„Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“

Почитувани,

Ве информираме дека отпочнавме со реализација на проектот со наслов: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“. https://whc.unesco.org/en/intassistance/3274

Проектот го реализира НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и е со вкупен износ од 55 илјади американски долари, и има цел да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј – Охрид во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти и во соработка со експерти вклучени во развојот на ГИС платформа од наша и од Албанска страна. Проектот опфаќа разни активности, како што се: Разгледување на постоечката документација и спроведување на теренска проверка на моменталната состојба на културното наследство врз основа на список на регистрирани локалитети на културното и археолошко наследство во Охридскиот регион и документирање со фотографии и GPS лоцирање. Дигитализирање на документацијата со стандардизирана процедура за евиденција на културното наследство што треба да се воспостави во рамките на проектот, а која ќе трба да биде компатибилна со системите кои се веќе воспоставени во нашата установа со системот на националниот електронски регистер но и со европските стандарди;

Следен чекор ќе биде, соработката со експерти вклучени во развојот на национална ГИС платформа за археолошки и архитектонски споменици во Албанија и со релевантните општини во Албанија со цел зајакнување на прекуграничната соработка за специфичните потреби на регионот на Охридското Езеро.

За таа цел склучивме меморандум за соработка со „Културно наследство без граници – Албанија„ (CHwB Albania), со кои заедно ќе спроведеме обука за вработените во НУ Завод и Музеј-Охрид како и за други учесници кои сакаат да учествуваат на „Регионален Реставраторски Камп“ (RRC), организиран на двете локации последователно, од 10 до 22 септември, за евиденција, инвентаризација, дигитализација и користење на ГИС платформата за недвижно културно наследство со цел. да се постави работен план кој обезбедува негово долгорочно одржување и редовно ажурирање. Резултатите од кампот ќе бидат подлога за создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што ќе се обезбеди ГИС базата на податоци која ќе може да ја користи и пошироката јавност а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани во текот на проектот;

На крај резултатите од проектот и ГИС платформата, ќе се претстават до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион и Заедничкиот комитет за управување со прекуграничното светско наследство „Охридско Езеро“.

Предвидено е проектот да трае 2 години (2023 – 2024) а го реализира нашиот колега м-р Горан Патчев, Виш конзерватор

Апликација за учество на кампот можете да најдете во следниов линк:

(https://www.facebook.com/CHwBAlbania/posts/pfbid0oBsvmZSESgwhjr71tKVrsULjtir5ZcngxM2ZqDCMiwijdWN4pbyenHfYRYnpiVYYl)

Промена на дрвената конструкција на античкиот театар

Античкиот театар е културниот бренд на градот Охрид. После две децении од повторното ставање во функција на овој локалитет НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј – Охрид изврши комплетна промена на дрвената конструкција со нова безбедна и функционална за бројните посетители.

Виолината од најпознатиот охридски трубадур Климе Садило во Охридскиот Музеј

Климе Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Климе Садило ја купил виолината од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон. Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија – Србија, Албанија, Бугарија. Не можел да се замисли некој настан во градот, а да не се викне Такамот на Садиловци. Свиреле на свадби, крштевки, сунети, големи празници, панаѓури. Во репертоарот имале македонски, српски, турски, бугарски, албански и влашки песни. Климе Садило е автор на песни и ора како : „Собарско оро“, „Излези на пенџере Рисавѓи“ и други. Снимиле лонг плеј плоча во Америка на Бродвеј, а исто така снимиле плочи и за дискографската куќа „Југотон„ од Загреб. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода.

Виолината според неофицијални проценки е изработена во Германија околу 1880 година. Таа е во добра состојба и е изложена во Музеј Куќа на Робевци во рамки на постојаната етнолошка поставка каде е презентирана градската култура преку стилски мебел, накит и градска облека ала турка и ала франга. Тука може да се слушнат и оригинални аудио снимки од песните на „Охридските трубадури“.

