа што е  Музеј и која е  работата на музејот. Во рамките на посетата децата ја разгледаа етнолошката поставка во куќата , имаа можност да видат многу музејски предмети меѓу кои и предмети изработени од волна со процес на ткаење.Користејќи дел од музејските експонати (гребени,фурка,вретено)децата  го видоа процесот на влачење и традиционалното предење на волната.

Непосредната работа на децата на рамки за ткаење се одвиваше во музејскиот културен центар Лапидариум каде  што секое дете изработи производ според својата  идеа и замисла и најважно со свои раце.

Водители на проектот :дипл.инж.технолог Митаноска Билјана-конзерватор;Мишева Оливера -виш кустос етнолог.

Членови на стручниот тим:Иван Малезанов -кустос археолог;Катерина Велкоска-кустос историчас на уметност.

Во реализација на проектот  со огромен ентузијазам и љубов кон децата ,традицијата и музејската работа учествуваа и колегите:Фанче Бакулеска,Катерина Размоска ,Елена Стрезоска , Иван Стрезоски, Бојан Тасетовиќ.

Голема благодарност за соработката при реализација на проектот изразуваме на:

Директорката на ООУ„Св.Наум Охридски“-Пештани Валентина Рубаноска и наставниот кадар на училиштето.

Директорката на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“-Струга -Цветлана Василевска

Стојан Петкоски- сопственик на трлото

Велика Нестороска -чувар на ткајачката вештина и

Весна Илинчев   -презентер на традиционалното предење.

 Проектот се реализира во година кога НУ Завод и Музеј -Охрид одбележува 75 години јубилеј од основањето и во рамки на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“

Проектот е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.

НУ Завод и Музеј покрај својата редовна стручна дејност продолжува посветено  да работи  и на едукативни активности со цел запознавање и доближување на младите со корените и традицијата и промовирање на нашето богато материјално и нематеријално  културно наследство.

Од волна до ткаенина – креативна приказна што ја ткаеме заедно со Завод и музеј Охрид

Ден што ја ткаеше приказната на традицијата.
Убавина исполнета со љубопитност, радост, нови откритија и безброј детски насмевки.
Наумовите талкачи имаа фасцинантна можност да поминат еден незаборавен поинаков училишен ден – ден во кој традицијата не беше само детска приказна, туку жива слика што ја гледавме, ја допревме, ја почувствувавме🐑
Во соработка со Завод и музеј ќе патуваме низ времето и ќе ги откриваме традиционалните вредности.
Посетата на бачилото беше вистинско доживување – инспиративна приказна за патот на волната од природата до човековите раце.
Потоа следуваше – вистинска магија!
Пред нас се отвори светот на разбојот и ткаењето.
Најубаво беше да се видат детските очи исполнети со восхит. Тие прашуваа, истражуваа, допираа, учеа.
Денес научивме дека традицијата не живее само во музеите.
Таа живее во детската љубопитност, во приказните што ги ткаеме и ги пренесуваме на најмладите.
Од едно бачило, до еден разбој, од една нишка до една приказна – заедно ја ткаеме нишката со минатото.
Благодарност до Завод и музеј Охрид за прекрасното искуство и можноста да истражуваме и содаваме.
Импресии кои долго ќе ги паметат детските срца 🪴💥🐑

Запознајте ги идните археолози!

Во рамките на одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на НУ Завод и Музеј – Охрид, а согласно Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, на 16 и 17 јуни успешно беше реализиран едукативниот проект за деца „Мали археолози“. 

Проектот беше реализиран во две групи од по 20 деца, со цел преку интерактивен и практичен пристап да се поттикне интересот кај најмладите за археологијата, културното наследство и музејската дејност.

Активностите започнаа со запознавање на децата со основите на археологијата преку симулирана археолошка сонда на локалитетот Самуилова тврдина, каде учесниците имаа можност да се запознаат со методите на археолошките истражувања, процесот на ископување, документирање и зачувување на археолошките наоди.

