УЧЕСТВОТО НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА УНЕСКО – КРЕАТИВНИ ГРАДОВИ И ГРАДОВИ ЗАШТИТЕНИ КАКО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО: КОН ИНТЕГРИРАНИ СТРАТЕГИИ ЗА ОДРЖЛИВО УПРАВУВАЊЕ СО КУЛТУРНИОТ ТУРИЗАМ

27-28 АПРИЛ 2026 ГОДИНА, МОСТАР (БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА)

Презентација на тема „Партнерства и мрежи: Максимизирање на колективното влијание за отпорна урбана иднина“

Изложба „Наследена носија“

Придружете ни се во четврток, 23 април, од 19:00 до 21:00 часот, во „Куќата на Робевци“ во Охрид, на отворањето на самостојната изложба на Мила Добревска, со наслов Наследена носија.

Наследена носија го пресликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување. Во овој контекст наследените носии не се само облеката што ја носиме, туку и начинот на кој се претставуваме и како другите нè перцепираат, одразувајќи ги наследните особини и тенденции што нè прават препознатливи. Изложбата се обраќа на помладата генерација како потсетник, токму за овие вредности и доблести кои остануваат нераскинлив дел од нас: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Овие карактеристики се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, со споредби, хармонии, испреплетувања, создавајќи нови толкувања и адаптации.

Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила ги преиспитува и прилагодува основните елементи на уметноста: боја, линија, површина, форма, материјал и простор користејќи рачно-моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање. Наследените вредности се преточуваат во нови форми кои смело се приклонуваaт кон современиот општествен контекст.

Ве очекуваме, во четврток на 23 април во „Куќата на Робевци“ во 19 часот.

Јубилејни награди

На мала свеченост во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, беа доделени пригодни благодарници на колеги кои остварија услов за добивање на јубилејна награда за повекегодишна непрекината работа во нашата установа, а согласно Одлука донесена на седница на Управниот одбор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, за утврдување и исплата на јубилејна награда на работници за непрекината работа кај ист работодавач.
Благодарност до сите колеги.

Завршен проектот „Превентивна заштита и санација на влезните порти на музеј куќата на Робевци“- финансиски поддржан од Министерството за култура.

Дека Охрид е непресушен извор на богато материјално и нематеријално, движно и недвижно и пред се духовно наследство ѝ како целина но и секое место, уличка, куќа, крие некаква приказна и овој пат се покажа и докажа. Имено при работа на портите на куќата на Робевци пронајдени се амајлии чие потекло и значење  понатака ќе бидат цел на проучување на стручен тим составен од повеќе области во заштитата и музејската дејност.

На проектот работеа како раководител на проектот диа Тања Паскали Бунташеска-советнок конзерватор и  стручен тим составен од дипл.инж.технолог-Билјана Митаноска-конзерватор; Оливера Мишева-виш кустос; Ванчо Димоски -конзерватор; Ѓоко Филипоски-надворешен член

Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, годинава еден од добитниците на Св Климентовата Повелба

Во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија на ден 8 декември 2025 во Охрид се одржа централната манифестација, свечена академија во чест на  „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид.

Пред бројните гости од дипломатскиот кор, претставници од верските заедници во државава, пратеници во Собранието на Р. Макдонија, советници, градоначалници на збратимени градови со градот Охрид и бројни граѓани, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков

На церемонијата традиционално, беа врачени највисоките општински награди и признанија за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид, Република Македонија и во Светот.

Највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“, оваа година, постхумно се додели на истакнатиот охридски новинар, хроничар, публицист Владо Ангеличин –Жура.

Директорот м-р Горан Патчев во име на Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, како еден од добитниците на Св Климентовата Повелба ја прими оваа престижна награда за 2025-та година.

Покрај НУ Завод и Музеј Охрид се доделија уште четири повелби на: охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар  Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.

Свеченоста беше заокружена со богата културно уметничка програма во која учествуваа еминентни македонски актери, музичари, инструменталисти, солисти и хорови.

Реализиран проектот „Конзерваторско реставраторски работи на живописот од црквата Св. Богородица Болничка“

Во рамки на годишната програма на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид реализиран е проектот „Конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата Св. Богородица Болничка“, кој е финансиран од Министерството за култура и туризам. Раководител на проектот е м-р Никола Патчев. Со реализацијата на проектот беа извршени стручни конзерваторско-реставраторски интервенции со цел заштита, стабилизација и презентација на живописот, со што се придонесува кон зачувување на културно-историското наследство од исклучително значење за Охрид и поширокиот регион. Работите беа изведени согласно важечките стручни стандарди и принципи на конзервацијата, од страна на стручен тим на конзерватори- реставратори.

Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј

На 5 декември 2025 година во 12 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј“.

На изложбата ќе бидат презентирани 80 експонати кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид. Изработени главно од сребро во филигранска техника и украсени со полускапоцени камења, украсни стакленца и висулци – трепетушки. Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар  кои датираат од крајот на XVII  до средината на XX век. Ќе бидат презентирани машки и женски прстени, прстени печатници со натписи и иницијали, столовати масивни прстени, прстени со кубести глави богато украсени со филигран и украсни камења и стакленца и прстени во вид на бурми.

  Прстенот е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации. Најзастапен, а некогаш и единствен накит. Покрај брачната фунција, прстенот печатник добива функција како обележје на статусот во рамки на државата, црквата, професијата и семејството. Но, заради неговата мистичност поврзана со неговиот облик на круг, се верува дека прстенот поседува и заштитна, прочистувачка, магиска и лечебна моќ. Тој е накит што се употребува и денес. Како брачен симбол, но и симбол на социјалниот статус, на моќна функција, а особено како одреден стил и мода на украсување. Но, секогаш ќе остане симбол на завет, единство, моќ, авторитет, достоинство и вечност.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.  Раководител на проектот – автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.

Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.

Изложба „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“

Вечерва во просторот на музејот „Куќата на Робевци” присуствуваме на една ретка и значајна уметничка изложба именувана „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче”.

Реткоста на оваа изложба е во тоа што со својот уметнички раскош ни се претставуваат тако и син, значи две генерации кои се исти во својот уметнички изблик но различни во своите дела, пред сè во уметничкиот израз и техниката што ја користат двајцата при создавањето на своите грандиозни дела. Ќе подвлечам уште една заедничка црта, а важи за двајцата: дела претставуваат културно сведоштво и уметнички дијалог со градот Охрид.

И двајцата уметници им се добро познати на културната јавност и во Охрид и во Македонија, но и надвор од наште граници.

Повеќе пати сум се искажувал за трајните вредности на Славко Упевче, а вечерва само ќе повторам дека преку овој ретроспективен поглед на цртежи, акварели, акрили и пастели, Славко Упевче ја бележи душата на охридскиот пејзаж и минатото, носејќи ги топлината и сеќавањата на еден град низ вековите. Пред очите тие ни се прелистуваат како живи страници на милениумската историја на Охрид. Пулсираат мирисите и боите на древноста, на она што останува во очите и во душата како шум на нешто блиско, но далечно, како светлосен зрак што нè грее, но е недофатлив, како сонувани бисери што ги имаме, но незапирливо ги губиме. Сигурен сум дека кај многумина што сме овде ни ја враќа носталгијата по Охрид кој, како песок ни истекува низ прстите.

Никола Упевче со ретката уметничка постапка и техника – мозаик ги обележува овие две и пол децении на 21 век во македонската уметност воопшто. Тој е уметник мозаичар кој негува и конзерваторски и реставраторски третмани на антички мозаици, а со самостојни и групни изложби е претставен во земјава и во странство.

„Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна. Комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и со свој препознатлив јазик”, ќе забележи неговиот италијански пријател – конзерватор Александро Лугари, а јас ќе додадам дека Никола Упевче со својата мозаична карта на Охрид и Лихнид, и преку современ израз прави мост до една нова визуелна перспектива, каде техниката и замислата се спојуваат во мурална експресија. Неговиот израз е современ, користи разни материјали и остава дела што го одразуваат мозаикот како неисцрпна истражувачка можност во овој техницизиран свет и му дава нов облик и сјај. Вечерва ја имаме можноста и да видиме како уметникот Никола Упевче мозаичната мапа на Охрид и Лихнид ја поставува на современ начин, но гледаме и модел на мозаичен „Градски часовник” наменет за црквата „Света Богородица Челничка” кој од високо ќе го мери идното охридско време. Механизмот за часовникот го конструира Борис Упевче.

Особено е важно што изложбата нè потсетува сите нас – уметници, истражувачи, љубителите на културата и публиката, – дека вистинското богатство лежи во колективното сеќавање, во одговорното пренесување на уметничкото наследство и во поддршката на креативниот процес што живее низ генерациите. Мозаици, часовничарски механизми, цртежи и слики стануваат овде јавно сведоштво за тоа колку длабока, трајна и сложена може да биде нашата историска и естетска поврзаност со градот и неговите творци. Колку и да напредуваме технички или да се менуваат ликовите на градот, човечката рака и нејзиниот творечки немир остануваат нашата најмоќна врска кон минатото и изворот на иднината.

Изложбата се оранизира во чест на 7 Ноември, денот на ослободувањето на Охрид.

Ви благодарам што сте дел од оваа средба на уметноста, меморијата и визијата за едно подобро културно утре, токму овде во срцето на Охрид.

Ликовно – едукативна работилница за деца со типичен и атипичен развој

На 27 октомври во Галеријата на икони НУ Завод и Музеј Охрид , ученици од ОУ Св.Климент Охридски преку игра и едукација го запознаа светот на музеите и културното наследство – иконописот.

Тие решаваат целни задачи,твореа, составуваа сложувалки, гледаа документарен филм во прекрасниот амбиент на изложбениот дел на охридската Галерија на икони.

Работилницата беше организирана и водена од кустосот Катерина Велкоска, а одговорни наставници- дефектолози од училиштето беа Весна Кајмакоска и Симона Казанџиоска.

Креативните работилници продолжуваат во Охридската галерија на икони и со ученици од ООУ ,, Св. Наум Охридски”

Наумовите ученици на амбиентална настава во Галерија на икони

Низ едукативна игра, видео презентација и интерактивна сложувалка дечињата се запознаа со светот на музеите, учеа за богатото и непроценливо културно и духовно наследство на Охрид, кое грижливо се чува во Галеријата на икони.

Одговорен наставник директорката Валентина Рубаноска ,а водител на работилницата Катерина Велкоска

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ОХРИДСКИ ФОЛКЛОРИСТИ“

Почитувани,
Општина Охрид Ве поканува на промоција на книгата ,,Охридски фолклористи” од авторите: проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во издание на градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.
Програма:

Обраќање на претставник на Општина Охрид;

Обраќање на уредникот на едицијата: ,,Охридско книжевно наследство” Митре Велјаноски;

Обраќање на промоторот проф.д-р Велика Серафимоска;

Настап на Митко Колјушевски -текстописец, автор, композитор,музичар

12:00 часот
Спомен – куќа на Григор Прличев