продолжуваме со нашата изложбена програма. Овојпат преку еден краток видео материјал имаме чест да ви ја преставиме самостојната изложба на ликовниот уметник Лидија Вујисиќ насловена Бесконечни морфолошки варијации.
Лидија Вујисиќ е родена во Скопје во 1957 година. Средно уметничко училиште завршува во 1976-та година во Ниш на отсекот за графички дизајн. Дипломира во 1985-та година, во првата генерација студенти на ФЛУ во Скопје на отсекот графика . Од 1986 година работи како професор во Средното Ликовно Училиште “Лазар Личеноски” во Скопје.
Самостојни изложби:
2018 Мултиплицирани реалности (заедно со Мирко Вујисиќ и Марко Вујисиќ) Галерија Робевци ,Охрид.
Мултиплицирани реалности (заедно со Мирко Вујисиќ и Марко Вујисиќ) Спомен куќа Ванѓел Коџоман,Струга
2017 ‘’Параидеологија’’ Отворено Графичко Студио Скопје
2015 Изложба на графики Дом на Култура ‘’Никола Вапцаров’’ Делчево
2012 Изложба на графики и цртежи, Уметнички салон ,Велес
2011 Изложба на графики и цртежи, Галерија Робевци ,Охрид
1990 Изложба на графики Дом на Култура ‘’Григор Прличев’’ –Охрид
1988 Изложба на графики Национален Музеј Куманово
Изложба на графики,Уметничка галерија Битола
Изложба на графики, Национален Музеј, Врање,Србија
1987 Изложба на графики, КИЦ Скопје
1986 Изложба на графики Галерија ‘’Сунце’’,Лесковац, Србија
Од 1982 година учествувала на многубројни групни изложби во земјава и странство(Р.Македонија, Србија,Хрватска, Босна, Јапонија ,Германија, Австралија, Романија, Бугарија Франција)
Куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески кој за делата на изложбата ќе каже:
Компарацијата која стои во базисот на ликовниот ракопис на Лидија Вујисиќ е генезата на ликовната форма, играта помеѓу макро и микрокосмосот преку структуралните планови кои сугерираат мултиплицирана семнификација на еден сопствен универзум.
Нејзиниот цртеж делумно прогресивно продлабочен не повикува да навлеземе во еден универзум каде формите како што далечината ги намалува стануваат почудни а истовремено и попрецизни и поослободени од материјата.
Поврзувањето на линиите, кривите, на симетралната и десиметралната конфигурација во просторот пулсираат во еден жив ритам каде рационалноста на организирање инклузивно во интуитивната сфера на перцепција, расветлуваат еден сопствен карактер на границите и контурите кои ја дефинираат и редефинираат формата. Авторот помеѓу абстрактната формула , декоративната формула и фигуративната формула остава да се види еден паралелизам, од една страна преку структуралните ритмички решенија и арабески а од друга преку сугерирањето на различните фигури во согласност со контурата водилка. Преку оваа дијалектика на органските форми Вујисиќ го контролира просторот создавајќи од него “идеален медиум” во кој формите се повикуваат и одговараат едни на други компонирајќи се и дескомпонирајќи се истовремено субординирани на сентименталната имагинација на продуктивните и интуитивните односи во естетската свесност.
Денот на сесловенските просветители и рамноапостоли Светите Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература, изумители на првата словенска азбука – глаголицата.
Денес, 18-ти Maj се одбележува Интернационалниот ден на музеите.
Музеите се сведоци на едно постоење, мост помеѓу минатото и сегашното, од праисторијата до денес.
Тие се посветени на заштита, промоција и интерпретација на културното наследство.
Поради неможноста да Ве поканиме физички да ги разгледате нашите музеи и да го одбележиме овој ден, Ве покануваме да ја разгледате официјалната Фејсбук страна на Завод и Музеј Охрид, како и нашата официјална веб страна: https://muzejohrid.mk/, и да се запознаете со дел од движното културно наследство од Охрид и Охридскиот регион.
Со оглед дека Галеријата на икони-Охрид, како и сите музеи во светот е затворена поради новонастанатата ситуација со пандемијата заради вирусот Covid19, а и по повод денешниот ден, 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, еве ви пружаме можност со еден клик на линкот подолу, барем на овој начин да ја погледнете и да видите што се крие во неа, овој пат само со слики, а за да дознаете нешто повеќе за вредните икони од една од светски најпознатите, најубави и највредни збирки што се чува во неа, повелете, посетете нѐ кога сето ова ќе помине и музеите повторно ќе бидат отворени за вас. Дотогаш уживајте во ова што ви го нудиме и, не заборавете, ве очекуваме да нѐ посетите!