Програмата продолжи со посета на музејската поставка во Спомен-куќата на Робевци, каде учесниците имаа можност да разгледаат дел од богатото археолошко и културно наследство изложено во музејот и да се запознаат со различни историски периоди преку музејските експонати.

Во завршниот дел од програмата беше организирана детска креативна работилница во Лапидариумот, каде децата преку практични активности ги применија стекнатите знаења, развивајќи ја својата креативност, љубопитност и интерес за археологијата и културното наследство.

Со успешната реализација на проектот „Мали археолози“ беа исполнети предвидените програмски цели – едукација на најмладите, промоција на културното наследство и јакнење на свеста за неговото значење и потребата од негово зачувување. Проектот уште еднаш ја потврди важноста на музејската едукација како значаен сегмент во доближувањето на културното наследство до младата публика.

На крајот од програмата, сите учесници добија диплома за успешно учество во археолошката авантура „Мали археолози“, како признание за нивната љубопитност, активност и успешно совладаните едукативни содржини.

Проектот го реализираа:

Татјана Стојоска Видовска – виш кустос, археолог за праисторија и протоисторија;

Фанче Каневчева Илоска – кустос, археолог за нумизматика;

Миле Илоски – археолог-документатор;

Ѓоко Филипоски – надворешен стручен соработник.

Ликовно – едукативна работилница за деца со типичен и атипичен развој

На 27 октомври во Галеријата на икони НУ Завод и Музеј Охрид , ученици од ОУ Св.Климент Охридски преку игра и едукација го запознаа светот на музеите и културното наследство – иконописот.

Тие решаваат целни задачи,твореа, составуваа сложувалки, гледаа документарен филм во прекрасниот амбиент на изложбениот дел на охридската Галерија на икони.

Работилницата беше организирана и водена од кустосот Катерина Велкоска, а одговорни наставници- дефектолози од училиштето беа Весна Кајмакоска и Симона Казанџиоска.

Креативните работилници продолжуваат во Охридската галерија на икони и со ученици од ООУ ,, Св. Наум Охридски”

Наумовите ученици на амбиентална настава во Галерија на икони

Низ едукативна игра, видео презентација и интерактивна сложувалка дечињата се запознаа со светот на музеите, учеа за богатото и непроценливо културно и духовно наследство на Охрид, кое грижливо се чува во Галеријата на икони.

Одговорен наставник директорката Валентина Рубаноска ,а водител на работилницата Катерина Велкоска

Студиски престој на студенти од отсекот за иконопис при Московската Духовна Академија во Сергиев Посад на Галеријата на икони-Охрид

03. 05. 2019 – 24. 05. 2019


Во периодот од 03 до 24 мај 2019 година во Галеријата н аикони-Охрид престојуваа и работеа шест студенти од завршната година на иконописниот отсек при Московската Духовна Академија од Сергиев Посад, Руска Федерација.

На нивно барање  а по претходно добиено одобрение од Управата за Заштита на Културното Наследство од Скопје, тие изработуваа копии на икони (вкупно шест) од перманентната поставка на Галеријата.

За време на нивниот престој, студентите беа посетени од нивната професорка и ментор Наталија Евгенеевна Алдошина, познат руски реставратор и конзерватор. Таа воопшто не го криеше воодушевувањето од убавината на иконите од Охридската колекција, нивната физичка состојба, конзерваторскиот третман, нивното одржување и презентација. Беше исто така многу задоволна од разговорите со МилчоГеогиевски-советник кустос во Галеријата на икони што е во состав на Н.У.Завод и Музеј-Охрид, за целокупната работа на Галеријата и изрази желба и надеж за идна соработка на Московската Духовна Академија со нашата институција да се продлабочи и да продолжи и за наредните генерации студенти.

Покрај студиската посета на Галеријата на икони-Охрид, студентите имаа можност да го разгледаат и да се воодушевуваат на убавините нафреско-живописот во средновековните цркви во Охрид, Прилеп, Ресен и Струмица.