28. 11. 2014
Овие две изложби на етнолошки предмети, кои се чуваат во НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј-Охрид, на самото отворање беа причина за многу радосни, но и носталгични погледи, посебно кај оние посетители кои сѐ уште ја негуваат рачната работа.
Црната и црвената волнена врвца, срмениот конец, кои се одбележје на клашениците, од една страна и техниките “филе”, “сачан”, кои се применуваат во плетењето со бел конец, од друга страна, му дадоа душа и радост на просторот во кој беа поставени изложбите.
Со оглед на фактот дека експонатите не се непозната рачна изработка за охриѓанки, за посетителите многу повеќе изненадување беше самата идеја ваков тип на изложба да ги освежи културните случувања во градот.
Иако се вели дека рачната работа изумира, сепак охриѓани остануваат колку-толку верни на традицијата. Доста се ценат ваквите предмети, а оние граѓани кои не можат да ги чуваат дома предметите од чеизот на нивните баби и мајки, ги подаруваат на етнолошкото одделение, каде се чуваат во специјални услови.
Најстариот експонат кој е поставен на изложбите, е клашеник, кој датира од крајот на XIX век, додека останатите експонати се од почетокот на XX век. Што се однесува до потеклото на предметите покуќнината и рачно изработените предмети, тие се воглавно од Охрид, додека клашениците се главно од охридско-струшкиот регион, но се среќаваат примероци и од Дебар, Кичево, Ресен, Галичник.
Облека од клашна и Рачна работа
