8-ми Септември – Гласник на слободата – Отворен град



По повод државниот празник 8 септември – Денот на независноста на Македонија, (недела), НУ Завод и Музеј Охрид се приклучува со своја програма. По повод 32 години од независноста под слоган 8-ми Септември – Гласник на слободата, музеите, локалитетите и галериите ќе бидат отворени за сите граѓани без надоместок. Имено нашите музејски објекти Куќата на Робевци, Галеријата на Икони, Самоилова Тврдина и Залив на Коските ќе бидат отворени без надоместок за сите граѓани. Истовремено на 8-ми септември (недела) во 18 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена самостојна изложба од авторот Боро Митрески Минта со наслов “33 ХРИСТОС ЖИВОТ ЗА СПАС НА ЧОВЕШТВОТО”, во која се изработени 33 сребрени микроекспонати (годините на Христос), во периодот од 08.09.2024 година до 14.09.2024 година.

Среќен празник

Меморандум за соработка со СОСУ “Св.Кирил и Методиј”-Охрид

Нашата установа, потпиша Меморандум за соработка со Средното општинско стручно училиште  “Св.Кирил и Методиј”-Охрид, со кој се дефинираат рамките на соработка во заедничкиот интерес, заради олеснување и охрабрување на образовната, практичната и техничката соработка за учениците од економско,правната и трговска струка. Со професорот Горан Попоски инаку координатор на практичната настава во СОСУ Св.Кирил и Методиј се разгледуваа различните теми на имплементација на соработката а во однос на Дуалната настава,во текот на целата учебна година,феријалната пракса во текот на летните месеци итн. како образовен модел што комбинира теоретско знаење со практично искуство кај учениците во ова стручно училиште. Овој метод обично вклучува учење во училиште, каде што учениците ги изучуваат теоретските аспекти на својот предмет, и во нашата установа во работна средина, каде што добиваат практично искуство со нашите колеги. Целта на дуалната настава како и останатите форми на практична настава е да се подготват учениците за реалниот свет на работа, овозможувајќи им да го применат она што го учат и да развиваат вештини што се потребни на пазарот на трудот а истовремено ќе се запознаат со проблемите во управувањето со културното наследство на Охридскиот регион. Овој модел е особено популарен во техничките и професионалните програми.

Се надевам дека во нашата установа учениците ќе го пронајдат својот интерес за нивната идна професија.

Добредојдовте.

Јубилејна награда

На мала свеченост во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, беа доделени пригодни благодарници на колеги кои остварија услов за добивање на јубилејна награда „10 години непрекината работа“ во нашата установа, а согласно Одлука донесена на седница на Управниот одбор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, за утврдување и исплата на јубилејна награда на работници за непрекината работа кај ист работодавач.


Благодарност до сите колеги.

КУРС ПО МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ

На 21 август 2024 (среда), беше остварено предавање од проф. д-р ДИМИТАР ПАНДЕВ како дел од Амбиенталната настава  „КУРС ПО МАКЕДОНСКА КНИЖЕВОСТ“ во состав на 57-ма ЛЕТНА ШКОЛА НА МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЛИТEРАТУРА И КУЛТУРА во организација на УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ СКОПЈЕ МЕЃУНАРОДЕН СЕМИНАР ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЛИТЕРАТУРА И КУЛТУРА во просториите на Меморијална куќа на Григор Прличев како и спомен-куќата на Христо Узунов и Куќата на Робевци. Прекрасните предавањата беа на тема ПРЕРОДБЕНСКИТЕ ЗАЛОЖБИ НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ (повод: 130 години од „Автобиографијата“) и ОХРИД В0 МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА – АВТОРИ И ДЕЛА

На следниот линк можете да ги проследите дел од предавањата на проф. д-р Димитар Пандев

Амбиентална настава во Куќата на Григор Прличев

Амбиентална настава / Предавање од проф д-р Димитар Пандев во Хридсто Узунов

Средба на в.д. Директорот м-р Горан Патчев со делегација од Швајцарската амбасада на чело со Заменик шеф на мисијата и Вршител на должност г-ѓа Михал Харари

Во Музеј на вода – наколна населба „Заливот на Коските“ се оствари средба на в.д. Директорот м-р Горан Патчев со делегација од Швајцарската амбасада на чело со Заменик шеф на мисијата и Вршител на должност г-ѓа Михал Харари на која средба се презентираше познатиот архeолошки локалитет со потенцирање на претходните соработки со Универзитетот во Берн тогашните истражувања и резултати како и идните планови за соработка. На средбата од страна на Швајцарската делагација беа присутни и: г-ѓа Анета Дамјановска, Национален програмски офицер при Амбасадата на Швајцарија, Горан Дамовски, Директор на Швајцарската Програмата за зголемување на пазарна вработливост (www.ime.org.mk), Тања Георгиевска, Заменик Директор на Програмата за зголемување на пазарна вработливост (IME), Зоран Тодоровски, експерт за туризам на Програмата за зголемување на пазарна вработливост (IME) и Генералниот менаџер на Фибула Травел, Асим Меџедовиќ. Разговор се водеше и со Милутин Секулоски -Мичо од нуркачкиот центар Амфора од Охрид за локалитетот Плоча Миќов град, со кои и претходно се остваруваа соработки преку Швајцарската амбасада а во однос на нуркачки активности и подводната археологија. Низ прошетката на целиот комплекс не воведе со прекрасна презентација кустос м-р археолог Христијан Петровски.

https://www.facebook.com/ime.org.mk/
https://www.facebook.com/fibula.tours
https://www.facebook.com/amforadiving

ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА „ЕХ, МОЈА МАКЕДОНИЈА“

Лапидариумот кој е во состав на музејскиот комплекс „Куќата на Робевци“ уште еднаш покажа дека е идеално место и простор за културни, уметнички и друг вид настани како промоции или изложби. Со организирање на прекрасната групна изложба, охриѓани беа сведоци за еден несекојдневен амбиентален настан кој ќе остане долго во сеќавање. Вљубениците во уметноста имаа можност да ја видат ликовната изложба „Ех, моја Македонија“ организирана во знак на сеќавање на истакнатиот охридски уметник, прерано починатиот Драган Спасески Охридски. Во негова чест беа изложени дела на Мајкл Клос (Канада), Демир Демироски –охриѓанец кој живее во Германија и на охридските уметници Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски.

