ИЗЛОЖБА НА РАКОТВОРБИ

17. 01. 2018 – 18. 01. 2018


Во Куќата на Робевци на 17-ти јануари се отвори еднодневна изложба на ракотворби и предмети од традицијата на Турција. Изложбата беше дел од активностите на Шестата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2018“ на тема „Дијаспора, транснационализам и интеркултурни комуникации како нови форми на социјален капитал“. Експонатите што беа изложени се дела на учесниците на конференцијата од Универзитетот Селџук од Коња, Турција. Поставката се реализира во соработка со етнолошкото одделелние на НУ Завод и Музеј – Охрид. Изложбата ја отворија претставниците на Огранизацискиот одбор на конференцијата проф.д-р Рубин Земон  од Универзитетот Евро-Балкан од Скопје, Република Македонија и проф.д-р Ахмет Ајтаџ од Универзитетот Селџук од Коња, Република Турција.

Изложба “Никулец” на уметникот Христина Зафировска

15. 09. 2017 – 28. 09. 2017


Зафировска е родена во Скопје. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на одсекот сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн.Во 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот;

Христина Зафировска работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото;

Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата.  Дел е од многубројни фестивали, работилници, симпозиуми, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко;

 На оваа изложба ќе бидат изложени 15 дела од  нејзиниот најнов авторски опус изработени во комбинирана техника на хартија.

ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА А4

29. 09. 2017 – 05. 10. 2017


Во петок  29.09.2017 во 20 часот во Галерија Робевци ќе биде отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена А4. Изложбата е во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија а кај нас ќе пристигне на основа на неодамнешната соработка со кустосот организатор на истата проф.др. Овидиу Кроитору. На изложбата ќе бидат изложени цртежи, скици  и графики на уметници и  на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД  и Чешка.

Во ова трето издание кое ќе гостува една недела во Галеријата Робевци ќе учествуваат и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот графичките техники како ликовно изразно средство.

Изложбата А4 за прв пат е отворена во Националната Универзитетска Галерија -УНА Галерија во Букурешт а по гостувањето во Галерија Робевци истата ќе биде изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија.

АНТОЛОГИЈА I

11. 08. 2017 – 13. 09. 2017


На ден 11.08.2017  во Галерија Робевци е отворена изложбата АНТОЛОГИЈА I содржана од дела на доајените на македонското сликарство :Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман и Василие Поповиќ-Цицо, Изложените дела се составен дел од збирката на Современа Уметност при Завод и Музеј -Охрид и за прв пат се претставуваат пред домашната публика во антологиска верзија. Изложбата ќе трае до 13.09.2017 и истата ќе биде отворена за посета во временскиот интервал од (9-14)часот и од (19-22)часот.

Изложба “Страст за носталгија” на охридскиот сликар Сашо Блажес

28. 07. 2017 – 10. 08. 2017


Синоќа во Галеријата “Робевци” во Охрид беше отворена шестата самостојна изложба на охридскиот сликар Сашо Блажес, под наслов “Страст за носталгија”.

Сашо Блажес е роден во Охрид во 1980 година, а ова е негово трето самостојно претставување пред охридската публика. Покрај петте самостојни изложби, овој ликовен уметник, кој своето образование го оформил на Факултетот за ликовна уметност во Букурешт, Романија (2002-2006), каде што и магистрирал во 2008 година, до сега учествувал на и на голем број групни изложби во земјава и светот.

Неговиот најнов циклус слики, изработени во последните неколку години (2015-2017) се состои од серија портрети кои навидум реферираат на класичниот поим и постапка во нивната изработка. Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како “спомени”, “огледала на реалноста”, “наративи”, “различни реалности”, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти.

Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало.

Изложбата ќе трае до 10 август.

Изложба на слики на Стефан Хаџи-Николов

14. 07. 2017 – 27. 07. 2017


Во рамките на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, а како дел од летната изложбена програма на НУ Завод и Музеј-Охрид, во галеријата Робевци во Охрид беше отворена изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов.

Овој реномиран македонски сликар, кој во истиот простор во Охрид се претстави и пред две години со неговата 60-та самостојна изложба под наслов “Светлина од минатото”, на својата најнова изложба се претстави со најновите дела од богатиот опус.

Досега Хаџи-Николов има остварено голем број самостојни изложби, не само во Македонија туку и ширум светот, почнувајќи од 1982 па сè до денес.

Хаџи-Николов учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјата и надвор од неа. Учесник е на повеќе меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност “Импресија” во Пловдив, Бугарија.

Стефан Хаџи-Николов има добиено бројни признанија и престижни награди од областа на уметноста, со кои е потврдено неговото творештво.

Изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов во галеријата Робевци во Охрид.

Посета на министерот за култура на РМ, г-дин Роберт Алаѓозовски

13. 07. 2017


Денес во прва официјална посета на НУ Завод и Музеј-Охрид престојуваше министерот за култура на Република Македонија г-дин Роберт Алаѓозовски, придружуван од шефот на неговиот кабинет Тодорче Тасевски и советникот Петрит Сарачини.

