Изложба на пафти, токи, колани – украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј

На 6 декември 2024 година во 12 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена „Изложба на пафти, токи, колани – украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј“. На изложбата ќе бидат презентирани експонати што се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид. Вредни примероци, врвни занаетчиски изработки, највпечатлив накит на народната носија, но и дополнителен украс на градската облека што се носеле до средината на XX  век. Повеќето потекнуваат од југозападниот и западниот дел на Македонија, а изработени се во XIX и почетокот на XX век. Кај овие украси се забележува богата орнаментика со различна симболика и значење преку која се препознаваат верските определби, народните верувања и се истакнува соединувањето, поврзувањето, преминот од еден во друг животен циклус, симболизирајќи ја плодноста и заштитата на жената.

Проектот е комплетно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година.  Раководител на проектот – автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.

Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.

ВЕЧНА БЛАГОДАРНОСТ КОН УПОКОЕНИОТ МИТРОПОЛИТ ТИМОТЕЈ

Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, изразува вечна благодарност кон упокоениот митрополит на Дебарско-кичевската епархија и администратор Австралиско-сиднејски Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, за грижата и неговата непро ценлива улога во заштитата на сакралното културно наследство на Охрид и регионот. Со исклучително визионерство, раскошно интелектуално ниво и беспрекорна педантност во постапките, ТОЈ го врати животот на охридската црковна историчност со инспиративни зафати на многуте црковни и други сакрални градби по целата епархија, вклучувајќи ги тука и нашите познати монументи почнувајќи од Свети Еразмо, Свети Стефан, Катедралната Света Софија па до Света Богородица Перивлепта, и Св Богородица Заумска и возвишениот Свети Наум. Митрополитот Тимотеј беше мотиватор и иницијатор првенствено за нашата вклученост и вграденост во Возобновувањето на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон, а потоа и на Возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, со што заслужено го доби и епитетот од профаното жителство на Охрид, Митрополит Плаошки и Дебарско-кичевски.

ДЕДО  Тимотеј, ТИ ќе останеш во нашата меморија и во црковната историја на Охрид како Возобновител на Светиклиментовиот манастир на Плаошник, со Твојот дух, мотивирајќи ја инспиративно, заштитно-истражувачки и творечки, нашата установа НУ Завод и Музеј Охрид.

Нека Ти е вечна слава.

https://www.dke.org.mk/index.php/mitropolit

Од вработените во НУ Завод и Музеј – Охрид

Вредни наоди откриени на локалитетот „Расница“ – Корошишта

Наодите се дел од реализацијата на археолошко – истражувчкиот проект со наслов „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта„ како дел од Годишната програма финансирана од Министерството за култура за 2024-та а под раководство на м-р Перо Арџанлиев археолог претставник на НУ Археолошки музеј на РМ и археолог м-р Драган Танески претставник археолог од НУ Завод и Музеј Охрид. Заради реализација на истражувањата, помеѓу двете установи, НУ Завод и Музеј Охрид и НУ Археолошки Музеј на РМ – Скопје е потпишан Договор за соработка.

Археолошкиот локалитет се вика Расница според месноста каде се наоѓа во атарот на с. Корошишта. Откриен е случајно при земјоделски работи од страна на Шефит Шемшедини во 2020 година. Тогаш е откриен бронзен шлем и истиот е предаден во Завод и музеј Охрид

Во 2023 година тим од Археолошкиот музеј Скопје предводен од раководителот се успеа да се добие согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.

Локалитетот претставува некропола од Архајскиот период (6 век п.н.е). По многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина.

Она што е значајно е монументалноста на гробната архитектура и гробните прилози кои се исклучителни и слободно  можат да се споредуваат со некрополите како Архонтико, Синдос и Требениште.

Благодарност до колегите од НУ Завод и Музеј Охрид кои помогнаја овај проект да се реализира.

в.д. Директор М-р Горан Патчев

Обемни интервенции на комплексот Робевци

Во моментов се работи на санација на помошните објекти односно „магаза“ согласно одобрената Годишната програма од страна на Министерството за култура за реализација на проекти од заштитата. Се отпочна со реконструкција и адаптација на помошниот објект до Магаза која е во склоп на музејскиот комплекс „ Куќата на Робевци“.  Предвидени се одредени итервенции и отпочнато е со промена на кровот и кровниот покривач, промена на оштетените греди и нивно појачување, исто така се постави нов под од гранитни плочи. На објектот ќе се работи и наредниот приод односно ќе бидат санирани внатрешните ѕидни платна како и промена на надворешнта столарија и освежување на фасадата во бела боја. Сите овие зафати  ќе бидат реализирани во најкраток можен рок, сетоа тоа  предвидено за подобрување на функционалоста на помошниот објект кој служеше за депо на археолошки наоди.

