Работна акција ”Не биди ѓубре” 

 
 14. 12. 2019 – 15. 12. 2019

На ден 14.12.2019 г. од страна на вработените при Н.У.Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид , се изврши работната акција наречена” Не биди ѓубре”.

Посета на министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг

 
 23. 11. 2019

Министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг и министерот за култура на Република Северна Македонија, Хисни Исмаили, на 23. 11. 2019 го посетија Охрид. Министерот Шуганг ја предводи кинеската делегација на 4-от Министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин е нашата земја.  

Во рамките на посетата на Охрид, двајцата министри и високата кинеска делегација, во придружба на домаќините од нашата институција, посетија дел од спомениците на културата и музејските поставки за кои се грижи НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие ја разгледаа сталната поставка во светски познатата Галерија на икони, црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија, археолошкиот локалитет Плаошник и археолошката и етнолошката поставка во куќата на Робевци. При разгледот на стариот дел на Охрид, министерот Шуганг имаше можност да се запознае со богатото културно наследство на нашиот град, пројавувајќи голем интерес за истото и искажувајќи задоволство од неговата состојба, презентираност и грижа за него. За време на посетата, делегацијата прошета и низ Старата охридска чаршија, а ја посети и работилницата за рачна изработка на хартија, каде што му беше демонстриран самиот процес на изработка, а му беше презентиран и начинот на изработка на уникатниот Охридски бисер при посетата на еден од продажните салони на семејството Филеви.

Емел Махмуд Изложба

11. 10. 2019 – 25. 10. 2019


Минатиот петок на 11.10.2019 год. се отвори самостојната изложба на Охридската сликарка и педагог Емел Махмуд. Изложбата ја содржат најнови дела работени во последните неколку години во различни сликарски техники, пастел, акварел, акрил на платно, комбинирани техники…. Ова е втора самостојна  изложба на Емел Махмуд во Куќата на Робевци и истата ќе биде отворена за посета секој ден освен понеделник од 09 до15 часот. Изложбара ќе трае до 25 септември.

Новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Брнс во посета на црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони во Охрид

13. 07. 2019


Новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Брнс во посета на црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони во Охрид

Амбасадорката на САД, својот престој во Охрид го искористи да ги посети црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони, во присуство на в. д. директорката на НУ Завод и Музеј – Охрид, Елеонора Новаковска и стручни лица вработени во институцијата. При посетата и беа презентирани постапката на конзервација и реставрација на црквата Св. Богородица Перивлепта, која беше реализирана со средства од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство, како и вредните икони од постојаната поставка во Галеријата на икони.

Одбележан 18-ти мај, денот на музејските работници

 17. 05. 2019 – 24. 05. 2019


На 17-ти мај по повод Меѓународниот ден на Музеите во Галеријата Робевци се отвори 29-тата традиционална изложба на уметнички дела. Изложени се дела  работени во различни техники: масло на платно, акрил на платно, сутаж, комбинирана техника, скулптура во дрво, туш на хартија и акварел на хартија од 13 уметници од Охрид, Скопје, Романија и Турција кои изложувале во Галеријата Робевци во изминатите години : Владимир Пајиќ-Пајо, Марија Мешкоска, Билјана Тодороска, Мустафа Џеват Атал, Тања Џипунов, Васе Урдин, Емилија Персу, Зоран Мише, Вангел Наумовски, Христина Зафировска, Стефан Хаџи Николов, Мирко Вуисиќ и Блашка Ми Ева.

            Во рамки на чествувањата на Меѓународениот ден на Музеите од страна на МНК на ИКОМ беше доделена Пофалница на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за Музеј на годината – Проект: „Реконструкција на постојана музејска поставка“ – Куќа на Робевци.

            На истиот датум беше потпишан Анекс за изменување и дополнување на Колективниот договор на ниво на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за усогласување со нивелацијата на платите на вработените во институциите од областа на културата.

Студиски престој на студенти од отсекот за иконопис при Московската Духовна Академија во Сергиев Посад на Галеријата на икони-Охрид

03. 05. 2019 – 24. 05. 2019


Во периодот од 03 до 24 мај 2019 година во Галеријата н аикони-Охрид престојуваа и работеа шест студенти од завршната година на иконописниот отсек при Московската Духовна Академија од Сергиев Посад, Руска Федерација.

На нивно барање  а по претходно добиено одобрение од Управата за Заштита на Културното Наследство од Скопје, тие изработуваа копии на икони (вкупно шест) од перманентната поставка на Галеријата.

За време на нивниот престој, студентите беа посетени од нивната професорка и ментор Наталија Евгенеевна Алдошина, познат руски реставратор и конзерватор. Таа воопшто не го криеше воодушевувањето од убавината на иконите од Охридската колекција, нивната физичка состојба, конзерваторскиот третман, нивното одржување и презентација. Беше исто така многу задоволна од разговорите со МилчоГеогиевски-советник кустос во Галеријата на икони што е во состав на Н.У.Завод и Музеј-Охрид, за целокупната работа на Галеријата и изрази желба и надеж за идна соработка на Московската Духовна Академија со нашата институција да се продлабочи и да продолжи и за наредните генерации студенти.