Во 2017 година во Лапидариумот во Куќата на Робевци беше отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена А4. Изложбата беше во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија а кај нас пристигна на основа на неодамнешната соработка со кураторот и организаторот на истата проф.др. Овидиу Кроитору. На изложбата беа изложени цртежи, скици и графики на уметници и на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД и Чешка а ко- куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески.
Свој критички осврт на изложбата имаше и редовниот професор на Факултетот за Ликовна Уметност во Скопје, м-р Мирко Вујисиќ.
Во ова трето издание беа поканети и учествуваа и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот графичките техники како ликовно изразно средство.
Изложбата А4 за прв пат беше отворена во Националната Универзитетска Галерија -УНА Галерија во Букурешт а по гостувањето во Галерија Робевци истата беше изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија.
Изложбата беше отворена на крај на месец септември,траеше една недела и имаше можност да ја види најмногу Охридската публика. Поради тоа овој пат се одлучивме да ја претставиме повторно на пошироката публика преку фото материјал.
нашата работа продолжува и во услови на прогласена светска пандемија. Поради неможноста физички да претставиме изложба ние се одлучивме да ви ја претставиме овојпат во краток видео формат самостојната изложба на цртежи -графики на Охридскиот уметник Сашо Блажес насловена Под Стакло-цртежи во изолација кој за оваа изложба ќе каже:
Нема поголемо” казна” за еден творец од излолација. Време посветено во трагање на природата во себе.
Локалитет “Манчевци” е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 м2. Локалитетот се наоѓа во близина на катедралната црква Света Софија, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.
Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на IV-V век од нашата ера, има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман што бил карактеристичен за IV и V век. Како особено значајно се издвојува мозаичното поле со донаторски натпис во кој се спомнуваат Тома и Јован кои веројатно го изградиле објектот. Исто така, беа откриени фрагменти од фреско-живопис во долните партии на ѕидовите. Во текот на археолошките ископувања откриени се и мошне значајни елементи и фрагменти од мермерна градежна и декоративна пластика.
Проектотот за конзервација и презентација на откриените структури од базиликата, на локалитетот се одвиваше во континуитет неколку година по ред, а реализацијата на планираните активности ја спроведуваше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Во периодот од 2011 до 2013 година е извршена заштита од обрушување на земјените профили со изведба на потпорни ѕидови и нивно обложување со камен. При проектирањето на потпорните ѕидови се најде решение со кое не се нанесе оштетувања на мозаичниот под во централниот кораб на базиликата.
Со проектните решенија се извршија максимални реставраторски зафати, со вршење анастилоза на столбовите, и делумна реконструкција на некои елементи од носивата конструкција, за кои имаше веродостојни податоци. При конзервацијата се користеа автентични материјали, водејќи сметка за опусот на ѕидаријата.
Истовремено беа консолидирани зачуваните структури од базиликата, а за заштита на објектот од атмосферски води беа изведени натстрешници со лесна конструкција и покриени со транспарентни акрилни плочи.
Во Охрид досега се откриени девет ранохристијански цркви, меѓутоа, секако најзначајна и со многу зачувани остатоци е огромната базилика во месноста Плаошник, која по својата раскошност и димензии не заостанувала зад највелелепните храмови од своето време подигнати во Цариград, Солун, Антиохија и Александрија.
Систематско откопување и археолошко истражување на овој објект започнало во 1961 година под раководство на покојниот археолог Др. Васил Лахтов. Оваа работа ја продолжил професорот на Скопскиот универзитет Димче Коцо.
Оваа ранохристијанска базилика била создадена веројатно кон крајот на IV или почетокот на V век и има огромни димензии, скоро колку едно фудбалско игралиште. Таа, како и најголемиот број цркви во тоа време, била трибродна градба, чиј централен дел имал правоаголна форма, додека странично завршувала полукружно и била покриена со монументален свод, и имала одделен простор за покрстување. Базиликата била градена од големи четвртесто замазнувани тесни бели и црвеникави камени блокови, тешки по неколку стотини килограми, чии рудни лежишта и до денес не се пронајдени. Не е исклучено извесен дел од материјалот за градба да е префрлен од урнатините на античкиот театар кој се наоѓал во оној дел на градот чии остатоци од седиштата се најдени во непосредна близина на базиликата.
