Престој на судиите Билјана Брајовиќ од Црна Гора и Катја Џумалиева од Бугарија

04. 04. 2017 – 05. 04. 2017


Форумот на Словенските Култури (ФСК) е непрофитна организација основана во 2004 Година во Љубљана. На иницијатива на експертскиот тим на земјите членки на Форумот (Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Чешка Република, Хрватска, Македонија, Полска, Русија, Словенија, Словачка и Србија) во 2012 година е востановена наградата “Жива”, а натпреварувањето е во шест категории.

Со своето учество, земјите членки на ФСК ги промовираат исклучителните достигнувања на полето на културните вредности истакнувајќи го при тоа значајното културно наследство на словенските земји. Самата награда е наречена “Жива”, според словенската божица на плодноста, чиј главен атрибут е житото, па и изгледот на оваа посебна награда е инспириран токму од класовите жито.

Оваа година доделувањето на наградите ќе се одржи на Блед во Словенији, од 20 до 24 септември, а нашата институција е единствен номиниран кандидат од нашата земја помеѓу повеќе од 20 музеи од 13 земји.

Деновиве (4-5 април), во Охрид престојуваа судиите Билјана Брајовиќ од Црна Гора и Катја Џумалиева од Бугарија за да извршат увид и оцена на капацитетите, вредностите, значењето, богатството и разновидноста на нашите музејски збирки и воопшто севкупното работење на НУ Завод и Музеј-Охрид на полето на чувањето, документацијата, заштитата и конзервацијата и, секако, презентацијата на огромниот фонд културно наследство што ни е доверено на чување за идните поколенија. Фотографиите се од денешната посета на Музејот на вода во Заливот на коските, единствен од овој вид на Балканот и воопшто во поширокиот регион. Според реакциите и нескриеното воодушевување на судиите навистина сме сериозен кандидат за добивање на некоја од наградите, држете ни палци.

Престој на судиите Билјана Брајовиќ од Црна Гора и Катја Џумалиева од Бугарија