Запознајте ги идните археолози!

Во рамките на одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на НУ Завод и Музеј – Охрид, а согласно Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, на 16 и 17 јуни успешно беше реализиран едукативниот проект за деца „Мали археолози“. 

Проектот беше реализиран во две групи од по 20 деца, со цел преку интерактивен и практичен пристап да се поттикне интересот кај најмладите за археологијата, културното наследство и музејската дејност.

Активностите започнаа со запознавање на децата со основите на археологијата преку симулирана археолошка сонда на локалитетот Самуилова тврдина, каде учесниците имаа можност да се запознаат со методите на археолошките истражувања, процесот на ископување, документирање и зачувување на археолошките наоди.

Програмата продолжи со посета на музејската поставка во Спомен-куќата на Робевци, каде учесниците имаа можност да разгледаат дел од богатото археолошко и културно наследство изложено во музејот и да се запознаат со различни историски периоди преку музејските експонати.

Во завршниот дел од програмата беше организирана детска креативна работилница во Лапидариумот, каде децата преку практични активности ги применија стекнатите знаења, развивајќи ја својата креативност, љубопитност и интерес за археологијата и културното наследство.

Со успешната реализација на проектот „Мали археолози“ беа исполнети предвидените програмски цели – едукација на најмладите, промоција на културното наследство и јакнење на свеста за неговото значење и потребата од негово зачувување. Проектот уште еднаш ја потврди важноста на музејската едукација како значаен сегмент во доближувањето на културното наследство до младата публика.

На крајот од програмата, сите учесници добија диплома за успешно учество во археолошката авантура „Мали археолози“, како признание за нивната љубопитност, активност и успешно совладаните едукативни содржини.

Проектот го реализираа:

Татјана Стојоска Видовска – виш кустос, археолог за праисторија и протоисторија;

Фанче Каневчева Илоска – кустос, археолог за нумизматика;

Миле Илоски – археолог-документатор;

Ѓоко Филипоски – надворешен стручен соработник.

75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

Јубилеите се мигови кога времето добива посебно значење—моменти во кои се препознаваат трудот, посветеноста и вредностите создадени низ генерации.

Со особена чест ја одбележуваме 75-годишнината од основањето на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, институција која повеќе од седум децении претставува еден од најзначајните чувари на културното и историското наследство на Охрид и Македонија.

Оваа јубилејна изложба „Македонски автори од Збирката на современа уметност“ претставува симболичен потсетник на дел од најзначајните дела преку кои можат да се проследат неколку суштински и јасно разграничени линии во развојот на македонската уметност во XX век. Но исто така повод да се потсетиме на бројни реализирани проекти во изминатите 75 години од разни други области како конзерваторско – реставраторски зафати, археолошки истражувања, музејски поставки, научни проекти и активности насочени кон заштита, презентација и афирмација на културното наследство. Изложбата покрај што дaва пресек на автори и нивни творби, ја раскажува и приказната за нашата континуираната грижа за спомениците, артефактите и духовните вредности што го обликуваат идентитетот на Охридскиот регион.

Особена благодарност им се упатува на сите минати и сегашни вработени, стручни соработници и надворешни партнери кои со своето знаење, ентузијазам и професионална посветеност оставија трајна вредност во работата на институцијата. Нивниот труд е вграден во секој зачуван фрагмент од минатото и во секој нов чекор кон иднината.

Нека овај каталог и изложба бидат не само потсетник на сработеното, туку и поттик за продолжување на мисијата — зачувување, истражување и достоинствено претставување на културното наследство за генерациите што доаѓаат.

75 години НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид

Со особена чест ја најавуваме изложбата по повод 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

„Македонски автори од Збирката на современа уметност“ претставува избор на дела од музејската колекција, преку кои се отвора поглед кон значајни автори и уметнички текови што го обликувале развојот на македонската современа уметност.

Изложбата е можност јавноста повторно да се сретне со дел од културното богатство кое институцијата го чува, проучува и презентира низ својата 75-годишна историја.

