Ненадмината убавина-икони од Македонија

09. 02. 2011 – 11. 05. 2011


Ова беше најголемата изложба која некогаш била изнесена од Република Македонија во некој странски музеј. Целта беше да се изврши една поширока презентација на културата на нашата земја во една пријателска земја како што е кралството Холандија и на некој начин да се возобноват традиционално добрите релации, особено во сферата на културата и туризмот. Иницијативата за оваа изложба беше покрената уште во 2005 година при посетата на една поголема делегација од Холандија на Охрид и по петгодишни подготвителни активности дојде до нејзина реализација во 2011 година. Свои експонати за оваа изложба позајмија повеќе институции од нашата земја: НУ Музеј на Македонија-Скопје, НУ Завод и Музеј-Охрид, Музеј на град Скопје, НУ Завод и Музеј-Битола и НУ Стоби. Беа иложени вкупно 159 предмети, меѓу кои 52 икони, археолошки, етнолошки, богослужбени и други предмети, од кои 29 од збирката на нашата институција.

Изложба “Ненадмината убавина-икони од Македонија” во Музејот Катарајнеконвент во Утрехт, Холандија

Св. Наум Охридски во иконописот на дебарско-кичевската епархија од XVIII и XIX век

03. 10. 2010 – 08. 10. 2010


Изложбата беше организирана по повод по повод 1100 годишнината од упокојувањето на св. Наум Охридски од страна на МПЦ-Дебарско-кичевска  епархија и на неа беа презентирани вкупно 30 икони, од кои 5 од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид.

Изложба “Св. Наум Охридски во иконописот на дебарско-кичевската епархија од XVIII и XIX век” во црквата Св. Софија во Охрид

Византија 330-1453

25. 10. 2008 – 22. 03. 2009


Со оваа изложба уште еднаш беше стакнат сјајот на Византиската империја. Беа изложени околу 323 предмети, вклучувајќи икони, оригинални сцени и фрагменти од ѕидно сликарство, микро-мозаици, предмети од слонова коска, емајл, злато и сребро. Некои од делата никогаш дотогаш не биле прикажани пред јавноста. На изложбата беа презентирани извонреднии дела од ризницата на црквата Св. Марко во Венеција, како и многу ретки предмети од збирките низ Европа, САД, Русија, Украина и Египет. Изложбата почнува со основањето на Цариград во 330 година од римскиот император Константин Велики и завршува со заземањето на градот од страна на османлиските сили на султанот Мехмед II во 1453 година. Ова беше првата голема изложба на византиската уметност во Обединетото Кралство во последните 50 години.

На изложбата со свои експонати беа застапени вкупно 136 музеи, културни, научни, црковни и други институции и приватни колекции од 27 земји од целиот свет, а Република Македонија беше претставена од НУ Завод и Музеј-Охрид, од чија збирка беа изложени осум икони.

Изложба “Византија 330-1453” во Кралската академија на уметностите во Лондон, Велика Британија

Словенските апостоли Свети Кирил и Методиј

30. 11. 2004


Изложбата беше организирана во чест на големото дело на светите солунски браќа  Кирил и Методиј. Истата се состоеше од документи, фотографии и икони на кои се претставени словенските просветители, како и повеќе литургиски предмети;

На оваа изложба, поставена во Музејот на град Скопје, беа изложени вкупно 33 икони и други предмети, од кои и две икони од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид.

Подоцна, во истиот месец, изложбата, во нешто скратена форма беше пренесена и во Охрид, во Галеријата на икони.

Изложба “Словенските апостоли Свети Кирил и Методиј” во Музејот на град Скопје

Византија-Вера и моќ (1261-1557)

23. 03. 2004 – 04. 07. 2004


Изложбата, организирана од еден од најголемите и најпознати музеи во светот, беше трета од серијата големи меѓународни изложби на византиската уметност.

На изложбата со свои експонати беа застапени вкупно 136 музеи, културни, научни, црковни и други институции и приватни колекции од 27 земји од целиот свет и беа презентирани вкупно 355 икони и други предмети, а Република Македонија беше претставена со пет икони, од кои четири од збирката на НУ Завод и Музеј-Охрид и една од колекцијата на Музејот на Македонија од Скопје.

Изложба “Византија-Вера и моќ (1261-1557)” во Музејот Метрополитен во Њујорк, САД

Од Охридските ризници

02. 10. 2001


Изложбата беше организирана по повод одбележувањето на 50-годишнината од обновувањето на Народниот музеј во Охрид, кој е една од најстарите институции од овој вид, не само во земјата, туку и многу пошироко.

На изложбата беа презентирани вкупно 52 експонати, меѓу кои икони, црковни везови, литургиски предмети, делови од опкови на икони итн., од кои 32 во сопственост на НУ Завод и Музеј-Охрид, а останатите 20 на МПЦ, Дебарско кичевска епархија.

Изложба “Од Охридските ризници” во Галеријата на икони-Охрид