АНТИЧКИ ТЕАТАР

Античкиот театар е лоциран во подножјето на источната косина на повисокиот охридски рид, под Самоиловата крепост, во непосредна близина на еден од главните влезови во утврдениот град-Горна Порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридското Езеро и на планините што го опкружуваат.

Бил изграден пред повеќе од два милениуми, некаде на крајот на III или почетокот на II век, во периодот на доцнежниот хеленизам и бил наменет за прикажување на драмски, музички и поетски претстави на љубителите на театарската уметност.

Бил граден по угледот на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која што била украсена со фриз од барелјефни плочи на кои биле вклесани сцени од животот на боговите. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, претставен е богот Дионис во друштво со Музите.

Некои од тогашните градски првенци имале закупено и сопствени седишта во театарот и така, денес ние дознаваме за Крисп и Топос како големи љубители на театарската уметност бидејќи нивните имиња сè уште стојат врежани во камените блокови од седиштата. Веднаш по римските освојувања на овие краеви во 148 година п.н.е., театарот, најверојатно за исклучително кратко време, бил приспособен за потребите на римскиот начин на живеење. Објектот бил преуреден во театарски простор со арена за гладијаторски борби и борби со диви ѕверови при што неколку од долните редови седишта биле урнати и на нивно место биле изградени неколку кафези за животните, а орхестрата со почесните седишта била заградена со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден епитеатрон, со што капацитетот на театарот се зголемил до 5000 гледачи.

Се смета дека со еуфоријата што настапила во почетокот на IV век од новата ера, кога св. Еразмо Антиохиски, првиот христијански мисионер што дошол во Охрид, преобратил во христијанство 25.000 луѓе, биле разурнати сите пагански објекти во градот. Најверојатно во тие разурнувања страдал и театарот, а материјалот од неговите седишта и другите објекти подоцна бил користен за градење на ранохристијански базилики и многу други сакрални и профани објекти.

Првите претпоставки дека во античкиот Лихнид (денешниот Охрид) постоел театар, ги дал рускиот историчар на уметноста Никодим П. Кондаков на самиот почеток на XX век, а веќе во текот на 1935 година, кога биле извршени првите археолошки ископувања, тие претпоставки биле потврдени и театарот бил делумно откриен. Подоцна, за време на ископувањата вршени во периодот 1959-1960 година, била одредена точната локација и големината на театарот.

Со систематските ископувања, започнати во 1977 и по прекин од шест години продолжени во 1984 година, констатирани се местата каде што се наоѓаат влезовите и театарската зграда, орхестрата со почесните седишта и протегањето на арената, а откриени се и девет редови од седиштата.

Во текот на 1999 година започна проектот за негово целосно откривање и ставање во функција, а од 2001 година на сцената на отворениот реконструиран простор на античкиот театар повторно, по дваесет векови, се одржуваат драмски претстави, музички приредби и разни други манифестации.

САМОИЛОВАТА ТВРДИНА

Еве, по претставувањето на зградите во кои се сместени административните и работните простории, како и изложбените простори и музејските згради за кои се грижи и во кои НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид ги презентира своите вредни збирки, накусо ќе ги претставиме и археолошките локалитети. Грижата на нашата институција за овие локалитети е сеопфатна-од рекогносцирањето, преку сондажните и заштитни ископувања по кои следуваат и систематските ископувања, па сѐ до нивната конзервација, реставрација, реконструкција и презентација.

Започнуваме со еден од најмаркантните и најпрепознатливите, кој претставува и своевиден симбол на нашиот град:

САМОИЛОВАТА ТВРДИНА

Охридската тврдина, симболот на градот без кој не може да се замисли неговата урбанистичка физиономија и историја е една од најголемите средновековни фортификациски градби во Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ритчестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близу охридското пристаниште.

Во најстарите извори кај Полибиј, во кои за прв пат се споменува античкото име на Охридското Езеро, се укажува на фактот дека при првата воена акција на овие простори, македонскиот крал Филип II наредил да се изгради утврдување на ридот над езерото.

Најстариот историски податок за градот Лихнид (античкото име на Охрид) и самата тврдина потекнува од античкиот историчар Ливиј, од 209 година п.н.е., каде се говори дека тврдината веќе била изградена и функционирала во сите пресудни моменти од историјата на градот. Хроничарот Малх (Малала) во 478 година забележал дека вака утврдениот град имал силна одбранбена моќ поради што остроготскиот крал Теодорих Амалеецот, во својот воен поход кон Нов Епир не успеал да го освои Лихнид “затоа што градот лежел на утврдено упориште и изобилувал со извори меѓу ѕидиштата”.

