Комеморација за ГОЦЕ АНГЕЛИЧИН ЖУРА во спомен куќата на Христо Узунов

03. 04. 2019 – 04. 04. 2019


На 03.04.2019 во 10:30 часот во спомен куќата на Христо Узунов ќе се одржи комеморација за Гоце Ангеличин Жура и ќе биде отворена книга на жалост.

 Книгата на жалост по повод смртта на колегата Гоце Ангеличин Жура, ќе биде изложена во холот на НУ Завод и Музеј – Охрид до 10.04.2019 година.

Гоце Ангеличин-Жура (1951- 2019)

Основно и средно образование завршил во Охрид, дипломирал на Филозофскиот факултет, група Историја на уметност со археологија,  во Скопје. Се вработил во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид во 1980 година, каде што непрекинато е во работен однос до неговото пензионирање како историчар на уметноста со стручно звање советник-конзерватор. Во рамките на своите заводски задолженија како раководител на ресорот за Фрескоживопис и иконопис од X до XX век во Охрид и охридскиот регион, вршел перманентен увид врз состојбата на спомениците на културата. Тој е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерните цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач е на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе – Р.Албанија, што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една голема празнина за овој период. Неговите истражувања резултираат исто така и со огромна фото-документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Гоце Ангеличн – Жура ја применил својата стручна информираност во многу јавни настапи низ аудио-визуелните медиуми и печатот, како и со соработка за дигитални проекти, со што придонел за значително поголем интерес на пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност.

Свои стручно-научни трудови има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство. Токму поради ваквата стручно-научна активност тој е застапен во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и Повелбата Патрон на градот “Свети Климент Охридски“ во 2007 година.