На сочуваните подни мозаици во оваа огромна и раскошна епископска црква, покрај разновидната геометриска и флорална орнаментика, се среќаваат и многубројни претстави на животни, особено птици. Во многубројните кружни амблеми на мозаичниот под има претстави на разни видови птици прикажани во најразлични пози: некои се во мирување, некои во лесно движење, едни колваат грозје, други колваат семе по земјата, додека некои се прикажани во лет. Претставувањето на птиците и воопшто сите животни на овие мозаици, покрај декоративниот карактер и несомненото симболично значење за христијанската литургија, е мошне значајно и од еден друг аспект, а тоа е застапеноста на одредени видови дивеч. Имено, помеѓу мошне реалистички прикажаните птици, можеме јасно да препознаеме фазани, гулаби, еребици, препелици, диви гуски, патки и разни други барски птици. Сé се тоа видови кои од секогаш ги населувале овие предели, а повеќето од нив тука живеат и денес. Од животните застапени на овие мозаици, покрај домашните (магаре, крава, јагне), има уште и срни, дивокози, козорози, елени, зајаци. Некои од нив се претставени во стоечка положба, некои како лежат, а други се во скок. Интересни се и доста натуралистички претставите на два зајаци во наосот: едниот зоба грозје, а другиот јаде морков или репка.
Од овој огромен мозаичен комплекс зачувани се околу стотина квадратни метри кои ни го потврдуваат мајсторството на големите и непознати уметници.
Во североисточниот анекс на оваа базилика има претстави на елени додека во северната и јужната конха на крстилницата се прикажани животни кои најмногу наликуваат на козорози. И едните и другите се мошне верно и релјефно предадени во мигот кога приоѓаат да се напијат вода. Значајни се уште и претставите на пауни во североисточниот дел на наосот како и во нартексот, каде што покрај западниот ѕид среќаваме и риба, особено карактеристичен христијански мотив, но истовремено значаен и за самиот Охрид и езерото.
Во претставите на паунот се споени симболите на бесмртноста, вечноста, Христовото тело и крв, бидејќи тој во текот на зимата ги губи пердувите, а со почетокот на пролетта добива нови. Тој е телото на верникот кој отфрлените пердуви на смртноста ги заменува со пердувите на бесмртноста, па така паунот станал симбол на воскреснувањето на телото, аналогно на општото обновување на природата во пролет.
Најимпресивното во оваа базилика е изградениот баптистериум-крстилница во форма на триконхос и со извонредни мозаици каде се претставени антропоморфно четирите рајски реки: Гион, Фисон, Тигар и Еуфрат.
Неговата иконографска интерпретација е единствен пример во ранохристијанската уметност. Имено, во идејна и композициска целина вклопени се темата на четирите рајски реки и темата на фонтаната на животот, често претставувана во крстилницата и другите простории на црквите, а која што идејно е поврзана со чинот на покрстувањето.
Четирите рајски реки, Гион, Фисон, Тигар и Еуфрат се претставени како човечки глави од чии што усти извира вода. Тоа се воедно и единствените човекови претстави на подните мозаици од ранохристијанскиот период во Македонија, а аналогии наоѓаме само во Солун, Хрватското приморје и на Сицилија.
Ктиторите овој свој голем подарок го обележале со натпис во источниот дел на просторијата (северно од главната црква) без своите имиња, на мошне скромен начин: “Го направија за свој благослов, оние чии имиња ги знае само Бог”.
Преку оваа базилика дознаваме дека во ранохристијанскиот Лихнид била одгледувана не само уметноста од највисок квалитет, туку и дека постоеле цркви кои поседувале и најголемо богатство познато во овој период, што го потврдува фактот дека Лихнидос бил мошне важен религиозен, културен и стопански центар. Едновремено, присуството на ваквото богатство може да се толкува и со тоа дека овдека било седиште на лихнидските епископи.
Се смета дека оваа мошне убава постројка пострадала и била урната во катастрофалниот земјотрес во VI век (518 година), кога е уништен античкиот Скупи, т.е. денешното Скопје, за кое нè известува византискиот хроничар Прокопиј. Постојат индиции дека оваа урнатина непосредно по своето доаѓање на Балканот, ја користеле за живеење припадниците на словенските племиња, бидејќи на мозаичките подови на црквата се изнајдени остатоци од огништа за кои се верува дека им припаѓале на Словените. До колку е точно, ова би се сметало и за пронајдок на првите траги на Словените во Охрид.
На местото на оваа базилика, а и подоцна се градени црковни објекти за што говорат бројни фрагменти на фрески, траги на ѕидови и темели од многу гробови како и различна керамика и други најдени предмети. Тоа зборува дека не е случајно што токму на ова место и св. Климент Охридски го изградил својот манастир Св. Пантелејмон, еден од најважните центри на старата словенска писменост и култура.
Локалитетот Плаошник се наоѓа во јужното подножје на повисокиот (западниот) рид на Охрид, на зарамнето плато меѓу цитаделата на Самоиловата тврдина и црквата Св. Јован Канео на брегот од Охридското Езеро. Плаошник е исклучителен археолошки комплекс со културни слоеви од праисторијата, антиката и средниот век.