Остатоците од таа најстара тврдина се потврдени со археолошките ископувања кога се констатирани камени блокови, наредени од внатрешната и надворешната страна покрај северниот бедем на денешната цитадела, во правец југоисток-северозапад.

Низ историјата тврдината била многу пати уривана, преградувана и доградувана така што таа носи белези од речиси сите историски епохи кога со Охрид господареле римјаните, византијците, словените и османлиите. Меѓутоа, се смета дека најголемиот дел од ѕидовите на цитаделата и подградието, заедно со зачуваните кули, датираат од времето на царот Самоил, од 976 до 1014, а потоа и на неговите наследници до 1018 година, кога Охрид бил престолнина на првата држава на македонските словени, заради што денес тврдината е позната како “Самоилова крепост”.

По целосната пропаст на ова царство и повторното потпаѓање под византиска власт, императорот Василиј II целосно ја разурнал тврдината. Подоцна, веројатно византискиот цар Алексиј I Комнен повторно ја обновил, а и во втората половина на XIV век, во времето на владеењето на големиот жупан Андреа Гропа со охридскиот крај, помеѓу 1371 и 1385 година, цитаделата била повторно обновена.

По турското освојување на Охрид, во тврдината била поставена воена посада, но таа веќе не претставувала објект каде што се случувале важни настани за историјата на градот.

Со своите бедеми и утврдени кули таа го зафаќа целиот охридски рид што се издига до 100 метри над нивото на езерото. Од сите страни, со исклучок на јужната што е свртена кон езерото, градот е заштитен со високи ѕидови и одбранбени кули во должина од околу три километри што се протегаат сè до охридското пристаниште. Височината на бедемите е различна, од 3 до 16 метри, во зависност од конфигурацијата и пристапноста на теренот.

Покрај основната функција за одбрана од непријателите, тврдината служела и за живеење. Нејзиниот централен дел или цитаделата, е поделен со еден ѕид на два дела од кои во едниот живеел владетелот, а во другиот биле сместени војниците. Од надворешната страна ѕидот на овој простор е зајакнат со ред кули од кои најголемата и најјаката е поставена на најслабата точка на тврдината, а импозантен е и влезот во цитаделата што е утврден со две полукружни одбранбени кули.

Вториот дел од тврдината се состои од широк заштитен ѕид околу подградието во кое живееле дворјаните со нивните семејства.

Во градот се влегувало низ три порти: Горна Порта, во непосредна близина на црквата Св. Богородица Перивлепта и античкиот театар, Челна Порта, кај денешната црква Св. Богородица Челница и Долна Порта, што се наоѓа на педесетина метри од брегот на Охридското Езеро, во близина на црквата Св. Никола Болнички. Од сите нив во целост е зачувана само Горна Порта во која како градежен материјал се употребени мермерни надгробни споменици со грчки и римски натписи и други елементи кои потекнуваат од античките градби во градот.

Историската улога на Самоиловата тврдина завршува со одметникот од централната османлиска власт Џеладин-Бег, кој како самостоен феудалец владеел со Охрид во крајот на XVIII и првите децении на XIX век.

Тој бил последниот што извршил поголеми интервенции на бедемите од цитаделата и што ја користел за одбрана и живеење. Во јужниот дел на цитаделата, во 1808 година бил изграден неговиот дворец, познат под името Горни Сарај. Овој дворец, за чија изградба бил употребен речиси целокупниот градежен материјал од урнатиот сарај на Исмаил-паша, кој пак бил изграден со преадаптација на палатата на Охридската архиепископија што се наоѓала јужно од катедралната црква Св. Софија, на просторот од денешното Сараиште, бил урнат веднаш по бекството на Џеладин-Бег од Охрид во 1830 година.

Оттогаш наваму Самоиловата тврдина скоро два века беше оставена на забот на времето сé до 2000 година кога започнаа досега најголемите истражувачки и конзерваторско-реставраторски зафати при што беа изведени систематски археолошки ископувања на целиот простор од цитаделата и беа санирани, конзервирани и реставрирани бедемите и кулите на нејзиниот централен дел.

