09. 04. 2017 – 14. 04. 2017
Од 9 до14 Април 2017 година во нашата земја престојува реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО/ИКОМОС/ИУЦН за да изврши увид во спроведените активности на терен и да оцени колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство на светското добро “Природното и културното наследство на Охридскиот регион”.
Мисијата во состав: г-ѓа Ана Сидоренко, претставник од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, г-ѓа Маја Васиљевиќ од ИУЦН (Меѓународна унија за конзервација на природата, советодавно тело на УНЕСКО) и г-дин Пјер-Мари Трико, претставник од ИКОМОС (Меѓународен совет за споменици и места, советодавно тело на УНЕСКО), денес имаше работна средба во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Според г-ѓа Сидоренко средбата беше со цел да се добијат информации и да се видат напорите, проектите и напредокот во нивната имплементација од страна на централната, но и локалната власт, во заштитата на културното наследство и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО од минатата година на 40-тата седница одржана во Истанбул. По извршениот мониторинг од страна на мисијата, како и по состаноците и консултациите што следуваат, ќе бидат презентирани нивните натамошни насоки и препораки.
По работниот состанок, експертите од УНЕСКО ги посетија локалитетот Плаошник, црквите “Св. Богодорица Перивлепта” и “Св. Софија”, Галеријата на икони, Античкиот театар, локалитетот “Манчевци” и повеќе објекти на кои се преземени конзерваторски активности.
Од 9 до14 Април 2017 година во нашата земја престојува реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО/ИКОМОС/ИУЦН