Првите археолошки интервенции на Плаошник се случиле во времето од октомври 1942 година до мај 1943 година (со прекини), на просторот од внатрешноста на остатоците од Султан Мехмед џамијата во организација на Службата на старините во Охрид на чело со нејзиниот раководител Кирил Прличев, а потоа и со Димче Коцо. Притоа се откриени остатоци од старата Светиклиментова црква и гробот на Св. Климент Охридски. Вкупните резултати од овие археолошки ископувања ги објавува професорот Димче Коцо во 1948 година. Во времето од 1960-1964-1966 година повторно се вршат археолошки ископувања на Имарет (Плаошник) при што паралелно се открива ранохристијанската поликонхална црква од V-VI век, а во месеците август-септември 1965 година Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата-Скопје врши археолошко-конзерваторски истражувања на просторот од Светиклиментовата црква “Св. Пантелејмон” после кое се изведени конзерваторски работи.
Поголеми зафати беа реализирани во времето од 1999-2002 година кога беа изведени ревизиони археолошки истражувања во внатрешноста на Светиклиментовата црква и околу неа при што целосно беа откриени и дефинирани градбените фази и целосно беше откриена монументалната тробродна ранохристијанска базилика со нартекс, атриум, крстилница, помошни простории и широки дворишта во источниот дел од комплексот. Во пространиот атриум на северната страна од објектот се откриени голем број мермерни столбови со бази и капители, а нартексот и северниот брод од базиликата имаат зачувани мозаични подови во повеќе фази. Меѓутоа, најрепрезентативен дел на оваа базилика е секако нејзината монументална крстилница што се наоѓа јужно од нејзината апсида, со извонредно сочуваниот мозаичен под. Таа има форма на правоаголник во чиј средишен дел се наоѓа кружна писцина (базен во кој се вршело крштевањето) со скалила на источната страна по кои се слегувало во базенот. Мозаичната декорација на нејзиниот под се состои од геометриски орнаменти и симболични растителни и зооморфни претстави. Тука се среќаваат стилизирани претстави на лоза со гроздови, листови, цветови и доста реалистички претставени домашни и диви животни и птици како јагне, лав, паун, петел, барски птици. Во кружните полиња на бордурата на подот, формирана од две испреплетени ленти, покрај другите претстави, присутни се и разновидни форми на крстови помеѓу кои и свастиката.
Сите нактивности на овој локалитет беа превземени во рамките на проектот Возобновување на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид по повод јубилејот “2000 години христијанство во Македонија и светот”, предложен и реализиран од надлежната институција НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, поддржан и финансиран од Владата на Република Македонија, од Македонската православна црква, како и од целиот македонски народ. Возобновувањето беше изведено на темелите од старата Светиклиментова црква и на темелите од нејзините доградби, а по претходно отстранување на остатоците од Султан Мехмед џамијата во чија пак внатрешност беа остатоците од црквата и гробот на Св. Климент Охридски. Во основа се прикажани делови од исламскиот сакрален објект како сведоштво за неговото постоење и сведоштво за едно историско време на овој простор. Паралелно беше изведена и заштитната покривна конструкција над ранохристијанската поликонхална црква, како и конзервација на мозаичните подни површини од баптистериумот на истата сакрална градба. Сите активности од овој проект беа завршени со голем народен собор и литиска процесија на пренесувањето на моштите на Св. Климент Охридски од втората катедрална црква во Охрид, Св. Богородица Перивлепта на Дебој, до старата Светиклиментова црква Св. Пантелејмон и до гробот на Св. Климент на Плаошник, како и со осветување на возобновента црква на 11 август 2002 година.
Археолошките истражувања и конзерваторско-реставраторските работи продолжија со помал обем и во времето помеѓу 2003 и 2006 година, при кое беа истражени извесни простори западно од нартексот на монументалната тробродна базилика и на просторите под мозаичните подови од нартексот и баптистериумот на истата ранохристијанска градба. Во ова време целосно беа завршени конзерваторските работи на мозаичните подови од баптистериумот при што истите беа поставени на нови подлоги, а беа поставени и заштитни покривни конструкции над двата баптистериуми од ранохристијанските цркви на Плаошник.
Со најновите систематски археолошки истражувања кои се одвиваа од март до декември 2007 година и во текот на 2008 година започна реализацијата на втората фаза од проектот “Плаошник”, односно започна реализацијата на проектот Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид. Целта на овие истражувања, кои продолжија и сè уште траат, е комплетно да се истражи просторот на т.н. Светиклиментова почва и, покрај другото, да се утврдат остатоци од постоењето на манастирските конаци, што во овој случај би значело и убицирање на просторните услови за функционирање на т.н. Охридска книжевна школа, или Охридската книжевна академија, или, како што веќе се нарекува Светиклиментовиот универзитет.