НУ Завод и Музеј Охрид ја имаше таа можност и чест да ја помогне изложбата со отстапување на овај прекрасен простор.

в.д. Директор

М-р Горан Патчев

Музејско-културен центар “Лапидариум”

Адреса: Ул. “Цар Самоил” бр. 62, 6000 Охрид.

Музеј на вода – наколна населба во Заливот на Коските

Согласно годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година, за изведување на работи и подобрување на функционалноста на објектите кои се под наша надлежност, а финансирана од сопствена сметка, се спроведе јавна набавка за „Набавка и монтажа на мобилна клима и воздушни завеси за греење и ладење во Музејски комплекс „Музеј на вода“ во локалитетот Градиште преку ЕСЈН (Одлука бр. 05-842/1 од 09.07.2024 година), со број на оглас 11421/2024“ на која како изведувач доби фирмата Друштво за производство градежништво трговија и услуги ШЕШО ИНЖЕНЕРИНГ Охрид ДООЕЛ, а на ден 26.07.2024 година истиот се реализира. Поставените воздушни завеси значително ќе ги подобрат условите за работа на вработените и престој на гостите, но и ќе го реши проблемот со влагата во истиот, заради подобра заштита на изложените артефакти во музејската просторија.

Посета на австрискиот амбасадор Н.Е. Мартин Памер

Имав чест да го пречекам и запознам Австрискиот Амбасадор во Македонија, неговата екселенција г-дин Мартин Памер, по повод австрискиот ден во состав на манифестацијата  Охридко Лето 2024. Покрај, прошетката низ музејските поставки на Куќата на Робевци и запознавањето со нашиот делокруг на работа, разменавме и пригодни подароци.

В.д.Директор, М-р Горан Патчев

Конзерваторски работи на колекцијата слики од Вангел Наумовски во сопственост на Св. Еразмо – Специјална болница за ортопедија и трауматологија Охрид

Привршуваат работите на конзерваторскиот тим од НУ завод и Музеј Охрид, околу конзервирањето и припремата за изложување на колекцијата слики од Вангел Наумовски сопственост на Св.Еразмо Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Охрид. Конзерваторскиот тим кој работеше две недели на овој проект изврши детална проверка на делата, отстранување на нечистотијата, китирање и поправка на оштетените делови на сликите и ретуширање на оштетените од човечки фактор покрај временски и атмосферски фактор сликарски површини. Во овој доста краток период се привршуваат најважните чекори кон заштита на оваа значајна збирка за престојната изложба ” 100 Години од раѓањето на Ванѓeл Наумовски”, која претставува дел од овогодишната изложбена програма на НУ Завод и Музеј Охрид.

Тимот го сочинуваат

Катерина Велкоска , кустос , раководител на проектот ”100 Години од раѓањето на Ванѓeл Наумовски”

м-р Сашо Блажески, козерватор за штафелајно сликарство

м-р Никола Патчев, виш конзерватор за ѕидно сликарство

Ранохристијанската базилика на локалитетот „Манчевци“ повторно во полн сјај достапна за пошироката јавност

НУ Завод и Музеј Охрид со своите стручни лица ги отвори мозаиците на базиликата а со пригодната илуминација на локалитетот за која му сме благодарни на Проф. д-р  Зоран Тунтев, во вечерните часови претставува нова туристичка атракција во градот во летниов период.

Локалитет “Манчевци” е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 м2. Локалитетот се наоѓа во близина на катедралната црква Света Софија, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.

Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на IV-V век од нашата ера, има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман што бил карактеристичен за IV и V век. Како особено значајно се издвојува мозаичното поле со донаторски натпис во кој се спомнуваат Тома и Јован кои веројатно го изградиле објектот. Исто така, беа откриени фрагменти од фреско-живопис во долните партии на ѕидовите. Во текот на археолошките ископувања откриени се и мошне значајни елементи и фрагменти од мермерна градежна и декоративна пластика.

Проектотот за конзервација и презентација на откриените структури од базиликата, на локалитетот се одвиваше во континуитет неколку година по ред, а реализацијата на планираните активности ја спроведуваше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Во периодот од 2011 до 2013 година е извршена заштита од обрушување на земјените профили со изведба на потпорни ѕидови и нивно обложување со камен. При проектирањето на потпорните ѕидови се најде решение со кое не се нанесе оштетувања на мозаичниот под во централниот кораб на базиликата.

Со проектните решенија се извршија максимални реставраторски зафати, со вршење анастилоза на столбовите, и делумна реконструкција на некои елементи од носивата конструкција, за кои имаше веродостојни податоци. При конзервацијата се користеа автентични материјали, водејќи сметка за опусот на ѕидаријата.

Истовремено беа консолидирани зачуваните структури од базиликата, а за заштита на објектот од атмосферски води беа изведени натстрешници со лесна конструкција и покриени со транспарентни акрилни плочи.