На ден 09.07.2018 година, претседателката на Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија, д-р Ирена Стефоска, беше во посета на НУ Завод и Музеј – Охрид. На Античкиот театар и беа презентирани извршените работи на реконструкција и санација на пристапните скали и платформите и уредувањето на просторот од страна на нашата институција.
Во рамките на 6-тото издание на меѓународната летна школа по архитектура и дизајн која се одржуваше од 30 јуни до 08 јули 2018 во Охрид, во соработка на НУ Завод и Музеј Охрид со Американ Колеџ – Скопје,.се одржа предавање и разговор со професор Митеш Диксит, архитект по Архитектура на Syracuse University, New York како и изложба на трудовите изработени за време на летната школа со наслов ,,Материјални Контури” во Куќата на Робевци, Охрид, Македонија, на 7 јули, од 19:00 часот
Митеш Диксит од архитектонското студио DOMAIN OFFICE во неговото предавање “On Process” ја истражува релацијата на теоријата и праксата, прашањето за постоењето и значењето на теоријата и суштествената конституција на дефиницијата при процесот на проектирање. Преку анализа на два проекти од различна архитектонска типологија, контекст и локација, Диксит ја илустрира тенденцијата и копнежот на архитектонското студио DOMAIN OFFICE во потрага по “нова” дефиниција во праксата.
Минатиот петок во Галерија Робевци беше отворена изложбата ”Бисерно синило” на ликовниот уметник Блашка Ми Ева. Во врска со делата изработени во акварелна техника авторот ќе напише : Насловот на изложбата, „Бисерно Синило“ е всушност наслов на едно дело, кое е и носечко дело. Бисерно синило претставува симбиоза на водената шир и небото, каде се создаваат одблесоци и рефлексии од сончевите зраци, каде навидум изгледа како бисери да се движат по површината. Бисерот како една рефлективна форма која со своите нежни нијанси на светло сини, светло розови, светло жолти бои, создаваат богатство на бои кои се и повеќе од доволно за инспирација на овој циклус.
Блашка Ми Ева родена 1986 во Скопје. Дипломирана на факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство под менторство на проф. Вело Ташовски, со подотсек, конзервација и реставрација на фрески и икони. Завршено средно уметничко училиште “Лазар Личеноски„ – Скопје, на отсекот текстил и облека кај професорката Лира Грабул. Добитник е на наградата најдобар студент на генерација за 2008/09 год. на УКИМ. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Има реализирано 5 самостојни изложби во Скопје и многубројни групни изложби во земјава и надвор од неа. Активно работи на полето на дизајн на накит веќе 15 години. Живее и работи во Скопје. Селектирани реализирани изложби: Самостојна изложба во МКЦ Скопје 2009; Самостојна изложба во Креактив Скопје 2011; Групна изложба во Прима Центар Берлин – Берлин 2013; Инсталација на Бела Нок – Скопје , МКЦ 2014; Самостојна изложба на мозаици, Концепт 37, Скопје 2014; Учество на Саем за современа уметност – Paratissima Skopje 2016; Самостојна изложба на цртежи – Дом на култура – Гостивар 2016; Самостојна изложба на цртежи – Музеј на Град Скопје- 2017 Самостојна изложба на цртежи Галерија Робевци – Охрид 2018
По повод 8-ми март синоќа женското друштво Бисера од Охрид ја отвори својата традиционална изложба во галеријата Робевци. Изложбата по традиција се отвара еден ден пред празникот на жената и на неа учествуваат жени сликарки од Охрид. Изложбата ќе трае една недела односно до 15-ти март.
Во Куќата на Робевци на 17-ти јануари се отвори еднодневна изложба на ракотворби и предмети од традицијата на Турција. Изложбата беше дел од активностите на Шестата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2018“ на тема „Дијаспора, транснационализам и интеркултурни комуникации како нови форми на социјален капитал“. Експонатите што беа изложени се дела на учесниците на конференцијата од Универзитетот Селџук од Коња, Турција. Поставката се реализира во соработка со етнолошкото одделелние на НУ Завод и Музеј – Охрид. Изложбата ја отворија претставниците на Огранизацискиот одбор на конференцијата проф.д-р Рубин Земон од Универзитетот Евро-Балкан од Скопје, Република Македонија и проф.д-р Ахмет Ајтаџ од Универзитетот Селџук од Коња, Република Турција.
Зафировска е родена во Скопје. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на одсекот сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн.Во 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот;
Христина Зафировска работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото;
Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни фестивали, работилници, симпозиуми, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко;
На оваа изложба ќе бидат изложени 15 дела од нејзиниот најнов авторски опус изработени во комбинирана техника на хартија.
Во петок 29.09.2017 во 20 часот во Галерија Робевци ќе биде отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена А4. Изложбата е во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија а кај нас ќе пристигне на основа на неодамнешната соработка со кустосот организатор на истата проф.др. Овидиу Кроитору. На изложбата ќе бидат изложени цртежи, скици и графики на уметници и на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД и Чешка.
Во ова трето издание кое ќе гостува една недела во Галеријата Робевци ќе учествуваат и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот графичките техники како ликовно изразно средство.
Изложбата А4 за прв пат е отворена во Националната Универзитетска Галерија -УНА Галерија во Букурешт а по гостувањето во Галерија Робевци истата ќе биде изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија.
На ден 11.08.2017 во Галерија Робевци е отворена изложбата АНТОЛОГИЈА I содржана од дела на доајените на македонското сликарство :Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман и Василие Поповиќ-Цицо, Изложените дела се составен дел од збирката на Современа Уметност при Завод и Музеј -Охрид и за прв пат се претставуваат пред домашната публика во антологиска верзија. Изложбата ќе трае до 13.09.2017 и истата ќе биде отворена за посета во временскиот интервал од (9-14)часот и од (19-22)часот.
Синоќа во Галеријата “Робевци” во Охрид беше отворена шестата самостојна изложба на охридскиот сликар Сашо Блажес, под наслов “Страст за носталгија”.
Сашо Блажес е роден во Охрид во 1980 година, а ова е негово трето самостојно претставување пред охридската публика. Покрај петте самостојни изложби, овој ликовен уметник, кој своето образование го оформил на Факултетот за ликовна уметност во Букурешт, Романија (2002-2006), каде што и магистрирал во 2008 година, до сега учествувал на и на голем број групни изложби во земјава и светот.
Неговиот најнов циклус слики, изработени во последните неколку години (2015-2017) се состои од серија портрети кои навидум реферираат на класичниот поим и постапка во нивната изработка. Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како “спомени”, “огледала на реалноста”, “наративи”, “различни реалности”, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти.
Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало.
Во рамките на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, а како дел од летната изложбена програма на НУ Завод и Музеј-Охрид, во галеријата Робевци во Охрид беше отворена изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов.
Овој реномиран македонски сликар, кој во истиот простор во Охрид се претстави и пред две години со неговата 60-та самостојна изложба под наслов “Светлина од минатото”, на својата најнова изложба се претстави со најновите дела од богатиот опус.
Досега Хаџи-Николов има остварено голем број самостојни изложби, не само во Македонија туку и ширум светот, почнувајќи од 1982 па сè до денес.
Хаџи-Николов учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјата и надвор од неа. Учесник е на повеќе меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност “Импресија” во Пловдив, Бугарија.
Стефан Хаџи-Николов има добиено бројни признанија и престижни награди од областа на уметноста, со кои е потврдено неговото творештво.
Изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов во галеријата Робевци во Охрид.