04. 10. 2013
На изложбата беше презентирано уште едно етнолошко богатство со кое располага НУ Завод и Музеј Охрид, а без кое не може да се замисли комплетната народна носија.
Посетителите имаа несекојдневна можност да се запознаат со 15-тина автентични парови чорапи и скутини од различни краеви на земјава, кои говорат за трајното уметничко творештво и сведочат за богата традиција и историја која ја поседува ова наше поднебје.
Скутините се во правоаголна форма и најмногу од нив се обликувани во две дипли хоризонтални или вертикално соединети. Најголем број се волнени, орнаментирани со вткаена декорација уште при самиот процес на ткаење и сами по себе претставуваат посебни ракотворби со впечатлива убавина. Покрај доминантната вткаена орнаментална декорација, своја улога во прилог на украсувањето имаат и други дополнителни елементи како бели тантели, разни топчести украси од волна во најразновидни бои.
Скутините можат да се класифицираат во едноставни наменети за секојдневна употреба, односно најдекоративни кои се користеле како дел од невестинска носија.
Тие го прикажувале и статусот, но и возраста на тие што ги носеле. Постеле детски мали скутини, скутини за девојки, за невести и за возрасни жени. Во зависност од местото каде потекнуваат и името на скутините се разликува. Некаде нив ги нарекуваат бофча, бокча, фута, прегача, но сепак намената на сите им е иста. Се носи на половината како заштита при работа, а претставувала и украс на народната носија.
Ниту една народна носија не би била комплетна без волнените чорапи, кои ги носеле и мажите и жените. Преку нив, доаѓа до израз плетечката вештина на македонската жена која ги плетела чорапите на пет, три или една игла, главно со волнена, а поретко со памучна преѓа. Во однос на колоритот, основни бои се црвената, белата и црната, со помало или поголемо присуство на други бои. Од орнаментите застапени се геометриски и флоралните мотиви. Се носеле и еднобојни чорапи со мали ситни орнаменти кај врвот. Сите чорапи се долги до под колена и богато орнаментирани од стапалото до горниот дел кај машките чорапи, а женските се најбогато декорирани од стапалото до глуждовите, делот кој најмногу изложен на погледи, бидејќи другиот дел бил покриен од долгата кошула. Најмногу се носеле во зимските денови како заштита од студ, но и за празник без оглед дали паѓал во лето или зима.
Изложба-“Скутини и чорапи” во Куќата на Робевци

