Стручен тим од НУ Завод и Музеј – Охрид, предводен од м-р Никола Патчев, изработува детална документација и мерења на влагата на ѕидното сликарство во црквата Св. Софија во Охрид. Конзерваторската документација на која се прикажуваат сите видови на оштетувања на фреските е неопходна за изработка на Проект за конзервација на ѕидното сликарство од оваа црква кој ќе биде изработен во соработка со колегите од Националниот конзерваторки Центар од Скопје. Реализацијата на проектот е финансирана со Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.
Привршува реализацијата на проектот за санација на Музејот на вода од Заливот на коските кај Градиште. Тековните активности опфаќаат статичко зајакнување на пристапниот мост кој води кон платформата со реконструираните праисториски куќички, како и замена и зацврстување на сите дотраени и оштетени греди од наколната населба. Реализацијата на овој проект кој е финансиран од Министерството за култура, ќе обезбеди подобри услови и зголемена безбедност за сите посетители на овој музејски комплекс кој спаѓа во редот на најголемите и најпосетуваните туристички атракции во Охридскиот регион.
Во тек се финалните активности од реализацијата на проектот за целосна конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви која го има статусот на значајно културно наследство. Во оваа фаза се извршуваат конзерваторско-реставраторски активности на фасадата и се заменува дотраената дограма на куќата. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под стручен надзор од м-р Горан Патчев, виш конзерватор од НУ Завод и Музеј Охрид.
Денес во музејот Куќата на Робевци ја изложивме 3Д макетата на античката гробница од Македонски тип која е откриена на локалитеот Караѓулевци, веднаш до античкиот театар во Охрид. Макетата е изработена на 3Д печатач од страна на Кирил Денковски, а за ликовното обликување е заслужен Диме Солаковски.
На самата локација од гробницата е поставена информативна табла за посетителите, а во рамките на овој проект беше изработена и виртуелна реконструкција на гробницата која е достапна на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=9b_IukLdhfc…
Проектот е финансиран преку Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година, а успешната реализација се должи на одличната соработка на НУ Завод и Музеј – Охрид со Здружението Регионален зелен центар – Охрид. Во оваа прилика упатуваме голема благодарност до стручниот тим кој го реализираше проектот: Бојан Танески, Борис Матески, Дарко Ангелковски, Кирил Денковски, Раде Атанасов-Б’ше, Мартин Гоџоски, Ана Бојаџиева, Христијан Петровски и до раководителот на проектот – Иван Малезан.
Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина се во тек. Досега се откриени нови простории и коридори од објектот кој според досегашните сознанија бил изграден од страна на Џеладин бег. Во една од просториите која најверојатно имала функција на оружарница или магацин за оружје се откриени остатоци од околу 50 кубури, неколку бодежи и една парадна сабја. Сите наоди имаат големи оштетувања кои настанале по опожарувањето на објектот.
Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудовски, виш кустос од НУ Завод и Музеј – Охрид.
Започнaа овогодинешните систематски археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела. По расчистувањето на шутот од постарите ископувања од јужната половина на цитаделата, започнавме со доистражување на остатоците од објектот од XIX век кој најверојатно е еден од раскошните сараи/дворци на тогашниот управител на Охрид, Џеладин Бег. Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудоски, виш кустос од Завод и Музеј – Охрид.
Излезе од печат монографијата „Епиграфски споменици од Плаошник-Охрид“ од авторките Славица Бабамова и Калина Кузман – Додевска, во издание на НУ Завод и Музеј – Охрид. Во оваа богато илустрирана публикација се обработени вкупно 128 епиграфски споменици кои се откриени со долгогодишните археолошки истражувања на локалитетот Плаошник, а дополнителни 13 споменици кои се откриени на други локации во Охрид (Горна порта, Самуилова тврдина и тн.) се вклучени во монографијата за да се добие целосната слика за епиграфските споменици од античкиот Лихнид.
На 12 aвгуст започнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското езеро на излезот на Струга, во непосредна близина на населеното место Калишта.
Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80 тите години од минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуитет од 1998 год.
Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се простира по целата истражувана површина. Иако најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е.
Овогодинешните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20 тина дена, во периодот од август до септември 2021 год. Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба. Генерално можеме да насетиме појава на неколку куќи.
Паралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга.
Во проектот учествуваат Александра Папазовска – раководител на проектот, Валентина Тодороска – кораководител на проектот, Бојан Танески – подводен археолог, Цветлана Василевска – археолог, Андреј Мачковски – докторант за дендрохронологија и нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга.
Во тек е реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на кровот и поставување на транзени на црквата Св. Богородица Захумска во месноста Заум, на брегот од Охридското Езеро. Работите на непосредна заштита на архитектурата на црквата се отпочнати уште во 2016 година кога беше отстранет стариот кровен покривач, а беше поставен заштитен дрвен наткров кој овозможи непречено одвивање на процесот на испарување на влагата од кровната конструкција и ѕидовите на црквата. Состојбата со влагата е конечно стабилизирана и овозможени се услови за продолжување на заштитните интервенции на црквата.
Работите на непосредна заштита се одвиваат под раководство на диа Ристо Петковски, советник конзерватор и под постојан конзерваторски надзор на диа Тања Паскали Бунташеска, советник конзерватор од НУ Завод и музеј Охрид.
Проектот е финансиран од Годишната програма на Министерството за култура.