Тие имаа куса работна средба со директорката Тања Паскали-Бунташеска, која помина во пријатна атмосфера и на која му беа претставени тековните проекти на нашата институција, но и севкупното работење во изминатиот период, како и одредени проблеми со кои се соочуваме во секојдневното работење.

По средбата, министерот со својата придружба направи обиколка на работните простории и депоата во управната зграда “Радничка”, при што се запозна со вработените и имаше прилика непосредно да се запознае со повеќе сегменти од севкупното работење на НУ Завод и Музеј-Охрид, посебно од областа на заштитата и музеологијата, како основни дејности на нашата институција.

На крајот од престојот, министерот со своите соработници, придружуван од директорката Тања Паскали-Бунташеска, ја посети Галеријата на икони и црквата Св. Богородица Перивлепта при што изрази задоволство од начинот на чување, обезбедување и експонирање на вредните икони и севкупната состојба во Галеријата, како и од состојбата на црквата по сеопфатната конзервација (архитектурата и фреско-живописот), извршена во изминатите две години.

Посета на министерот за култура на РМ, г-дин Роберт Алаѓозовски на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид

Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период

07. 07. 2017


Синоќа во куќата на Уранија се одржа промоција на научното дело “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” од охриѓанката Сања Битрак, археолог и нумизматичар, вработена во Археолошкиот музеј во Скопје.

Во античко време древниот Лихнид бил значаен економски центар и ковал свои монети наречени лихнидиони, а свои монети имало и племето Десарети кои го населувале овој простор.

За време на истражувањата на Плаошник пронајдени беа над 20.000 монети коишто не само што го збогатија нумизматичкиот фонд на градот, туку и дадоа некои податоци за економската и историската активност на овој град и регионот.

Книгата содржи 287 примероци на монети пронајдени на овој локалитет во периодот од 2001 до 2010 година. Монетите се ковани од сребро и бронза и истите се многу значајни како културно наследство.

Промоторот на книгата, д-р Славица Бабамова истакна дека таа содржи многу значајни податоци, досега непознати за научната јавност и дека пополнува еден значен сегмент од историјата на Македонија во римскиот период, историска епоха за која случувањата во Македонија се сосема кратко споменувани во античките извори.

Книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” е прво дело на Сања Битрак, а промоцијата беше во организација на НУ Завод и Музеј Охрид.

Промоција на книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” на археологот и нумизматичар Сања Битрак

Изложба на фреско-копии, црковни везови и литургиски предмети

25. 06. 2017 – 30. 06. 2017


Кон крајот на месец јуни 2017 година, во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид беше изложен уште еден дел од богатото наследство од збирките на НУ Завод и Музеј-Охрид.

Се работи за дваесетина фреско-копии со ликовите на словенските просветители Сс. Климент и св. Наум Охридски, но и Сс. Кирил и Методиј и други светители од црквите во Македонија и соседните земји, но и една од Рим, Италија. Копиите се изработени претежно во 1966 и 1980 година, по повод прославата на 1050 годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски (1966) и отворањето на Музејот на Словенската писменост во Охрид (1980) од страна на најпознатите кописти во тоа време како Драгомир Јашовиќ, Зденка Живковиќ, Никола Цонев и други. Минатата, 2016 година, поголемиот дел од овие фреско-копии беа изложени на изложбата “Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност” во универзитетот Урбаниана во Ватикан, како и на две други изложби во Скопје и Охрид.

Во склопот на оваа изложба се изложени и одреден број црковни везови и литургиски предмети од збирката, сè со цел да се збогати содржината и разноликоста на предметите што им се презентираат на посетителите на Галеријата на икони-Охрид.

Изложба на фреско-копии, црковни везови и литургиски предмети

Летна школа за архитектура

25. 06. 2017 – 02. 07. 2017


Синоќа во Центарот за култура “Григор Прличев” во Охрид беше отворена петтата сесија на меѓународната Летна школа за архитектура во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот “Американ колеџ” од Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

На отворањето се обратија деканот, проф. д-р Мишко Ралев, како и раководителот на школата Владимир Десков, а потоа свое предавање имаше словенечкиот архитект Деан Лах. 

По чинот на отворањето и предавањето на Деан Лах, учесниците на Летната школа заедно со организаторите, домаќините и гостите имаа прилика за неконвенционални разговори и дружба на мал пригоден коктел, организиран на просторот на Лапидариумот, до куќата на Робевци.

Летната школа, чија овогодинешна тема е “Природни системи”. ќе биде под раководство на архитектот Деан Лах, коосновач и партнер во реномираното архитектонско студио “Енота” од Љубљана и ќе трае до 2 јули. Гости на школата ќе бидат и архитектите Крешимир Рогина и Винко Пенезиќ од Хрватска, како и Јуриј Личен од Словенија. На школата учествуваат студенти по архитектура од универзитетите “Американ колеџ” и “Св. Кирил и Методиј”. Во рамките на школата ќе бидат одржани и предавања од страна на гостите предавачи, а во сабота 01. 07. 2017 ќе се одржи и јавна презентација на студентските проекти.

Отворање на петтата меѓународна Летна школа за архитектура