Теренските активности на ранохристијанската базилика кај св. Еразмо

Привршуваат теренските активности на ранохристијанската базилика кај св. Еразмо. Остатоците од архитектурата на градбата и мозаичните подови кои ги краселе презвитериумот, наосот и нартексот на базиликата беа откриени за прв пат по речиси 50 години, со што се овозможија услови за спроведување на конзерваторски истражувања и за изработка на детална документација. Теренските активности ги координираше Анита Танеска, а конзерваторите Ванчо Димоски и Никола Патчев од НУ Завод и Музеј – Охрид ја спроведуваа деликатната акција за отворање на мозаиците.

По целосното расчистување на градбата беше извршено геореференцирано фотограметриско снимање од страна на д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп. Од фотограметриските снимања ќе биде изработен 3Д модел на објектот кој ќе биде достапен на пошироката јавност преку интернет платформите, а истите снимања ќе послужат и за изработка на проектите за конзервација на архитектурата и на мозаиците.

Кратка репортажа за тековните активности подготви новинарот Сашо Нелоски од МРТ. http://play.mrt.com.mk/play/47279