Изложба “Страст за носталгија” на охридскиот сликар Сашо Блажес

28. 07. 2017 – 10. 08. 2017


Синоќа во Галеријата “Робевци” во Охрид беше отворена шестата самостојна изложба на охридскиот сликар Сашо Блажес, под наслов “Страст за носталгија”.

Сашо Блажес е роден во Охрид во 1980 година, а ова е негово трето самостојно претставување пред охридската публика. Покрај петте самостојни изложби, овој ликовен уметник, кој своето образование го оформил на Факултетот за ликовна уметност во Букурешт, Романија (2002-2006), каде што и магистрирал во 2008 година, до сега учествувал на и на голем број групни изложби во земјава и светот.

Неговиот најнов циклус слики, изработени во последните неколку години (2015-2017) се состои од серија портрети кои навидум реферираат на класичниот поим и постапка во нивната изработка. Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како “спомени”, “огледала на реалноста”, “наративи”, “различни реалности”, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти.

Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало.

Изложбата ќе трае до 10 август.

Изложба на слики на Стефан Хаџи-Николов

14. 07. 2017 – 27. 07. 2017


Во рамките на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, а како дел од летната изложбена програма на НУ Завод и Музеј-Охрид, во галеријата Робевци во Охрид беше отворена изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов.

Овој реномиран македонски сликар, кој во истиот простор во Охрид се претстави и пред две години со неговата 60-та самостојна изложба под наслов “Светлина од минатото”, на својата најнова изложба се претстави со најновите дела од богатиот опус.

Досега Хаџи-Николов има остварено голем број самостојни изложби, не само во Македонија туку и ширум светот, почнувајќи од 1982 па сè до денес.

Хаџи-Николов учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјата и надвор од неа. Учесник е на повеќе меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност “Импресија” во Пловдив, Бугарија.

Стефан Хаџи-Николов има добиено бројни признанија и престижни награди од областа на уметноста, со кои е потврдено неговото творештво.

Изложбата на слики на Стефан Хаџи-Николов во галеријата Робевци во Охрид.

Изложба на фреско-копии, црковни везови и литургиски предмети

25. 06. 2017 – 30. 06. 2017


Кон крајот на месец јуни 2017 година, во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид беше изложен уште еден дел од богатото наследство од збирките на НУ Завод и Музеј-Охрид.

Се работи за дваесетина фреско-копии со ликовите на словенските просветители Сс. Климент и св. Наум Охридски, но и Сс. Кирил и Методиј и други светители од црквите во Македонија и соседните земји, но и една од Рим, Италија. Копиите се изработени претежно во 1966 и 1980 година, по повод прославата на 1050 годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски (1966) и отворањето на Музејот на Словенската писменост во Охрид (1980) од страна на најпознатите кописти во тоа време како Драгомир Јашовиќ, Зденка Живковиќ, Никола Цонев и други. Минатата, 2016 година, поголемиот дел од овие фреско-копии беа изложени на изложбата “Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност” во универзитетот Урбаниана во Ватикан, како и на две други изложби во Скопје и Охрид.

Во склопот на оваа изложба се изложени и одреден број црковни везови и литургиски предмети од збирката, сè со цел да се збогати содржината и разноликоста на предметите што им се презентираат на посетителите на Галеријата на икони-Охрид.

Изложба на фреско-копии, црковни везови и литургиски предмети

Изложба “Intaglio” на Print Nest + студиото од Софија, Бугарија

16. 06. 2017 – 29. 06. 2017


Изложбата “Intaglio” се состои од графички дела од авторите на графичкото студио “Print Nest+” од Софија, Бугарија. Имено, шест млади автори од Македонија и од Бугарија имаат воспоставено свое студио во Софија, Бугарија автори кои ги поттикнуваат и негуваат традиционалните графички техники.

“Print Nest Studio” е работилница во која група на млади уметници вљубeни во графичката уметност, пронашла начин како имагинрниот свет да го претвори во реален. Студиото е комбинација на различни личности, луѓе со различни способности и ставови кон животот, но со заедничка точка на исчезнување. Основно обележје на графиката на овие млади автори е да се изгради имиџ во опсегот помеѓу црната и белата боја. Тие главно ги користат традиционалните графички техники за да создадат форми и простори, услови, мисли и чувства и да ѝ дадат посебна топлина и блискост на перцепцијата. Современиот изглед на графичките листови е засилен со актуелноста на прашањата кои ги третираат во своите дела. Тематските регистри се разновидни и повеќеслојни. Обрасците технички се разликуваат, од прецизноста на минијатурата до монументалност. На оваа изложба, која ќе трае до 29 јуни своите дела ќе се прикаже на уметници: Зоран Мише, Иван Матеев, Васил Ангелов, Горан Тричковски, Павел Целкоски и Ива Димитрова.

Во петок, на 16 јуни 2017 година, во 20:00 часот, во Уметничката Галерија Робевци ќе биде отворена изложбата “Intaglio” на Print Nest + студиото од Софија, Бугарија

Внатрешна градина

30. 06. 2017 – 06. 07. 2017


Ликовните дела на романската сликарка Емилиа Персу, по пауза од шест години повторно се изложени во Охрид. На 30. 06. 2017 година, во Галеријата Робевци беше отворена изложбата под наслов “Внатрешна градина” на оваа сликарка што е дел од авангардната генерација на уметници од Романија. На изложбата беше преставен најновиот циклус дела на авторот, изработени на платно во комбинирана техника.

