Студиски престој на студенти од отсекот за иконопис при Московската Духовна Академија во Сергиев Посад на Галеријата на икони-Охрид

03. 05. 2019 – 24. 05. 2019


Во периодот од 03 до 24 мај 2019 година во Галеријата н аикони-Охрид престојуваа и работеа шест студенти од завршната година на иконописниот отсек при Московската Духовна Академија од Сергиев Посад, Руска Федерација.

На нивно барање  а по претходно добиено одобрение од Управата за Заштита на Културното Наследство од Скопје, тие изработуваа копии на икони (вкупно шест) од перманентната поставка на Галеријата.

За време на нивниот престој, студентите беа посетени од нивната професорка и ментор Наталија Евгенеевна Алдошина, познат руски реставратор и конзерватор. Таа воопшто не го криеше воодушевувањето од убавината на иконите од Охридската колекција, нивната физичка состојба, конзерваторскиот третман, нивното одржување и презентација. Беше исто така многу задоволна од разговорите со МилчоГеогиевски-советник кустос во Галеријата на икони што е во состав на Н.У.Завод и Музеј-Охрид, за целокупната работа на Галеријата и изрази желба и надеж за идна соработка на Московската Духовна Академија со нашата институција да се продлабочи и да продолжи и за наредните генерации студенти.

Покрај студиската посета на Галеријата на икони-Охрид, студентите имаа можност да го разгледаат и да се воодушевуваат на убавините нафреско-живописот во средновековните цркви во Охрид, Прилеп, Ресен и Струмица.

ПОСЕТА НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД Г-ДИН МАЈК ПОМПЕО НА ГАЛЕРИЈАТА НА ИКОНИ-ОХРИД И ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА

04. 10. 2019


Во рамките на официјалната посета на нашата земја на 04.10.2019 година, државниот секретар на Соединетите Американски Држави, г-дин Мајк Помпео, заедно со сопругата, г-ѓа Сузан Помпео,престојуваше во Охрид. Државниот секретар и неговата придружба, во која беа поранешниот амбасадор во нашата земја, а сега помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз и советниците Мери Кисел и Рики Вадел,ја посетијаГалеријата на икони што е во рамките на НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие беа видновоодушевени од сјајот и убавинатана иконите од охридската збирка,пројавувајќи огромен интерес за нивнатавредност и значење.

Во Галеријата на икони нависоките гости од САД им беа презентирани и ракописи од IX и X век кои се дел од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид и кои специјално за оваа прилика беа времено изложени во изложбениот простор на Галеријата.

Покрај Галеријата на икони, гостите од САД ја посетија и црквата Св. Богородица Перивлепта од 1295 година,која е едно од најзначајните христијански светилишта и ремек-дела на византиската архитектура и ѕидносликарство.

Конзервацијата на архитектурата и фреско-живописот на оваа црква, како значајно црковно и културно наследство, беше реализирана во рамките на проектот што траеше од 2009 до 2016 година, со средства обезбедени преку програмите на УСАИД и посебниот амбасадорски фонд за заштита на цивилизациските артефакти на културното и историското наследство, од кој беа издвоени 650.000 долари.

Активности во пресрет на туристичката сезона

04. 03. 2019 – 22. 03. 2019


Вработените во НУ Завод и Музеј – Охрид, во пресрет на туристичката сезона, преземаат бројни активности за уредување на локалитетите. Во изминатиов период акцентот беше ставен на партерно и хортикултурно уредување на пристапот до најпосетениот локалитет – Самуиловата тврдина.

Комеморација за ГОЦЕ АНГЕЛИЧИН ЖУРА во спомен куќата на Христо Узунов

03. 04. 2019 – 04. 04. 2019


На 03.04.2019 во 10:30 часот во спомен куќата на Христо Узунов ќе се одржи комеморација за Гоце Ангеличин Жура и ќе биде отворена книга на жалост.

 Книгата на жалост по повод смртта на колегата Гоце Ангеличин Жура, ќе биде изложена во холот на НУ Завод и Музеј – Охрид до 10.04.2019 година.

Гоце Ангеличин-Жура (1951- 2019)

Основно и средно образование завршил во Охрид, дипломирал на Филозофскиот факултет, група Историја на уметност со археологија,  во Скопје. Се вработил во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид во 1980 година, каде што непрекинато е во работен однос до неговото пензионирање како историчар на уметноста со стручно звање советник-конзерватор. Во рамките на своите заводски задолженија како раководител на ресорот за Фрескоживопис и иконопис од X до XX век во Охрид и охридскиот регион, вршел перманентен увид врз состојбата на спомениците на културата. Тој е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерните цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач е на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе – Р.Албанија, што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една голема празнина за овој период. Неговите истражувања резултираат исто така и со огромна фото-документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Гоце Ангеличн – Жура ја применил својата стручна информираност во многу јавни настапи низ аудио-визуелните медиуми и печатот, како и со соработка за дигитални проекти, со што придонел за значително поголем интерес на пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност.

Свои стручно-научни трудови има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство. Токму поради ваквата стручно-научна активност тој е застапен во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и Повелбата Патрон на градот “Свети Климент Охридски“ во 2007 година.

