23. 05. 2016 – 06. 06. 2016
Традиционалната манифестација “Македонија во чест на Св Кирил”, во 2016 година по 48 пат се одржа во Рим, Италија и беше во знакот на одбележување на двете значајни годишнини, 1130 години од доаѓањето на Св Климент Охридски во нашиот град и 1100 години од неговото упокојување. По тој повод Националната установа Завод и Музеј-Охрид реализираше пригодна изложба што беше отворена на 23 мај во просториите на универзитетот Урбаниана во Ватикан, во присуство на министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска и претседателот на собранието на РМ, Трајко Вељаноски.
На изложбата беа презентирани 18 фреско-копии со ликот на Св Климент, сам или заедно со други светители, од црквите на територијата на Република Македонија и соседните Балкански земји. Беа изложени и пет икони од XIII до XIX век од збирката на нашата институција меѓу кои и најстарата сликана икона со претстава на св. Кимент Охридски, која, заедно со дрвената релјефна икона, е најстарата икона со претстава на заштитникот на Охрид.
Дел од изложбата беа и одреден број фотографии на цркви каде што одреден период од историјата почивале моштите на светителот, фотографии од самите мошти светителот, неговиот гроб на Плаошник, како и фотографии на современи дела-монументални споменици со неговиот лик.
Изложба “Св. Климент Охридски и неговите претстави во уметноста” во просториите на Понтификалниот универзитет Урбаниана во Ватикан