Инаку Емилиа Персу е ликовен уметник и претседател на графичкиот отсек во Друштвото на ликовни уметници на Романија.

Родена е на 21 февруари 1963 година во Букурешт, Романија, а дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности, отсек сликарство, исто така во Букурешт.

За прв пат пред охридската публика нејзините ликовни дела беа презентирани во 2011 година, на изложбата насловена како “Постмодерен Левант”. Нејзините дела љубителите на ликовната уметност имале можност да ги видат и во голем број европски земји, а учествувала и на голем број, кампови, фестивали и симпозиуми во Ирак, Индија, Мароко и Санкт Петерзбург во Русија.

Изложба “Внатрешна градина” на романската сликарка Емилиа Персу

27 традиционална изложба по повод на 18-ти мај, Меѓународниот ден на музеите во куќата на Робевци

19. 05. 2017


Традиционално, како и во изминатите години, НУ Завод и Музеј-Охрид го одбележува 18 мај Меѓународниот ден на музеите. Оваа година тој се одбележува со 27-та изложба на уметнички дела од нашиот богат фонд на современата уметност. Како и во претходните години, на изложбата се изложени делата на уметниците кои имаа свои изложби во последните неколку години во Уметничката галерија Робевци.

27 традиционална изложба по повод на 18-ти мај, Меѓународниот ден на музеите во куќата на Робевци

Изложба МАЛ ФОРМАТ на друштвото на ликовни уметници на Македонија

02. 06. 2017 – 15. 06. 2017


На изложбата “Мал формат” се преставени дела изработени во најразлични ликовни техники од 50 македонски автори, членови на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Инаку, малиот формат од секогаш претставувал творечки предизвик и искушение дури и за најголемите уметници како Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци кои го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, со димензии 25 х 25см, и на концизен, а понекогаш и метафоричен начин да го пренесат мотивот од големото платно во смалена димензија. Изложбата која е отворена на 2 јуни ќе трае до 15 јуни.

Во петок на 02. 06. 2017 во 19:00 часот, во галеријата Робевци се отвори изложбата МАЛ ФОРМАТ на друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Изложба на Полската школа на плакати

14. 10. 2016


Богатата збирка na плакати која Полската амбасада во РМ ја донесе, во земјава е достапна и за охридската уметничка публика на изложбата во спомен куќата на Христо Узунов. Изложени се дела на најистакнатите полски автори на плакатот од таканаречените Златни години, од 1950 година до денес. Со децении, ниту еден јавен настан, филм, фестивал, концерт,театарска престава не е презентиран без присуство на плакат. Со инвенцијата на тробојната литографски процес во 1880 година од страна на францускиот графичар Џулс Шерет плакатот на крајот од 19 век во Европа станува уметност на големиот урбан пејзаж. Ова ново средство на комуникација особено се развива со новите графички решенија и големата иновативност на првите мајстори на постерот, Анри де Тулуз Лотрек, Леонето Капиело, Алфонс Муха, Еуген Грасет.

Полскиот плакат е дозволена форма на уметничка екпресија, а благодарение на Полските графичари Полска станува светски позната по уметноста на плакатот. Полскиот плакат достигнува ниво на национална уметност благодарение на екстремно талентираните графичари како Томашевски.Леница, Мајевски, Млодожењец, Старовјејски, Швјежи и многу други.

Во Варшава во 1968 година се отвори првиот музеј на плакат во светот, Музејот на плакатот во Виланов како дел од Националниот Музеј во Варшава чија колекција брои повеќе од 60.000 дела и воедно е една од најголемите колекции на плакат во светот. Инаку оваа изложба е реализирана преку проектот “Музеум линк” на Музеј на град Скопје во соработка со 18 музеи надвор од Скопје, меѓу кои и НУ Завод и Нузеј-Охрид.

Полската школа за плакат, не е само врв на полската креативност и културно живеење по Втората светска војна, туку и сериозен претставник во европските културни текови. Изложбата е презентирана во галерии и музеи во повеќе градови низ Македонија.

Изложба на Полската школа на плакати во Спомен куќата на Христо Узунов

Инскрипции, жена во простор

09. 09. 2016 – 16. 09. 2016


Мустафа Џеват Атал е роден во Караман Турција. Дипломира на Универзитетот “Селџук” ,докторира на “Гази Универзитетот”, а од 2013 година работи како лектор на “Намик Кемал” Универзитетот во Текирдаг, Турција.

Зад себе има шест самостојни изложби и голем број групни изложби. “Инскрипции, жена во простор” е најновиот циклус слики со кој авторот се представи пред охридската публика.

Изложба “Инскрипции, жена во простор” на турскиот уметник Мустафа Џеват Атал во Спомен куќата на Христо Узунов

Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и соседните земји

09. 08. 2016 – 20. 08. 2016


Во рамките на активностите на Македонската Академија на Науките и Уметностите за одбележување на 1100-годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, на 09 август 2016 година,  во катералната црква Света Софија во Охрид беше отворена изложба на копии на фрески со ликот на светецот од црквите и манастирите во Македонија и во соседните држави. Изложбата, всушност се состоеше од фреско-копиите што на 24 мај истата година, во организација на НУ Завод и Музеј-Охрид, а по повод традиционалната манифестација “Македонија во чест на Св Кирил”, беше отворена во просториите на Понтификалниот универзитет Урбаниана во Ватикан, надополнета со уште неколку експонати, копии на фрески и фотографии. Истата оваа изложба, нешто порано, беше поставена и во просториите на МАНУ во Скопје.

Изложба “Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и соседните земји” во црквата Св. Софија во Охрид