Изложба

Почитувани!

Во сабота 19 јули, во 20 часот во музејско културнот центар Лапидариум од Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата ”Патот на фреската” од авторите Анѓелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата” Патот на фреската” преставува еден необичен спој на современи дела изработени во традиционална фреско техника.

Изложбата е подржана од Министерство за култура и туризам.

Конкурс за Награда Жива 2025 / „Најдобро словенско наследство“ /Форум на словенски култури

Нашата установа со своите музејски објекти и локалитети, влезе во конкуренција за наградата Жива 2025 (Best Slavic Heritage Site)– Најдобар локалитет на словенското наследство а се однесува на прославување на местата на културно наследство кои одразуваат исклучителна историска, уметничка и културна вредност а воедно имаат одржливи практики. Наградата Жива 2025 „Најдобро словенско наследство“ има за цел да ги препознае најдобрите практики на музеите и локалитетите и го истакнуваат нивниот напредок и го поттикнуваат учеството и конкуренцијата и се важни транснационални културни платформи кои промовираат дијалог, комуникација и вмрежување, размена на идеи, знаење и искуство – во однос на нивното управувањето, заштита и промоција на колекциите, нивната општествена улога, услугите и посветеноста на јавното добро преку поттикнување на иновациите, креативноста и инклузивноста.

За таа цел бевме домаќини на стручно жири составено од г-ѓа Каролина Здравиќ – музејски советник од Љубљана, Словенија и г-ѓа Неда Кнежевиќ – директор на Музејот на Југославија во Белград, Србија, во соработка со Форумот на словенски култури на кои им го претставивме нашето богатство и работата на институцијата, заради конструктивна и успешна евалуација во процесот на селекција.

24 мај, ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

По повод одбележувањето на 24 мај, ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, нашата установа се приклучи на прославата со поставка во дворот на црквата каде беа изложени фотографии, копии од 11 икони и фрески од различни периоди на нивното создавање од познати и непознати фрескоживописци во чест на сесловенските просветители и нивните ученици.

Мал е бројот на народи кои можат да се пофалат со големи луѓе за историјата на описменувањето на човештвото. Во нашата и европската историја тоа се светите браќа Константин ( Кирил ) и Методиј. Како создавачи на првото словенско писмо, првите преводи од грчки на словенски јазик тие се трајна вредност на човештвото. Својата дејност ја започнале во Македонија, потоа ја прошириле и надвор од неа, кај Сарацените, Хазарите, кај словените во Моравија и Панонија. Нивното дело и значење го продолжиле нивните ученици и следбеници кои што го продолжиле и заокружиле започнатото дело. За значењето и честа на светите Кирил и Методиј и нивните ученици сведочат илијадници страници литература напишана за нив, како што ќе сведочи и оваа мала изложба што е подготвена во чест на нивниот празник, прикажана низ слика.

….Ако ги запрашате грчките книжевници, зборувајќи: „Кој ви ги создал буквите, или ви ги превел книгите, или во кое време?’’ – ретко од нив тоа го знаат. Но, aко ги запрашате словенските кижевници, зборувајќи: „Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите?’’- сите знаат и ќе одговорат: „Св. Константин Филозоф, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ни ги преведе книгите и брат му Методиј… во годината 6363 од создавањето на светот’’…. (Црнорозец Храбар „За буквите’’ – „О писменех’’)

Промоција на книгата: ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај, меѓународниот ден на музеите беше промовирана книгата ОХРИДСКА ТВРДИНАМонети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.) од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата се одржа во спомен куќата на Христо Узунов во 12 часот, со присуство на колеги, љубители на нумизматиката, членови на семејството.

Како домаќин се обрати директорот м-р Горан Патчев со осврт на меѓународниот ден на музеите како празник на музеите и дискусија околу универзалната идеја за музеи без граници како тема на интерес на годинешната прослава, односно вмрежувањето на музеите кои соработуваат заради збогатување и модернизирање на музејските наративи и инклузивност. Во таа смисла се спомна соработката во музејските мрежи на ИКОМ, Балканската Музејска Мрежа (БМН) и Мрежата на Европски градови со тврдини (Форте Култура).

Промоторот Јорданка Матова говореше за делото и авторот а самата авторка даде детално излагање на содржината на изданието кое е несомнено од голема важност за светската нумизматика.

Циркулацијата на монети во Охридската тврдина од III век п.н.е. до III век н.е. го потврдува фактот за Лихнид-Охрид како регионален центар во античкиот период. Разнобразието и богатството на изложениот нумизматички матријал од Лихнид e резултат на неговата географска положба и на рудните богатства во античка Македонија кои довеле до силна монетарна продукција што била основа за внатрешната и надворешната стокопарична размена во трговијата од тоа време на овие наши простори.

Известување

По повод 18 мај (недела) – Меѓународен ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, ги отвора вратите на музејските поставки и локалитети со слободен влез за сите посетители.

ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај – Меѓународен ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид како издавач ја има честа да ве покани на промоција на книгата „ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)“ од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата ќе се одржи на 18 мај во 12:00 часот во Меморијалната куќа на Христо Узунов.

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ 120 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ХРИСТО УЗУНОВ

Делегација на НУ Завод и Музеј Охрид, во рамките на одбележувањето на 120 години од херојската смрт на Христо Узунов, македонскиот револуционер и војвода на охридските револуционерни чети, заедно со други делегации од Општина Охрид, претставници на политичките партии, претставници од институции, почитувачи на неговиот лик и дело на 24 април положија цвеќе пред спомен-бистата во Градскиот парк и присуствуваше на панихидата и се поклони на гробот на Узунов во кичевското село Цер. Претходно во спомен куќата на Христо Узунов во Охрид се одржа свечена академија и промоција на драмскиот текст од авторот Зоран Пејкоски како и друга културно уметничка програма.

120 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ХРИСТО УЗУНОВ

Почитувани, Општина Охрид Ве поканува на свеченостите во чест на Јубилејот: 120 години од херојската погибија на учителот, војводата и револуционерот Христо Узунов. Свечената академија ќе се одржи на ден 23.04.2025 година (среда) во 12:00 часот во Спомен- куќата на Христо Узунов.

ИЗВЕСТУВАЊЕ

По повод 18 април, Светскиот ден на спомениците и локалитетите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид на 18.04.2025 година (петок) Ве известува дека на археолошките локалитети и во музејските објекти Самуилова тврдина, Музеј на вода – Градиште, и Галерија на икони влезот за сите посетители ќе биде бесплатен.