Амбасадорот Бејли во посета на Галеријата на икони

11. 02. 2019 – 12. 02. 2019


На 11.02.2019 година, амбасадорот на Соединетите Американски Држави, г-динот Џес Бејли, за време на престојот во Охрид, ги посети Галеријата на икони, црквата Св. Богородица Перивлепта и црквата Св. Јован – Канео, придружуван од в. д. директорот на НУ Завод и Музеј – Охрид, Елеонора Новаковска.

Амбасадорот Бејли пројави особен интерес за иконите изложени во Галеријата, кои му беа презентирани од страна на надлежниот кустос, Милчо Георгиевски. Црквата Св. Богородица Перивлепта, како еден од најзначајните и највредните споменици, е реставрирана и конзервирана со средства од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство и амбасадорот имаше можност повторно да се воодушевува од импресивниот фрескоживопис. На крајот од престојот, амбасадорот Бејли ја посети црквата Св. Јован – Канео, едно од најубавите и најпрепознатливите места во Охрид и Македонија.  

Отворен Музејот “Куќата на Робевци”

08. 12. 2018 – 09. 12. 2018


            На ден 08.12.2018 год., во 12 часот, Музејот – Куќа на Робевци ги отвори портите со целосно обновен ентериер, осовременети поставки и нова етнолошка поставка. Настанот се одржа во рамки на активностите поврзани со чествувањето на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски, кој Национална установа Завод за заштита на спомениците и Музеј – Охрид ги реализираше во соработка со Општина Охрид. Во рамките на свеченото отварање, во ширванот на Куќата на Робевци беше промовирана книгата Охридска писменост од проф. д-р Димитар Пандев.

По трагите на светите Кирил и Методиј

07. 12. 2018 – 12. 12. 2018


На 07.12.2018 година во 18 часот Куќата на Уранија-МАНУ и во Куќата на Робевци беше отворена изложбата “По трагите на свети Кирил и Методиј”. На свеченоста , во име на организаторите, Општина Охрид, Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и Словачката Национална Библиотека, се обратија градоначалникот Јован Стојаноски и амбасадорот Хенрик Маркуш.  Автор на фотографиите е познатиот меѓународен експерт за надворешна политика, господинот Павол Демеш, кој три години патувал и ги фотографирал најзначајните објекти, поврзани со животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, презентирајќи го патот на трите големи мисии, кај Арабите, кај Хазарите и мисијата во Велика Моравија. Кураторот на изложбата , господинот Стојан Лекоски истакна дека оваа патувачка изложба е преставена за прв пат во Братиславскиот замок, во неколку градови во Европа и САД, како и во Република Македонија. Изложбата ќе трае до 12.12.2018 година.

СОФРАТА во охридските килими

19. 10. 2018 – 01. 02. 2019


На 19. 10. 2018 год во 13 часот во Куќата на Робевци  беше отворена изложбата СОФРАТА  во охридските килими. На изложбата се прзентирани 11 килими . Тие потекнуваат од средината на 19 век и се сведок за постоење на една традиција. Се постилале на ѕид, но доминацијата била постелени на под, главно во пространите гостински одаи и чардаци. За делник биле наменети едни, а за празник понови и поубави. Тие главно биле сопственост на побогатите слоеви на населението од тоа време за што сведочата натписите со имињата на килимите. Како најкарактеристичен дел во килимите што е  и  предмет на оваа изложба е софрата. Таа се наоѓа во централниот дел на килимите и плени со својата шара и убавина. Уште се среќава и под поимот ниша, а се претпоставува дека името го добила по тоа што фамилијата се собирала токму тука  за консумирање на храната околу софрата, а подоцна и масата. Килимената орнаментика  Охрид јасно го одделува од другите балкански и македонски килимарски центри , со што го прави најзначаен и најоригинален центар во овој регион.

Изложбата ќе биде отворена до 01.02. 2019 год.

Базар на охридски ракотворби

22. 08. 2018 – 27. 08. 2018


Од 22 до 27 август, на Сараиште, се одржува Базар на охридски ракотворби.

На иницијатива на НУ Завод и Музеј – Охрид , со поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот на Општина Охрид, на просторот пред куќата на Христо Узунов, на Сараиште, од 22 до 27 август 2018 год. се одржува Базар на охридски ракотворби.

Овој проект се реализира со цел да ги афирмира и промовира локалните занаети, кои како дел од традицијата и наследството, преточени во рачни изработки – сувенири, стануваат достапни за туристите и посетителите на Охрид.

АНТОЛОГИЈА II

10. 08. 2018 – 04. 10. 2018


На 10.08.2018.во 20 часот беше отворена изложбата Антологија II (македонско сликарство 1950-1965) , избор на дела од збирката на Современа Уметност при Н.У. Завод и Музеј-Охрид. На изложбата се преставени дела на Петар Мазев, Драгутин Аврамовски-Гуте, Борко Лазески, Иван Велков, Спасе Куноски, Томо Шијак, Димитар Кондовски, Миле Корубин, Љубодраг Маринковиќ-Пенкин, Борислав Трајковски, Ванчо Георгиев, Јован Димоски, Трајче Николовски и Јосиф Трајковски. Изложбата ќе трае до 4-ти октомври.