„Учиме да ткаеме“- Уште еден успешно реализиран проект на НУ Завод и Музеј -Охрид

„Учиме да ткаеме“- Уште еден успешно реализиран проект на НУ Завод и Музеј -Охрид

           Во рамките на годишната програма  за 2026 г   НУ Завод за заштита на спомениците на културата  и Музеј-Охрид  го реализира  проектот  „Учиме да ткаеме“ .

Целна група на проектот беа деца од 7-12 годишна возраст и беа избрани  од ООУ „Св.Наум Охридски“- Пештани со кое училиште  НУ Завод и Музеј-Охрид има потпишан меморандум за соработка.Опфативме повеќе од 60 деца.

Според планираното проектот започна со посета на трло  кое се наоѓа во Струшкиот регион каде децата имаа можност,повеќето за прв пат, одблиску да видат трло со овци и да ја допрат волната со раце.Го видоа и процесот на стрижење на волната и научија како понатака волната се обработува за да стигне до нишка за ткаење.

Следуваше презентација на традиционално ткаење на разбој во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга и секое дете имаше можност да  види разбој , да  седне и да се запознае со начиниот на ткаење.

Проектот продолжи со посета на Куќата на Робевци каде што децата се запознаа со тоа што е  Музеј и која е  работата на музејот. Во рамките на посетата децата ја разгледаа етнолошката поставка во куќата , имаа можност да видат многу музејски предмети меѓу кои и предмети изработени од волна со процес на ткаење.Користејќи дел од музејските експонати (гребени,фурка,вретено)децата  го видоа процесот на влачење и традиционалното предење на волната.

Непосредната работа на децата на рамки за ткаење се одвиваше во музејскиот културен центар Лапидариум каде  што секое дете изработи производ според својата  идеа и замисла и најважно со свои раце.

Водители на проектот :дипл.инж.технолог Митаноска Билјана-конзерватор;Мишева Оливера -виш кустос етнолог.

Членови на стручниот тим:Иван Малезанов -кустос археолог;Катерина Велкоска-кустос историчас на уметност.

Во реализација на проектот  со огромен ентузијазам и љубов кон децата ,традицијата и музејската работа учествуваа и колегите:Фанче Бакулеска,Катерина Размоска ,Елена Стрезоска , Иван Стрезоски, Бојан Тасетовиќ.

Голема благодарност за соработката при реализација на проектот изразуваме на:

Директорката на ООУ„Св.Наум Охридски“-Пештани Валентина Рубаноска и наставниот кадар на училиштето.

Директорката на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“-Струга -Цветлана Василевска

Стојан Петкоски- сопственик на трлото

Велика Нестороска -чувар на ткајачката вештина и

Весна Илинчев   -презентер на традиционалното предење.

 Проектот се реализира во година кога НУ Завод и Музеј -Охрид одбележува 75 години јубилеј од основањето и во рамки на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“

Проектот е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.

НУ Завод и Музеј покрај својата редовна стручна дејност продолжува посветено  да работи  и на едукативни активности со цел запознавање и доближување на младите со корените и традицијата и промовирање на нашето богато материјално и нематеријално  културно наследство.