Фотографии од реализација на интервенциите:

Се подновува Меморијалната куќа на Григор Прличев

Согласно одобрената Годишна програма од страна на Министерството за култура и туризам, за тековно одржување на објекти кои се под наша надлежност се превзедоа одредени зафати за санирање на објектот „Меморијална куќа на Григор Прличев “. Во тие активности во текот на октомври 2024 година, се санираа ѕидните платна од јужната страна и плафонот во приземјето како и одредени интервенции на увалите на кровот, чистење на олуци како и промена на искршени ќерамиди и заливање на слеменици и грбини

Пред санација:

За време на санација:

Археолошки истражувања на локалитетот Самуилова Тврдина

Во склоп на овогодишната програма за финансирање проекти од областа на културата од страна на Министерството за Култура и Туризам, во тек се истражувањата на Самуиловата Тврдина под раководство на археолог Анатоли Арнаудоски, виш кустос.

Оваа година во тимот беа вклучени студенти од Универзитетот Гете од Франкфурт како и факултетот Саумптентон од Обидинетото Кралство.

Фокусот беше ставен на новооткриената некропола од 12 век,  фамилијарната доцноантичка гробница како и анализата на фрагменти мозаик пропратени со архитектонски градби во Јужниот дел од цитаделата.

Најавено е проширување на тимот со уште повеќе студенти од гореспоменатите Универзитети како и интензивирње на подршката  од страна на Министерството за доистражување на овој значаен локалитет.

Меморандум за соработка

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште (Република Чешка) slovackemuzeum.cz.

НУ Заводот за заштита на спомениците на културата и Mузеј – Охрид, ја препозна важноста на меѓународната соработка во заштита и презентација на културното наследство, како и одговорноста за зачувување и промоција на културните вредности и верува дека меѓусебната соработка со Словачкиот Музеј во Ухерске Храдиште, ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции.

Во рамките на овој Меморандум, двете страни изразуваат поддршка за подготовка и поднесување заеднички иницијативи. Целта на овој Меморандум е да се воспостави рамка за соработка помеѓу Словачкиот Музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата и Mузеј – Охрид во областа на заштитата на културното наследство, образованието и професионалните размени. Двете страни се обврзуваат да соработуваат при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство.

Заедничко учество во програмата Еразмус+, која вклучува мобилност на кадрите кои се фокусирани на стекнување нови вештини и размена на најдобри практики на полето на музеологијата на професионалните работни места со т.н. „job-shadowing“.

Двете институции ќе поддржат програми за размена на стручен кадар, вклучително и практиканти фокусирани на стекнување експертиза во заштитата на културното наследство, музејската работа и менаџментот во заштитата на културното наследство.

Исто така и двете институции ќе соработуваат во развојот на образовни програми насочени кон зачувување на културното наследство, особено за младите професионалци и пошироката јавност.

Заеднички ќе организираат изложби и други културни настани кои го промовираат културното наследство на двете земји

Деновиве бевме домаќини на колеги од Словачкиот Музеј во Ухерске Храдиште, кои покрај професионалната соработка, се запознаа со богатото културно наследство на Охрид и регионот.https://www.facebook.com/slovackemuzeum

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во посета на Охрид

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид се гордее со богатата колекција на Галеријата на икони (https://muzejohrid.mk/galerija-na-ikoni/), која беше претставена за време на посетата на премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

ПРОМОЦИЈА НА КНИГА

По повод Европските денови на културното наследство 2024, и одбележувањето на 70 години од усвојување на Европската културна конвенција (Париз 1954), нашата установа се приклучува кон одбележувањето со промоција на книга од Академик Проф Др Мигуел Џон Вершлаус со наслов „Вкоренет космополитизам, наследство и прашањето за припадност“ (Rooted Cosmopolitanism, Heritage and the Question of Belonging), која ќе биде промовирана од страна на Проф. д-р Сашо Коруновски во диалог со Амбасадорот Проф. д-р Љубен Тевдовски и М-р Горан Патчев.

Академик Проф. д-р Мигуел Џон Вершлаус е редовен професор и раководител на Катедрата за класична и медитеранска археологија, како и повеќегодишен директор на Докторските студии на Факултетот за археологија на Универзитетот Лајден.

Оваа книга ја истражува аналитичката и практичната вредност на поимот „вкоренет космополитизам“ за областа на културното наследство.

Промоцијата ќе се одвива во „Куќата на Робевци“ (ширван) на 19.09.2024 година (четврток) од 18 часот до 20 часот, во соработка со „Охридската Академија на Хуманизмот“ и „Институт за Културно Наследство и Археологија – Institute of Cultural Heritage and Archaeology (ICHA)“