Проектот „Откуп на етнолошки предмет – виолината од Климе Садило познатиот охридски трубадур“ беше комплетно финансиски поддржан од Министерството за култура во рамки на Годишната програма со проекти од национален интерес. Благодарност до правнукот на Климе Садило Дарко Заричиноски за соработката и отстапувањето на експонатот.

Со реализација на овој проект покрај тоа што е исполнета последната желба на Климе Садило – виолината да остане во Охрид, се презентира еден многу важен дел од духовната култура на Охрид – трубадурската песна со долговековна традиција на овие простори.

Раководител на проектот беше Оливера Мишева, Виш кустос етнолог при НУ Завод и Музеј – Охрид

Најбројни посетители се странските туристи

Златната соба, Спомен поставката посветена на Робевци, како и етнолошката и археолошката поставка се најпривлечни за посетителите на охридскиот музеј. Се уште најбројни посетители се странските туристи, додека кај домашните е слаб интересот. Но, сепак радува фактот што после ковид пандемијата, од година во година, се забележува раст на бројот на посетители.

115 годишнината смртта на гемиџијата Марко Бошнаков

Достојно обележување на 115 годишнината од прераната смрт на охридскиот гемиџија Марко Бошнаков со пригодна музичка програма и историски час во спомен куќата на Христо Узунов Охрид.

Стихови и звуци за Прличев

,,Стихови и звуци за Прличев”- беше еден од повеќето настани кои денес се одржаа на манифестацијата ,,Прличеви Беседи” организирано од Општина Охрид ,во спомен куќата на Григор Прличев. Со музичка интерпретација на песната 1762 лето и читање на наградените стихови на ученици од основното училиште Григор Прличев после неколку години пауза повторно денес се почувствува заживување во куќата.
НУ Завод и Музеј Охрид во знак на благодарност од потомците на лауреатот доби на подарок ретко издание на поемата Скендер Бег напишана од Григор Прличев

Музеј – Охрид во 2021 година со 98.812 домашни и странски посетители

Во текот на 2021 година, музеите и локалитетите на НУ Завод и Музеј – Охрид ги посетиле вкупно 98.812 домашни и странски посетители. Најголем број на посети е забележан во „Музејот на вода“ кај Градиште – 49.643, а на Самуиловата тврдина имало 44.146. Значително помал број на посетители се евидентирани во музејот Куќата на Робевци – 3.642, и во Галеријата на икони – 1.381.

Работна посета на епископ Јован Пакрачки-славонски од Хрватска и претставник на библиотеката во Пакрац Александра Мишиќ

Во работна посета и запознавање на нашата институција Завод и Музеј -Охрид беа епископ Јован Пакрачки-славонски од Хрватска и претставник на библиотеката во Пакрац Александра Мишиќ.

Покрај запознавањето со в.д.директорката Катерина Велкоска и кустосот Калина Кузман Додеска на состанокот им беше презентиран мал дел од збирката на стари ракописи како и се разговараше за обуки на наши стручни лица и идна понатамошна заедничка соработка.

Завршија конзерваторско – реставраторските работи во црквата Св. Богородица Болничка

Завршија конзерваторско – реставраторските работи во црквата Св. Богородица Болничка во стариот дел на градот Охрид која датира од XIV век. Предходни последни интервенции врз фрескосликарството биле во 1959-69 година. Оваа година со конзервација беше опфатено фиксирање и стабилизирање на ранливи делови нападнати од влага на источниот и северниот ѕид која негативно делуваше на основите на живописот. На јужниот ѕид од наосот беа обновени старите конзерваторски малтери, додека на источната и северната фасада беа обновени старите и дотраени фуги од кои навлегуваше дождовна вода.

Со помошници од МПЦ се исчисти и целиот кров на црквата од мов лисја и вегетација.

Проектот е од Годишната програма за работа на НУ Завод и Музеј Охрид, а раководител е м-р Никола Патчев.