Форумот на словенски култури (ФСК)

Откако ви ги претставивме објектите во кои се сместени работните и изложбените простории во кои својата дејност ја обавува и за кои едновремено се грижи НУ Завод и Музеј-Охрид, еве, пред да преминеме на претставување на археолошките локалитети, како мала пауза, едно кусо, промотивно видео за нашата институција.

Видеото беше специјално изработено за претставување и промоција на институцијата во 2017 година во Блед, Словенија, каде што од 20 до 24 септември се одржа завршната манифестација од доделувањето на наградата „Жива“.

Оваа награда ја доделува Форумот на словенски култури (ФСК), непрофитна организација основана во 2004 година во Љубљана од страна на иницијативниот тим на експерти од земјите членки на Форумот (Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Чешка, Хрватска, Македонија, Полска, Русија, Словенија, Словачка, Србија и Украина), а самата награда е востановена во 2012 година и конкуренцијата е во шест категории.

Главната награда „Жива“ се доделува за најдобар словенски музеј, а во 2017 година на оваа престижна манифестација НУ Завод и Музеј-Охрид беше единствениот кандидат на нашата земја меѓу повеќе од 20 музеи од 13 земји.

Дека нашата институција е високо вреднувана и ценете меѓу многубројните сродни институции од словенските земји во Европа зборува и фактот што помеѓу 31 фотографија на официјалната веб страна на ФСК, на страната за наградата „Жива“, има дури две фотографии од наши објекти и локалитети: Музејот на вода во Заливот на коските и фрагмент од мозаичниот под од поликонхалната базилика на Плаошник. За истите поставуваме и скрин-шотови.

Форумот на словенски култури (ФСК)

Работна акција ”Не биди ѓубре” 

 
 14. 12. 2019 – 15. 12. 2019

На ден 14.12.2019 г. од страна на вработените при Н.У.Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид , се изврши работната акција наречена” Не биди ѓубре”.

Посета на министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг

 
 23. 11. 2019

Министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг и министерот за култура на Република Северна Македонија, Хисни Исмаили, на 23. 11. 2019 го посетија Охрид. Министерот Шуганг ја предводи кинеската делегација на 4-от Министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин е нашата земја.  

Во рамките на посетата на Охрид, двајцата министри и високата кинеска делегација, во придружба на домаќините од нашата институција, посетија дел од спомениците на културата и музејските поставки за кои се грижи НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие ја разгледаа сталната поставка во светски познатата Галерија на икони, црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија, археолошкиот локалитет Плаошник и археолошката и етнолошката поставка во куќата на Робевци. При разгледот на стариот дел на Охрид, министерот Шуганг имаше можност да се запознае со богатото културно наследство на нашиот град, пројавувајќи голем интерес за истото и искажувајќи задоволство од неговата состојба, презентираност и грижа за него. За време на посетата, делегацијата прошета и низ Старата охридска чаршија, а ја посети и работилницата за рачна изработка на хартија, каде што му беше демонстриран самиот процес на изработка, а му беше презентиран и начинот на изработка на уникатниот Охридски бисер при посетата на еден од продажните салони на семејството Филеви.

Емел Махмуд Изложба

11. 10. 2019 – 25. 10. 2019


Минатиот петок на 11.10.2019 год. се отвори самостојната изложба на Охридската сликарка и педагог Емел Махмуд. Изложбата ја содржат најнови дела работени во последните неколку години во различни сликарски техники, пастел, акварел, акрил на платно, комбинирани техники…. Ова е втора самостојна  изложба на Емел Махмуд во Куќата на Робевци и истата ќе биде отворена за посета секој ден освен понеделник од 09 до15 часот. Изложбара ќе трае до 25 септември.

Новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Брнс во посета на црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони во Охрид

13. 07. 2019


Новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Брнс во посета на црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони во Охрид

Амбасадорката на САД, својот престој во Охрид го искористи да ги посети црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони, во присуство на в. д. директорката на НУ Завод и Музеј – Охрид, Елеонора Новаковска и стручни лица вработени во институцијата. При посетата и беа презентирани постапката на конзервација и реставрација на црквата Св. Богородица Перивлепта, која беше реализирана со средства од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство, како и вредните икони од постојаната поставка во Галеријата на икони.

