Запознајте ги идните археолози!

Запознајте ги идните археолози!

Во рамките на одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на НУ Завод и Музеј – Охрид, а согласно Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, на 16 и 17 јуни успешно беше реализиран едукативниот проект за деца „Мали археолози“. 

Проектот беше реализиран во две групи од по 20 деца, со цел преку интерактивен и практичен пристап да се поттикне интересот кај најмладите за археологијата, културното наследство и музејската дејност.

Активностите започнаа со запознавање на децата со основите на археологијата преку симулирана археолошка сонда на локалитетот Самуилова тврдина, каде учесниците имаа можност да се запознаат со методите на археолошките истражувања, процесот на ископување, документирање и зачувување на археолошките наоди.

Програмата продолжи со посета на музејската поставка во Спомен-куќата на Робевци, каде учесниците имаа можност да разгледаат дел од богатото археолошко и културно наследство изложено во музејот и да се запознаат со различни историски периоди преку музејските експонати.

Во завршниот дел од програмата беше организирана детска креативна работилница во Лапидариумот, каде децата преку практични активности ги применија стекнатите знаења, развивајќи ја својата креативност, љубопитност и интерес за археологијата и културното наследство.

Со успешната реализација на проектот „Мали археолози“ беа исполнети предвидените програмски цели – едукација на најмладите, промоција на културното наследство и јакнење на свеста за неговото значење и потребата од негово зачувување. Проектот уште еднаш ја потврди важноста на музејската едукација како значаен сегмент во доближувањето на културното наследство до младата публика.

На крајот од програмата, сите учесници добија диплома за успешно учество во археолошката авантура „Мали археолози“, како признание за нивната љубопитност, активност и успешно совладаните едукативни содржини.

Проектот го реализираа:

Татјана Стојоска Видовска – виш кустос, археолог за праисторија и протоисторија;

Фанче Каневчева Илоска – кустос, археолог за нумизматика;

Миле Илоски – археолог-документатор;

Ѓоко Филипоски – надворешен стручен соработник.