Продолжуваат активностите околу санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’, предводена од стручни лица при Н.У.Завод и Музеј Охрид. Во наредниот период ќе се работи на поправки на оштетените делови, односно на подовите и ѕидовите од праисториските куќи. При посетата на музејот, самите посетители ќе имаат можност одблиску да се запознаат и со изведувањето на конзервацијата на куќичките. Конзерваторските активности се реализираат под раководство на Ванчо Димоски, конзерватор при Н.У. Завод и Музеј – Охрид.
Ве известуваме дека на 01.07.2022 година (петок) во 20 часот, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена самостојната изложба ,,Интимно Понирање,,од авторот Трајче Чатмов. Ќе бидат изложени 20тина дела работени во последната година во техника акрил на платно . Слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот ,,Интимно Понирање,, но и слики со една нова колористична гама . За неговиот последен циклус на дела професорот Гоце Наневски ќе каже :
Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка, е чин со кој ја спасуваш останатата земја и се на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себе си на некој неразбирлив јазик, е разговор со самиот себe? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек?
Понекогаш е полесно нештата да ги предвидиш одколку да ги погледнеш наназад. Добро е да гледаш нанапред со сликата. Малку гледаме нанапред иако иднината го бара тоа од нас. Сакаме да ја менуваме иднината, таа е мистериозна, таа нуди дарови и слики.
Погледот на минатото е поглед на слика од коцки и кругови(намерно не велам топки), таа не учи и ја има моќта да не охрабри. Можните истории ги нуди само иднината, оној момент кога ќе го разбереме тоа, разбираме зошто минатото е такво. Сакаме ли некако наназад да ја (по)влечеме иднината? Дали можеме да бидеме во исто време и во минатото и во иднината? По некаква логика тоа е (не)можно, или ако еден лист хартија го превиткате на пола, две точки од него ќе се најдат на исто место.
Создавањето уметност врз почва полна со „храна” е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се одтаде уметноста.
Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот “розев” мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории.
Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични” и „Легендите се за читање”.
Нашиот концерт во Музејот на вода кај Градиште покажа дека во предисториските населби, освен што се живеело убаво, убаво било и да се свири. Уживавме во привилегијата да бидеме меѓу Охридското Езеро и Галичица и да го исполниме овој магичен простор со нашата музика.
Им благодариме на сите гости што дојдоа на концертот и особено на Ивица Јанкуловски за извонредниот звук и на Христијан Талевски и Маја Аргакијева за прекрасните фотки и видеа. Особено сме им благодарни на сите од Завод и музеј – Охрид за нивната подршка и ентузијазам заеднички да го реализираме овој настан, а којшто веруваме ќе прерасне во традиција.
Ве известуваме дека на 27.05.2022 година (петок) во 19 часот, во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена петтата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Изложбата ќе биде отворена до 10.06.2022 година.
Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат луѓето кои се болни од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.
Во случајов претставувањето портрети е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“. Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт-брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што е примарно доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.
Преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, авторот апелира на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот.
СОКОЛ МАРКОВСКИ е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.
НУ Завод и Музеј – Охрид имаше чест да биде домаќин на посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија. За време на средбата, амбасадорката беше запознаена со историјата и со богатото културно наследство од Охридскиот регион и ги посети Галеријата на икони, средновековните цркви Св. Богородица Перивлептос и Св. Софија, како и богатата археолошка и етнолошка поставка во Музејот во Куќата на Робевци.
НУ Завод и Музеј – Охрид склучи договор за соработка со Центарот за истражување на праисторијата (ЦИП) од Скопје, со цел афирмација и популаризација на праисториското културно наследство од Охридскиот регион. Првата активност во рамките на оваа соработка е одржување на концерт на џез бендот Next to Silence, кој ќе се одржи на реконструираната наколна населба во рамки на Музејот на вода кај Градиште, со што ќе започнат активностите за популаризација на овој исклучително значаен локалитет од праисториските времиња.
Концертот ќе се одржи на 22.05.2022 година во 13.00 часот. Сите посетители кои купиле влезница за посета во Музејот на вода ќе може да уживаат во џез звуците на бендот Next to Silence без дополнителна доплата.
Во тек се активностите за санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште. Во следните месеци ќе се извршува континуирана обнова на сите оштетени делови од куќичките и огништата кои се презентирани во овој музејски комплекс. Планираните активности се реализираат под раководство на конзерваторот Ванчо Димоски од НУ Завод и Музеј – Охрид.
Ја известуваме јавноста дека НУ Завод и Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид. Целта на истражувањата е да се дефинираат хоризонталната и вертикалната стратиграфија на овој простор и да се одредат понатамошните активности од планираната реконструкција на плоштадот од страна на Општина Охрид.
Просторот на археолошките сонди е заграден, но упатуваме апел до сите граѓани да внимаваат на сопствената безбедност околу позициите на кои се ископува, а во исто време да им овозможат на стручните екипи од Завод и Музеј – Охрид непречено вршење на работите.
Крсте Мартиноски, нашиот Крки, уникатна Мешеишко-охридска легенда, замина во вечноста и бесконечноста, но само привидно физички, не духовно, оти во спомените наши ќе остане до крајот на векот и светот. Мартиноски е графичар по вокација, уметник во суштина и заштитар, конзерватор и реставратор на уметничките вредности од минатите времиња со академска титула. Во Завод и Музеј-Охрид беше вработен од 1988 до 1991 година. На Охриѓани им ја остави реставрирана вековната Горна Порта, реставрирана и обновена украсната влезна порта од манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта, Охридската гимназија, реставрирана надгробната плоча од поетот и преродбеник Григор Прличев, ентериерните специфичности на охридските архитектонски убавици Робевци и Уранија, на ентериерните вредности на обновената Прличевата родна куќа… Незаборавен беше нашиот престој во Херне, Германија, каде што го презентиравме Охрид со најзначајните археолошки вредности и со охридско иконописно наследство, а каде што нашиот Мартиновски, таму симпатично наречен Зигмунд, беше главниот оперативец на изложбата.
Од 1991 година до денес Крсте Мартиноски беше слободен уметник и член на ДЛУМ. Презентираше уметнички вредности по скопските галерии и музеи во самостојни и групни изложби. Крај Вардар со сопствени раце си изгради дом со Еденска градина околу него.
Незаборавно е неговото учество во конзерваторско-реставраторските работи на Плаошник каде што неговите „златни раце“ од керамички фрагменти обновуваа цели питоси и спојуваа фрагменти од столбови и други камени и мермерни предмети. Праисториската дрвена капија на влезот во реконструираната наколна населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро е негово дело како негов влез во предворјето на праисторијата, таму каде што во длабокото минато ќе се сретне со длабоката иднина и ќе продолжи да живее во вечноста како гласник на нашата цивилизација. И уште нешто, со библиска конотација: Крсте Мартиноски беше заљубен во Адамовата Ева и поради тоа тивко и осамено замина од животот не обвинувајќи никого и добрувајќи со секого.
Засекогаш ќе живее во нашите светови, а ние сме многу.
Со почит од неговите колеги и соработници од НУ Завод и Музеј – Охрид
Старото градско јадро на Охрид претставува еден културолошки резервоар, каде под секој чекор лежат пластови културни остатоци од минатите векови. Дел од истражувањата се публикувани во најновото издание на „Археолошки информатор“.