Одбележан 18-ти мај, денот на музејските работници

 17. 05. 2019 – 24. 05. 2019


На 17-ти мај по повод Меѓународниот ден на Музеите во Галеријата Робевци се отвори 29-тата традиционална изложба на уметнички дела. Изложени се дела  работени во различни техники: масло на платно, акрил на платно, сутаж, комбинирана техника, скулптура во дрво, туш на хартија и акварел на хартија од 13 уметници од Охрид, Скопје, Романија и Турција кои изложувале во Галеријата Робевци во изминатите години : Владимир Пајиќ-Пајо, Марија Мешкоска, Билјана Тодороска, Мустафа Џеват Атал, Тања Џипунов, Васе Урдин, Емилија Персу, Зоран Мише, Вангел Наумовски, Христина Зафировска, Стефан Хаџи Николов, Мирко Вуисиќ и Блашка Ми Ева.

            Во рамки на чествувањата на Меѓународениот ден на Музеите од страна на МНК на ИКОМ беше доделена Пофалница на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за Музеј на годината – Проект: „Реконструкција на постојана музејска поставка“ – Куќа на Робевци.

            На истиот датум беше потпишан Анекс за изменување и дополнување на Колективниот договор на ниво на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за усогласување со нивелацијата на платите на вработените во институциите од областа на културата.

Студиски престој на студенти од отсекот за иконопис при Московската Духовна Академија во Сергиев Посад на Галеријата на икони-Охрид

03. 05. 2019 – 24. 05. 2019


Во периодот од 03 до 24 мај 2019 година во Галеријата н аикони-Охрид престојуваа и работеа шест студенти од завршната година на иконописниот отсек при Московската Духовна Академија од Сергиев Посад, Руска Федерација.

На нивно барање  а по претходно добиено одобрение од Управата за Заштита на Културното Наследство од Скопје, тие изработуваа копии на икони (вкупно шест) од перманентната поставка на Галеријата.

За време на нивниот престој, студентите беа посетени од нивната професорка и ментор Наталија Евгенеевна Алдошина, познат руски реставратор и конзерватор. Таа воопшто не го криеше воодушевувањето од убавината на иконите од Охридската колекција, нивната физичка состојба, конзерваторскиот третман, нивното одржување и презентација. Беше исто така многу задоволна од разговорите со МилчоГеогиевски-советник кустос во Галеријата на икони што е во состав на Н.У.Завод и Музеј-Охрид, за целокупната работа на Галеријата и изрази желба и надеж за идна соработка на Московската Духовна Академија со нашата институција да се продлабочи и да продолжи и за наредните генерации студенти.

Покрај студиската посета на Галеријата на икони-Охрид, студентите имаа можност да го разгледаат и да се воодушевуваат на убавините нафреско-живописот во средновековните цркви во Охрид, Прилеп, Ресен и Струмица.

ПОСЕТА НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД Г-ДИН МАЈК ПОМПЕО НА ГАЛЕРИЈАТА НА ИКОНИ-ОХРИД И ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА

04. 10. 2019


Во рамките на официјалната посета на нашата земја на 04.10.2019 година, државниот секретар на Соединетите Американски Држави, г-дин Мајк Помпео, заедно со сопругата, г-ѓа Сузан Помпео,престојуваше во Охрид. Државниот секретар и неговата придружба, во која беа поранешниот амбасадор во нашата земја, а сега помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз и советниците Мери Кисел и Рики Вадел,ја посетијаГалеријата на икони што е во рамките на НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие беа видновоодушевени од сјајот и убавинатана иконите од охридската збирка,пројавувајќи огромен интерес за нивнатавредност и значење.

Во Галеријата на икони нависоките гости од САД им беа презентирани и ракописи од IX и X век кои се дел од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид и кои специјално за оваа прилика беа времено изложени во изложбениот простор на Галеријата.

Покрај Галеријата на икони, гостите од САД ја посетија и црквата Св. Богородица Перивлепта од 1295 година,која е едно од најзначајните христијански светилишта и ремек-дела на византиската архитектура и ѕидносликарство.

Конзервацијата на архитектурата и фреско-живописот на оваа црква, како значајно црковно и културно наследство, беше реализирана во рамките на проектот што траеше од 2009 до 2016 година, со средства обезбедени преку програмите на УСАИД и посебниот амбасадорски фонд за заштита на цивилизациските артефакти на културното и историското наследство, од кој беа издвоени 650.000 долари.