Посета на делегација од Министерство за култура и туризам и Германскиот археолошки институт

Нашата установа ја посети делегација од Министерството за култура и туризам, заедно со гости од Римско-германската комисија, предводени од д-р Лукас Вертер од Германскиот археолошки институт – престижна меѓународна научна институција со долгогодишна традиција, која е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија. За време на посетата, заедно направивме обиколка на некои од позначајните локалитети во градот Охрид.

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБА

Почитувани,

Со особена чест ве покануваме на отворањето на самостојната изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена “Нурни во мене“ во Куќата на Робевци на 01.август во 20 часот.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид. Изложбата го носи насловот Нурни во мене’’,а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска , виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана , куратор од Париз и Маја Чанкуловска.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија ,Романија и Австрија.

Изложба

Почитувани!

Во сабота 19 јули, во 20 часот во музејско културнот центар Лапидариум од Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата ”Патот на фреската” од авторите Анѓелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата” Патот на фреската” преставува еден необичен спој на современи дела изработени во традиционална фреско техника.

Изложбата е подржана од Министерство за култура и туризам.

Конкурс за Награда Жива 2025 / „Најдобро словенско наследство“ /Форум на словенски култури

Нашата установа со своите музејски објекти и локалитети, влезе во конкуренција за наградата Жива 2025 (Best Slavic Heritage Site)– Најдобар локалитет на словенското наследство а се однесува на прославување на местата на културно наследство кои одразуваат исклучителна историска, уметничка и културна вредност а воедно имаат одржливи практики. Наградата Жива 2025 „Најдобро словенско наследство“ има за цел да ги препознае најдобрите практики на музеите и локалитетите и го истакнуваат нивниот напредок и го поттикнуваат учеството и конкуренцијата и се важни транснационални културни платформи кои промовираат дијалог, комуникација и вмрежување, размена на идеи, знаење и искуство – во однос на нивното управувањето, заштита и промоција на колекциите, нивната општествена улога, услугите и посветеноста на јавното добро преку поттикнување на иновациите, креативноста и инклузивноста.

За таа цел бевме домаќини на стручно жири составено од г-ѓа Каролина Здравиќ – музејски советник од Љубљана, Словенија и г-ѓа Неда Кнежевиќ – директор на Музејот на Југославија во Белград, Србија, во соработка со Форумот на словенски култури на кои им го претставивме нашето богатство и работата на институцијата, заради конструктивна и успешна евалуација во процесот на селекција.

24 мај, ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

По повод одбележувањето на 24 мај, ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, нашата установа се приклучи на прославата со поставка во дворот на црквата каде беа изложени фотографии, копии од 11 икони и фрески од различни периоди на нивното создавање од познати и непознати фрескоживописци во чест на сесловенските просветители и нивните ученици.

Мал е бројот на народи кои можат да се пофалат со големи луѓе за историјата на описменувањето на човештвото. Во нашата и европската историја тоа се светите браќа Константин ( Кирил ) и Методиј. Како создавачи на првото словенско писмо, првите преводи од грчки на словенски јазик тие се трајна вредност на човештвото. Својата дејност ја започнале во Македонија, потоа ја прошириле и надвор од неа, кај Сарацените, Хазарите, кај словените во Моравија и Панонија. Нивното дело и значење го продолжиле нивните ученици и следбеници кои што го продолжиле и заокружиле започнатото дело. За значењето и честа на светите Кирил и Методиј и нивните ученици сведочат илијадници страници литература напишана за нив, како што ќе сведочи и оваа мала изложба што е подготвена во чест на нивниот празник, прикажана низ слика.

….Ако ги запрашате грчките книжевници, зборувајќи: „Кој ви ги создал буквите, или ви ги превел книгите, или во кое време?’’ – ретко од нив тоа го знаат. Но, aко ги запрашате словенските кижевници, зборувајќи: „Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите?’’- сите знаат и ќе одговорат: „Св. Константин Филозоф, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ни ги преведе книгите и брат му Методиј… во годината 6363 од создавањето на светот’’…. (Црнорозец Храбар „За буквите’’ – „О писменех’’)

Промоција на книгата: ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај, меѓународниот ден на музеите беше промовирана книгата ОХРИДСКА ТВРДИНАМонети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.) од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата се одржа во спомен куќата на Христо Узунов во 12 часот, со присуство на колеги, љубители на нумизматиката, членови на семејството.

Како домаќин се обрати директорот м-р Горан Патчев со осврт на меѓународниот ден на музеите како празник на музеите и дискусија околу универзалната идеја за музеи без граници како тема на интерес на годинешната прослава, односно вмрежувањето на музеите кои соработуваат заради збогатување и модернизирање на музејските наративи и инклузивност. Во таа смисла се спомна соработката во музејските мрежи на ИКОМ, Балканската Музејска Мрежа (БМН) и Мрежата на Европски градови со тврдини (Форте Култура).

Промоторот Јорданка Матова говореше за делото и авторот а самата авторка даде детално излагање на содржината на изданието кое е несомнено од голема важност за светската нумизматика.

Циркулацијата на монети во Охридската тврдина од III век п.н.е. до III век н.е. го потврдува фактот за Лихнид-Охрид како регионален центар во античкиот период. Разнобразието и богатството на изложениот нумизматички матријал од Лихнид e резултат на неговата географска положба и на рудните богатства во античка Македонија кои довеле до силна монетарна продукција што била основа за внатрешната и надворешната стокопарична размена во трговијата од тоа време на овие наши простори.

Известување

По повод 18 мај (недела) – Меѓународен ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, ги отвора вратите на музејските поставки и локалитети со слободен влез за сите посетители.

ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)

По повод 18 мај – Меѓународен ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид како издавач ја има честа да ве покани на промоција на книгата „ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.)“ од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата ќе се одржи на 18 мај во 12:00 часот во Меморијалната куќа на Христо Узунов.