директор м-р Горан Патчев
куратор м-р Сашо Блажески

НУ Завод и Музеј – Охрид
Куќата на Робевци

12 јуни – 08 јули

Отворање: 12 јуни, 20:00 часот

Ве покануваме да бидете дел од одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Завршија подготовките на летната сцена во Античкиот театар

Завршија подготовките за чистење и одржување на вегетацијата во и околу Антички театар, илуминација, како и санација на сцената согласно годишната програма на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид со подршка од Министерство за култура / Ministria e Kulturës како и со поединци сограѓани кои несебично помагаат во активностите, летната сцена спремно да ја дочека престојната сезона на концерти

300 години Саат кулата во Охрид – Симбол на времето и културното наследство

По повод 300 години од изградбата на Саат кулата во Охрид
Денес се одбележа значаен јубилеј – 300 години од Саат кулата во Охрид, еден од препознатливите симболи на нашиот град и нем сведок на вековите што минувале низ неговите улици.
Три столетија Саат кулата го мери времето на Охрид – времето на луѓето, на традицијата, на духовноста и на културниот развој. Таа не е само архитектонски објект, туку дел од колективната меморија и идентитетот на градот, споменик што нè поврзува со минатото и нè потсетува на нашата обврска да го чуваме наследството за идните генерации.
Прогласена е за споменик на културата со Решение од тогашниот Општински Завод за Заштита на спомениците на културата Охрид на 28.03.1968 година (58 години)
Како НУ Завод и Музеј – Охрид, институција која со посветеност се грижи за заштитата, истражувањето и афирмацијата на културното наследство, горди сме што сме дел од ова одбележување. Нашата мисија е да ги зачуваме овие вредности не само како материјални сведоштва, туку како жив дел од духот на Охрид.
Саат кулата во Охрид со својата едноставна архитектура изградена од скадарецот Чаваш Дол Сулејман ага во 1726 година, издигната над градскиот пазар во близина на црквата Св Богородица Каменско во месноста Дебој, неправедно беше запоставувана годините наназад.
Нашата установа има обврка да ја следи состојбата на споменикот и да изработи Елаборат за ревалоризација на истиот со предлог за посебен Режим на заштита.
Во оваа пригода директорот М-р Горан Патчев упати искрена благодарност до иницијаторот и до сите институции, соработници, стручни лица и граѓани кои придонесуваат за зачувување на нашето непроценливо наследство.
Нека овој голем јубилеј биде потсетник дека времето минува, но вредностите што ги чуваме остануваат да, сведочат за нас.

Посета на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на Галеријата на икони.

Македонска и Хрватска делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски и неговиот колега Андреј Пленковиќ денеска ја посетија амбиенталната целина на црковниот комплекс “Св. Богородица Перивлепта” и Галеријата на икони. Од нашата установа беа пречекани од директорот Горан Патчев и кустосот Катерина Ристеска Велкоска како и од кустос археолог Атанас Кипро кој ја претстави на гостите богатата ризница на Галеријата на икони.

„Од слово до вечност“

„Од слово до вечност“

По повод одбележувањето на 24 Мај, денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј на денешната свечена академија која се одржа во црквата „Света Софија“ во Охрид, НУ Завод и Музеј Охрид организира пригодна „Поставка на оригинални литургиски предмети од збирката на икони и копии од икони и фрески во чест на словенските просветители“

Изложба на калиграфија и детска работилница во Куќата на Робевци

Куќата на Робевци и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид се претвори во детска работилница за калигрфија. Благодарност до Биљана Станковиќ

Советување на тема „Музеите што го обединуваат поделениот свет“

Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) во рамките на своите активности по повод одбележувањето на 18 Мај-Меѓународниот ден на музеите, и оваа година го одржа традиционалното годишно Советување на тема „Музеите што го обединуваат поделениот свет“, каде и нашата установа со директорот м-р Горан Патчев зеде учество со своја презентација под наслов “Културното наслество како симбиоза на словенските народи” каде се претставија искуствата со Форумот на словенски култури, организација која ги обединува сите словенски земји кои делат слични културни активности а по повод добиената престижната награда Жива 2025 (Best Slavic Heritage Site)– Најдобар локалитет на словенското наследство. На советувањето се претставија и други музеи со свои презентации а беа доделени и награди и благодарници. (Музеј на Македонија Скопје 21 мај 2026).