Посета на министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг

 
 23. 11. 2019

Министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг и министерот за култура на Република Северна Македонија, Хисни Исмаили, на 23. 11. 2019 го посетија Охрид. Министерот Шуганг ја предводи кинеската делегација на 4-от Министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин е нашата земја.  

Во рамките на посетата на Охрид, двајцата министри и високата кинеска делегација, во придружба на домаќините од нашата институција, посетија дел од спомениците на културата и музејските поставки за кои се грижи НУ Завод и Музеј-Охрид. Тие ја разгледаа сталната поставка во светски познатата Галерија на икони, црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија, археолошкиот локалитет Плаошник и археолошката и етнолошката поставка во куќата на Робевци. При разгледот на стариот дел на Охрид, министерот Шуганг имаше можност да се запознае со богатото културно наследство на нашиот град, пројавувајќи голем интерес за истото и искажувајќи задоволство од неговата состојба, презентираност и грижа за него. За време на посетата, делегацијата прошета и низ Старата охридска чаршија, а ја посети и работилницата за рачна изработка на хартија, каде што му беше демонстриран самиот процес на изработка, а му беше презентиран и начинот на изработка на уникатниот Охридски бисер при посетата на еден од продажните салони на семејството Филеви.