Покрај студиската посета на Галеријата на икони-Охрид, студентите имаа можност да го разгледаат и да се воодушевуваат на убавините нафреско-живописот во средновековните цркви во Охрид, Прилеп, Ресен и Струмица.

ПОСЕТА НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД Г-ДИН МАЈК ПОМПЕО НА ГАЛЕРИЈАТА НА ИКОНИ-ОХРИД И ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА

04. 10. 2019


Во рамките на официјалната посета на нашата земја на 04.10.2019 година, државниот секретар на Соединетите Американски Држави, г-дин Мајк Помпео, заедно со сопругата, г-ѓа Сузан Помпео,престојуваше во Охрид. Државниот секретар и неговата придружба, во која беа поранешниот амбасадор во нашата земја, а сега помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз и советниците Мери Кисел и Рики Вадел,ја посетијаГалеријата на икони што е во рамките на НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие беа видновоодушевени од сјајот и убавинатана иконите од охридската збирка,пројавувајќи огромен интерес за нивнатавредност и значење.

Во Галеријата на икони нависоките гости од САД им беа презентирани и ракописи од IX и X век кои се дел од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид и кои специјално за оваа прилика беа времено изложени во изложбениот простор на Галеријата.

Покрај Галеријата на икони, гостите од САД ја посетија и црквата Св. Богородица Перивлепта од 1295 година,која е едно од најзначајните христијански светилишта и ремек-дела на византиската архитектура и ѕидносликарство.

Конзервацијата на архитектурата и фреско-живописот на оваа црква, како значајно црковно и културно наследство, беше реализирана во рамките на проектот што траеше од 2009 до 2016 година, со средства обезбедени преку програмите на УСАИД и посебниот амбасадорски фонд за заштита на цивилизациските артефакти на културното и историското наследство, од кој беа издвоени 650.000 долари.

Активности во пресрет на туристичката сезона

04. 03. 2019 – 22. 03. 2019


Вработените во НУ Завод и Музеј – Охрид, во пресрет на туристичката сезона, преземаат бројни активности за уредување на локалитетите. Во изминатиов период акцентот беше ставен на партерно и хортикултурно уредување на пристапот до најпосетениот локалитет – Самуиловата тврдина.

Комеморација за ГОЦЕ АНГЕЛИЧИН ЖУРА во спомен куќата на Христо Узунов

03. 04. 2019 – 04. 04. 2019


На 03.04.2019 во 10:30 часот во спомен куќата на Христо Узунов ќе се одржи комеморација за Гоце Ангеличин Жура и ќе биде отворена книга на жалост.

 Книгата на жалост по повод смртта на колегата Гоце Ангеличин Жура, ќе биде изложена во холот на НУ Завод и Музеј – Охрид до 10.04.2019 година.

Гоце Ангеличин-Жура (1951- 2019)

Основно и средно образование завршил во Охрид, дипломирал на Филозофскиот факултет, група Историја на уметност со археологија,  во Скопје. Се вработил во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид во 1980 година, каде што непрекинато е во работен однос до неговото пензионирање како историчар на уметноста со стручно звање советник-конзерватор. Во рамките на своите заводски задолженија како раководител на ресорот за Фрескоживопис и иконопис од X до XX век во Охрид и охридскиот регион, вршел перманентен увид врз состојбата на спомениците на културата. Тој е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерните цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач е на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе – Р.Албанија, што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една голема празнина за овој период. Неговите истражувања резултираат исто така и со огромна фото-документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Гоце Ангеличн – Жура ја применил својата стручна информираност во многу јавни настапи низ аудио-визуелните медиуми и печатот, како и со соработка за дигитални проекти, со што придонел за значително поголем интерес на пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност.

Свои стручно-научни трудови има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство. Токму поради ваквата стручно-научна активност тој е застапен во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и Повелбата Патрон на градот “Свети Климент Охридски“ во 2007 година.

Амбасадорот Бејли во посета на Галеријата на икони

11. 02. 2019 – 12. 02. 2019


На 11.02.2019 година, амбасадорот на Соединетите Американски Држави, г-динот Џес Бејли, за време на престојот во Охрид, ги посети Галеријата на икони, црквата Св. Богородица Перивлепта и црквата Св. Јован – Канео, придружуван од в. д. директорот на НУ Завод и Музеј – Охрид, Елеонора Новаковска.

Амбасадорот Бејли пројави особен интерес за иконите изложени во Галеријата, кои му беа презентирани од страна на надлежниот кустос, Милчо Георгиевски. Црквата Св. Богородица Перивлепта, како еден од најзначајните и највредните споменици, е реставрирана и конзервирана со средства од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство и амбасадорот имаше можност повторно да се воодушевува од импресивниот фрескоживопис. На крајот од престојот, амбасадорот Бејли ја посети црквата Св. Јован – Канео, едно од најубавите и најпрепознатливите места во Охрид и Македонија.