75 години НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид

Со особена чест ја најавуваме изложбата по повод 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.

„Македонски автори од Збирката на современа уметност“ претставува избор на дела од музејската колекција, преку кои се отвора поглед кон значајни автори и уметнички текови што го обликувале развојот на македонската современа уметност.

Изложбата е можност јавноста повторно да се сретне со дел од културното богатство кое институцијата го чува, проучува и презентира низ својата 75-годишна историја.

директор м-р Горан Патчев
куратор м-р Сашо Блажески

НУ Завод и Музеј – Охрид
Куќата на Робевци

12 јуни – 08 јули

Отворање: 12 јуни, 20:00 часот

Ве покануваме да бидете дел од одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Изложба на калиграфија и детска работилница во Куќата на Робевци

Куќата на Робевци и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид се претвори во детска работилница за калигрфија. Благодарност до Биљана Станковиќ

Изложба XXII БИМАС 2025

На 9 мај 2026 година во 19 часот, се отвори изложбата XXII БИМАС_2025, по иницијатива на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ) со претседателот Валентино Константиновски и членот на Управен одбор na AAM Методи Хаџи Андов, со пригодни обраќања на директорот на НУ Завод и Музеј Охрид м-р Горан Патчев и Ива Петрунова член на Управниот одбор на ААМ. Се работи за поставка од педесетина паноа од архитектонски трудови од минатогодинешниот XXII БИМАС_2025, како патувачка изложба на проекти, изведени градби, ентериери и конкурсни решенија во изложбениот простор на Куќата на Робевци. Изложбата ќе биде поставена до 20 мај 2026 година.

Изложба „Наследена носија“

Придружете ни се во четврток, 23 април, од 19:00 до 21:00 часот, во „Куќата на Робевци“ во Охрид, на отворањето на самостојната изложба на Мила Добревска, со наслов Наследена носија.

Наследена носија го пресликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување. Во овој контекст наследените носии не се само облеката што ја носиме, туку и начинот на кој се претставуваме и како другите нè перцепираат, одразувајќи ги наследните особини и тенденции што нè прават препознатливи. Изложбата се обраќа на помладата генерација како потсетник, токму за овие вредности и доблести кои остануваат нераскинлив дел од нас: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Овие карактеристики се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, со споредби, хармонии, испреплетувања, создавајќи нови толкувања и адаптации.

Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила ги преиспитува и прилагодува основните елементи на уметноста: боја, линија, површина, форма, материјал и простор користејќи рачно-моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање. Наследените вредности се преточуваат во нови форми кои смело се приклонуваaт кон современиот општествен контекст.

Ве очекуваме, во четврток на 23 април во „Куќата на Робевци“ во 19 часот.

Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј

На 5 декември 2025 година во 12 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј“.

На изложбата ќе бидат презентирани 80 експонати кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид. Изработени главно од сребро во филигранска техника и украсени со полускапоцени камења, украсни стакленца и висулци – трепетушки. Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар  кои датираат од крајот на XVII  до средината на XX век. Ќе бидат презентирани машки и женски прстени, прстени печатници со натписи и иницијали, столовати масивни прстени, прстени со кубести глави богато украсени со филигран и украсни камења и стакленца и прстени во вид на бурми.

  Прстенот е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации. Најзастапен, а некогаш и единствен накит. Покрај брачната фунција, прстенот печатник добива функција како обележје на статусот во рамки на државата, црквата, професијата и семејството. Но, заради неговата мистичност поврзана со неговиот облик на круг, се верува дека прстенот поседува и заштитна, прочистувачка, магиска и лечебна моќ. Тој е накит што се употребува и денес. Како брачен симбол, но и симбол на социјалниот статус, на моќна функција, а особено како одреден стил и мода на украсување. Но, секогаш ќе остане симбол на завет, единство, моќ, авторитет, достоинство и вечност.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.  Раководител на проектот – автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.

Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.

Изложба „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“

Вечерва во просторот на музејот „Куќата на Робевци” присуствуваме на една ретка и значајна уметничка изложба именувана „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче”.

Реткоста на оваа изложба е во тоа што со својот уметнички раскош ни се претставуваат тако и син, значи две генерации кои се исти во својот уметнички изблик но различни во своите дела, пред сè во уметничкиот израз и техниката што ја користат двајцата при создавањето на своите грандиозни дела. Ќе подвлечам уште една заедничка црта, а важи за двајцата: дела претставуваат културно сведоштво и уметнички дијалог со градот Охрид.

И двајцата уметници им се добро познати на културната јавност и во Охрид и во Македонија, но и надвор од наште граници.

Повеќе пати сум се искажувал за трајните вредности на Славко Упевче, а вечерва само ќе повторам дека преку овој ретроспективен поглед на цртежи, акварели, акрили и пастели, Славко Упевче ја бележи душата на охридскиот пејзаж и минатото, носејќи ги топлината и сеќавањата на еден град низ вековите. Пред очите тие ни се прелистуваат како живи страници на милениумската историја на Охрид. Пулсираат мирисите и боите на древноста, на она што останува во очите и во душата како шум на нешто блиско, но далечно, како светлосен зрак што нè грее, но е недофатлив, како сонувани бисери што ги имаме, но незапирливо ги губиме. Сигурен сум дека кај многумина што сме овде ни ја враќа носталгијата по Охрид кој, како песок ни истекува низ прстите.

Никола Упевче со ретката уметничка постапка и техника – мозаик ги обележува овие две и пол децении на 21 век во македонската уметност воопшто. Тој е уметник мозаичар кој негува и конзерваторски и реставраторски третмани на антички мозаици, а со самостојни и групни изложби е претставен во земјава и во странство.

„Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна. Комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и со свој препознатлив јазик”, ќе забележи неговиот италијански пријател – конзерватор Александро Лугари, а јас ќе додадам дека Никола Упевче со својата мозаична карта на Охрид и Лихнид, и преку современ израз прави мост до една нова визуелна перспектива, каде техниката и замислата се спојуваат во мурална експресија. Неговиот израз е современ, користи разни материјали и остава дела што го одразуваат мозаикот како неисцрпна истражувачка можност во овој техницизиран свет и му дава нов облик и сјај. Вечерва ја имаме можноста и да видиме како уметникот Никола Упевче мозаичната мапа на Охрид и Лихнид ја поставува на современ начин, но гледаме и модел на мозаичен „Градски часовник” наменет за црквата „Света Богородица Челничка” кој од високо ќе го мери идното охридско време. Механизмот за часовникот го конструира Борис Упевче.

Особено е важно што изложбата нè потсетува сите нас – уметници, истражувачи, љубителите на културата и публиката, – дека вистинското богатство лежи во колективното сеќавање, во одговорното пренесување на уметничкото наследство и во поддршката на креативниот процес што живее низ генерациите. Мозаици, часовничарски механизми, цртежи и слики стануваат овде јавно сведоштво за тоа колку длабока, трајна и сложена може да биде нашата историска и естетска поврзаност со градот и неговите творци. Колку и да напредуваме технички или да се менуваат ликовите на градот, човечката рака и нејзиниот творечки немир остануваат нашата најмоќна врска кон минатото и изворот на иднината.

Изложбата се оранизира во чест на 7 Ноември, денот на ослободувањето на Охрид.

Ви благодарам што сте дел од оваа средба на уметноста, меморијата и визијата за едно подобро културно утре, токму овде во срцето на Охрид.

ИЗЛОЖБА „ЗВУКОТ НА ПЕЈСАЖОТ“

Почитувани,
Со особена чест и задоволство ве покануваме на отворањето на изложбата „Звукот на пејзажот“, на 12.09.2025 (петок) во 19.30 часот во Куќата на Робевци.

Звукот на Пејзажот обединува шест уметници од С.Македонија и Австралија, чии различни уметнички практики нудат резонантна интерпретација на македонскиот пејзаж – неговите форми, текстури и емоционални одрази. Претставена во историската Куќа на Робевци во Охрид, изложбата претставува поетски дијалог помеѓу местото и сеќавањето, традицијата и личната визија.Во оваа меѓународна изложба учествуваат:
– Јуан Маклеод (Сиднеј, Австралија) – Високо реномиран уметник во Австралија и на меѓународната сцена, познат по своите моќни, емотивни пејзажи во кои човечката фигура често се спојува со природата.

– Билјана Поп Стефанија (Сиднеј, Австралија / Северна Македонија) – Мозаичарка и архитектка со богато изложбено искуство во Северна Македонија и надвор од неа, препознатлива по своите префинети композиции кои ги поврзуваат древните техники со современиот израз.

– Стив Лопес (Сиднеј, Австралија) – Истакнат австралиски сликар со значајна меѓународна изложбена активност, познат по своите експресивни дела создадени на терен, кои ја доловуваат атмосферата на просторот.

– Аница Китаноска (Вевчани, Северна Македонија) – Млада и надежна уметница која добива сѐ поголемо меѓународно внимание со своите дела во сликарството и мозаикот, прикажувајќи ја врската со просторот преку свеж и интуитивен пристап.

– Љубица Мешкова Солаковска (Битола, Северна Македонија) – Сликарка чија употреба на боја и текстура го изразува лирскиот и духовниот карактер на македонскиот пејзаж.

– Ристе Андриевски (Волонгонг, Австралија / Северна Македонија) – Мултидисциплинарен уметник кој работи во областа на фотографијата, истражувајќи ги сеќавањето, идентитетот и слоевитото доживување на пејзажот.

Секој од уметниците презентира дела инспирирани од пејзажите на Охрид и Северна Македонија, толкувани низ сопствена емоционална, културна и материјална призма. Медиумите што ги користат – сликарство, мозаик и фотографија – нудат повеќеслојно доживување на пејзажот, не само како визуелна туку и како сензорна и емотивна појава.Особено значајно е што Јуан Маклеод и Стив Лопес ја посетија С.Македонија во 2024 година, каде што работеа на терен (en plein air), создавајќи слики инспирирани од директното доживување на македонскиот пејзаж. Тие дела го носат моменталниот дух и атмосферата на просторот, почувствувани во реално време.Во својата суштина, Звукот на Пејзажот е колективен израз на поврзаност – помеѓу човекот и местото, помеѓу традицијата и иновацијата, и помеѓу С.Македонија и нејзината поширока уметничка дијаспора, вклучувајќи ги и сѐ подлабоките уметнички врски со Австралија. Изложбата ги поканува гледачите да слушаат зад визуелното – да го почувствуваат емоционалниот одек што одекнува низ секое дело, без разлика дали е насликано, изработено во мозаик или фатено преку објективот. 

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБА

Почитувани,

Со особена чест ве покануваме на отворањето на самостојната изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена “Нурни во мене“ во Куќата на Робевци на 01.август во 20 часот.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид. Изложбата го носи насловот Нурни во мене’’,а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска , виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана , куратор од Париз и Маја Чанкуловска.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија ,Романија и Австрија.

Изложба

Почитувани!

Во сабота 19 јули, во 20 часот во музејско културнот центар Лапидариум од Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата ”Патот на фреската” од авторите Анѓелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата” Патот на фреската” преставува еден необичен спој на современи дела изработени во традиционална фреско техника.

Изложбата е подржана од Министерство за култура и туризам.