СОФРАТА во охридските килими

19. 10. 2018 – 01. 02. 2019


На 19. 10. 2018 год во 13 часот во Куќата на Робевци  беше отворена изложбата СОФРАТА  во охридските килими. На изложбата се прзентирани 11 килими . Тие потекнуваат од средината на 19 век и се сведок за постоење на една традиција. Се постилале на ѕид, но доминацијата била постелени на под, главно во пространите гостински одаи и чардаци. За делник биле наменети едни, а за празник понови и поубави. Тие главно биле сопственост на побогатите слоеви на населението од тоа време за што сведочата натписите со имињата на килимите. Како најкарактеристичен дел во килимите што е  и  предмет на оваа изложба е софрата. Таа се наоѓа во централниот дел на килимите и плени со својата шара и убавина. Уште се среќава и под поимот ниша, а се претпоставува дека името го добила по тоа што фамилијата се собирала токму тука  за консумирање на храната околу софрата, а подоцна и масата. Килимената орнаментика  Охрид јасно го одделува од другите балкански и македонски килимарски центри , со што го прави најзначаен и најоригинален центар во овој регион.

Изложбата ќе биде отворена до 01.02. 2019 год.

АНТОЛОГИЈА II

10. 08. 2018 – 04. 10. 2018


На 10.08.2018.во 20 часот беше отворена изложбата Антологија II (македонско сликарство 1950-1965) , избор на дела од збирката на Современа Уметност при Н.У. Завод и Музеј-Охрид. На изложбата се преставени дела на Петар Мазев, Драгутин Аврамовски-Гуте, Борко Лазески, Иван Велков, Спасе Куноски, Томо Шијак, Димитар Кондовски, Миле Корубин, Љубодраг Маринковиќ-Пенкин, Борислав Трајковски, Ванчо Георгиев, Јован Димоски, Трајче Николовски и Јосиф Трајковски. Изложбата ќе трае до 4-ти октомври.

ИЗЛОЖБА МУЛТИПЛИЦИРАНИ РЕАЛНОСТИ -МИРКО ВУЈИСИЌ, ЛИДИЈА ВУЈИСИЌ, МАРКО ВУЈИСИЌ

27. 07. 2018 – 09. 08. 2018


Минатиот петок 27.07.2018 во 20 часот беше отворена изложбата ”Мултиплицирани реалности” на авторите Мирко Вујисиќ, Лидија Вујисиќ и Марко Вујисиќ.

Лидија Вујисиќ завршила Средно уметничко училиште – отсек грaфички дизајн во Ниш. Дипломирала на ФЛУ – Скопје на отсекот за графика во 1985. Професор е во Училиште за дизајн и ликовна уметност „Лазар Личеноски“ од 1986. Има реализирано 13 самостојни изложби во земјата и странство а има изложувано на околу 150 меѓународни графички изложби меѓу кои Интерграфик – Берлин, Канагава – Јапонија, Биенале во Варна, во Белград, Белгија, Романија и др. Добитник е на 10 награди за графика од 1987 до 2016 година.

Мирко Вујисиќ го завршил Училиштето за применета уметност во Скопје на одделот за графика. Дипломирал на ФЛУ-Скопје на отсекот графика во 1984 година. Во 1998 магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Предава како редовен професор на ФЛУ во Скопје. Има реализирано 24 самостојни изложби во земјата и странство со графики, цртежи и слики. Учествувал на преку 150 групни изложби на графика и цртеж во земјата и во странство. Добитник е на 15 награди за цртеж и графика во земјата и 3 меѓународни награди.

Марко Вујисиќ, е млад македонски уметник кој завршил средно уметничко училиште, отсек графика, студирал графика на ФЛУ и графика, сликарство во Белград како и завршена СЕМОС Академија за графички дизајн во Скопје.

Изложбата ќе трае до 09.08.2018 година

МАТЕРИЈАЛНИ КОНТУРИ

07. 07. 2018 – 25. 07. 2018


Во рамките на 6-тото издание на меѓународната летна школа по архитектура и дизајн која се одржуваше од 30 јуни до 08 јули 2018 во Охрид, во соработка на НУ Завод и Музеј Охрид со Американ Колеџ – Скопје,.се одржа предавање и разговор со професор Митеш Диксит, архитект по Архитектура на Syracuse University, New York како и изложба на трудовите изработени за време на летната школа со наслов ,,Материјални Контури” во Куќата на Робевци, Охрид, Македонија, на 7 јули, од 19:00 часот

Митеш Диксит од архитектонското студио DOMAIN OFFICE во неговото предавање “On Process” ја истражува релацијата на теоријата и праксата, прашањето за постоењето и значењето на теоријата и суштествената конституција на дефиницијата при процесот на проектирање. Преку анализа на два проекти од различна архитектонска типологија, контекст и локација, Диксит  ја илустрира тенденцијата и копнежот на архитектонското студио DOMAIN OFFICE во потрага по “нова” дефиниција во праксата.

