НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид е домаќин и на ова издание на СИМПОЗИУМОТ ЗА ТЕОРЕТСКА МЕДИТЕРАНСКА АРХЕОЛОГИЈА која се одржува втора година по ред во Охрид, а во организација на Институтот за историја и археологија на Универзитетот Гоце Делчев, во соработка со Управата за заштита на културното наследство, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Институтот за културно наследство и археологија – Скопје, како и повеќе партнери од земјата и светот.
На симпозиумот ќе присуствува основачот и долгогодишен претседател на Шпанскиот институт за културно наследство, како и поранешен претседател на Европската асоцијација на археолозите, професор Фелипе Криадо Боадо, европскиот и холандски академик Варшлаус, како и раководители и професори од светски највисоко рангираните универзитети во областа на археологијата и античката историја: Сапиенца, Лејден, Универзитетскиот колеџ во Лондон (University College London), Макс Планк Институтот од Фиренца, Универзитет во Гетеборг, Полската академија, Австриската академија, УНЕСКО катедрата за наследство на иднината и повеќе европски и регионални универзитети и истражувачки центри.
Оваа година Меѓународниот научен симпозиум за теоретска медитеранска археологија Лихнида, ќе се одржи од од 18ти до 20ти Септември во Охрид на повеќе врвни локации на македонското културно наследство. Отворањето на симпозиумот ќе се одвива во Галеријата на икони – Охрид од 19 часот, а научните сесии во Меморијална куќа на Христо Узунов, Меморијалната куќа на Григор Прличев и Куќата на Робевци. Темата на овогодинешниот симпозиум е „Медитеранската археологија помеѓу империите и империјализмот“, а според директорот на симпозиумот и раководител на Институтот за историја и археологија на Универзитетот Гоце Делчев, професор Тевдовски, веќе е во подготовка и меѓународна научна публикација која ќе ги вклучи прилозите на еминентните гости и научници од земјава и светот.
Со отворањето на меѓународниот симпозиум се започнува и официјалното чествување на Европските денови на наследството во Охрид, градот на УНЕСКО.