ИЗЛОЖБА ”БИСЕРНО СИНИЛО” НА УМЕТНИКОТ БЛАШКА МИ ЕВА

04. 05. 2018 – 17. 05. 2018


Минатиот петок во Галерија Робевци беше отворена изложбата ”Бисерно синило” на ликовниот уметник Блашка Ми Ева. Во врска со делата изработени во акварелна техника авторот ќе напише : Насловот на изложбата, „Бисерно Синило“ е всушност наслов на едно дело, кое е и носечко дело. Бисерно синило претставува симбиоза на водената шир и небото, каде се создаваат одблесоци и рефлексии од сончевите зраци, каде навидум изгледа како бисери да се движат по површината. Бисерот како една рефлективна форма која со своите нежни нијанси на светло сини, светло розови, светло жолти бои, создаваат богатство на бои кои се и повеќе од доволно за инспирација на овој циклус.
 

Блашка Ми Ева родена 1986 во Скопје. Дипломирана на факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство под менторство на проф. Вело Ташовски, со подотсек, конзервација и реставрација на фрески и икони. Завршено средно уметничко училиште “Лазар Личеноски„ – Скопје, на отсекот текстил и облека кај професорката Лира Грабул. Добитник е на наградата најдобар студент на генерација за 2008/09 год. на УКИМ. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Има реализирано 5 самостојни изложби во Скопје и многубројни групни изложби во земјава и надвор од неа. Активно работи на полето на дизајн на накит веќе 15 години. Живее и работи во Скопје. Селектирани реализирани изложби: Самостојна изложба во МКЦ Скопје 2009; Самостојна изложба во Креактив Скопје 2011; Групна изложба во Прима Центар Берлин – Берлин 2013; Инсталација на Бела Нок – Скопје , МКЦ 2014; Самостојна изложба на мозаици, Концепт 37, Скопје 2014; Учество на Саем за современа уметност – Paratissima Skopje 2016; Самостојна изложба на цртежи – Дом на култура – Гостивар 2016; Самостојна изложба на цртежи – Музеј на Град Скопје- 2017 Самостојна изложба на цртежи Галерија Робевци – Охрид 2018

Изложбата ќе трае до 17.05.2018 година.

ИЗЛОЖБА НА ЖЕНСКОТО ДРУШТВО “БИСЕРА”

07. 03. 2018 – 15. 03. 2018


По повод 8-ми март синоќа женското друштво Бисера од Охрид ја отвори својата традиционална изложба во галеријата Робевци. Изложбата по традиција се отвара  еден ден пред празникот на жената и на неа учествуваат жени сликарки од Охрид. Изложбата ќе трае една недела односно до 15-ти март.

ИЗЛОЖБА НА РАКОТВОРБИ

17. 01. 2018 – 18. 01. 2018


Во Куќата на Робевци на 17-ти јануари се отвори еднодневна изложба на ракотворби и предмети од традицијата на Турција. Изложбата беше дел од активностите на Шестата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2018“ на тема „Дијаспора, транснационализам и интеркултурни комуникации како нови форми на социјален капитал“. Експонатите што беа изложени се дела на учесниците на конференцијата од Универзитетот Селџук од Коња, Турција. Поставката се реализира во соработка со етнолошкото одделелние на НУ Завод и Музеј – Охрид. Изложбата ја отворија претставниците на Огранизацискиот одбор на конференцијата проф.д-р Рубин Земон  од Универзитетот Евро-Балкан од Скопје, Република Македонија и проф.д-р Ахмет Ајтаџ од Универзитетот Селџук од Коња, Република Турција.

Изложба “Никулец” на уметникот Христина Зафировска

15. 09. 2017 – 28. 09. 2017


Зафировска е родена во Скопје. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на одсекот сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн.Во 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот;

Христина Зафировска работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото;

Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата.  Дел е од многубројни фестивали, работилници, симпозиуми, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко;

 На оваа изложба ќе бидат изложени 15 дела од  нејзиниот најнов авторски опус изработени во комбинирана техника на хартија.

ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА А4

29. 09. 2017 – 05. 10. 2017


Во петок  29.09.2017 во 20 часот во Галерија Робевци ќе биде отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена А4. Изложбата е во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија а кај нас ќе пристигне на основа на неодамнешната соработка со кустосот организатор на истата проф.др. Овидиу Кроитору. На изложбата ќе бидат изложени цртежи, скици  и графики на уметници и  на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД  и Чешка.

Во ова трето издание кое ќе гостува една недела во Галеријата Робевци ќе учествуваат и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот графичките техники како ликовно изразно средство.

Изложбата А4 за прв пат е отворена во Националната Универзитетска Галерија -УНА Галерија во Букурешт а по гостувањето во Галерија Робевци истата ќе биде изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија.

АНТОЛОГИЈА I

11. 08. 2017 – 13. 09. 2017


На ден 11.08.2017  во Галерија Робевци е отворена изложбата АНТОЛОГИЈА I содржана од дела на доајените на македонското сликарство :Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман и Василие Поповиќ-Цицо, Изложените дела се составен дел од збирката на Современа Уметност при Завод и Музеј -Охрид и за прв пат се претставуваат пред домашната публика во антологиска верзија. Изложбата ќе трае до 13.09.2017 и истата ќе биде отворена за посета во временскиот интервал од (9-14)часот и од (19-22)часот.