ПРАИСТОРИСКА НАКОЛНА НАСЕЛБА ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ КАЈ ГРАДИШТЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

И еве, се надеваме дека веќе се наоѓаме на крајот на оваа скоро тримесечна вонредна состојба предизвикана од Корона вирусот, па затоа претставувањето на музеите и археолошките локалитети за кои се грижи и ги презентира НУ Завод и Музеј-Охрид, го завршуваме со еден од најстарите, најистражените и најатрактивните локалитети, воедно и единствен од тој вид во нашата земја, секако во поглед на истраженост, атрактивност и презентација, бидејќи има и други слични локалитети кои допрва треба да се истражуваат, конзервираат, реконструираат и презентираат, уживајте!

ПРАИСТОРИСКА НАКОЛНА НАСЕЛБА ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ КАЈ ГРАДИШТЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Наколните надводни живеалишта како начин на човечко егзистирање во специфична микросредина се особено карактеристични за праисторискиот период и тоа од времето на неолитот-младото камено доба, енеолитот-бакарното доба, бронзеното и железното време.

Во 1977 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град, во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани.

На длабочина од три до пет метри беа откриени многубројни дрвени колци закачени во езероското дно и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време, односно, од 1200 година п.н.е. до 700 година н.е. Се претпоставува дека оваа и другите слични населби на Охридското Езеро припаѓаат на времето кога почнале да се профилираат првите племенски популации, односно, на времето на егзистирање на Бригите, најстарата племенска заедница од овие краишта, која е, всушност, составен елемент на старомакедонскиот етнички супстрат.

Истражувачите на дното од езерото евидентираа 6000 дрвени колци во истражувачките кампањи изведувани повремено од 1997 до 2005 година.

Врз основа на премерувачките зафати на габаритниот простор од населбата констатирано е дека таа се простирала на површина од околу 8500 м2. Остатоците од населбата се откриени на десетина метри од брегот на Заливот на Коските, на јужниот брег од полуостровот Градиште, во должина од 155 метри (запад-исток) и 55 метри (север-југ). Била изградена на платформа поставена на дрвени колци забиени во дното на езерото, а со дрвен мост населбата била поврзана со копното. Истражувањата покажаа дека на дното на езерото на просторот од оваа населба има впечатлива концентрација на цели, а особено на фрагментирани керамички садови, камени артефакти и фрагментирани животински коски. Во рамките на движниот археолошки материјал особено се присутни кружни керамички плочки со различен дијаметар кои имаат два, три, или четири кружни отвори. Се претпоставува дека овие предмети биле користени како риболовен прибор на тогашните жители на населбата. Од керамичките предмети присутни се исто така разни форми на пршлени, конусни и биконусни, како и предмети за ритуални потреби-жртвеници. Камените орудија се главно фрагменти од рачни мелници за жито, како и цели, измазнети елипсовидни камени предмети кои сигурно служеле како алатки за перење на облеката. Меѓу многуте фрагменти од коски на домашни животни, присутни се и фрагменти од еленски рогови кои најверојатно служеле како алатки.

Во рамките на овој музејски комплекс на зарамнетото плато е презентирана и тврдина-римски кастел од III век н.е. кој овозможува да се разгледа и едно друго време од македонската историја и археологија.

Комплексот содржи пристапен објект со постојана изложба на откриените артефакти и кафе-бар, база за подводна археологија и развивање на подводен туризам, наколна населба со 24 реконструирани праисториски куќи на дрвена платформа над езерската вода, повеќе реконструирани полуотворени градби во рамките на кастелот (во вид на видиковци за одмор на посетителите) и други содржини кои го збогатуваат вкупниот амбиент на водите и брегот на Охридското Езеро.

Изложба на ликовниот уметник Лидија Вујисиќ насловена Бесконечни морфолошки варијации

Почитувани,

продолжуваме со нашата изложбена програма. Овојпат преку еден краток видео материјал имаме чест да ви ја преставиме самостојната изложба на ликовниот уметник Лидија Вујисиќ насловена Бесконечни морфолошки варијации.

Лидија Вујисиќ е родена во Скопје во 1957 година. Средно уметничко училиште завршува во 1976-та година во Ниш на отсекот за графички дизајн. Дипломира во 1985-та година, во првата генерација студенти на ФЛУ во Скопје на отсекот графика . Од 1986 година работи како професор во Средното Ликовно Училиште “Лазар Личеноски” во Скопје.

Самостојни изложби:

2018 Мултиплицирани реалности (заедно со Мирко Вујисиќ и Марко Вујисиќ) Галерија Робевци ,Охрид.

Мултиплицирани реалности (заедно со Мирко Вујисиќ и Марко Вујисиќ) Спомен куќа Ванѓел Коџоман,Струга

2017 ‘’Параидеологија’’ Отворено Графичко Студио Скопје

2015 Изложба на графики Дом на Култура ‘’Никола Вапцаров’’ Делчево

2012 Изложба на графики и цртежи, Уметнички салон ,Велес

2011 Изложба на графики и цртежи, Галерија Робевци ,Охрид

1990 Изложба на графики Дом на Култура ‘’Григор Прличев’’ –Охрид

1988 Изложба на графики Национален Музеј Куманово

Изложба на графики,Уметничка галерија Битола

Изложба на графики, Национален Музеј, Врање,Србија

1987 Изложба на графики, КИЦ Скопје

1986 Изложба на графики Галерија ‘’Сунце’’,Лесковац, Србија

Од 1982 година учествувала на многубројни групни изложби во земјава и странство(Р.Македонија, Србија,Хрватска, Босна, Јапонија ,Германија, Австралија, Романија, Бугарија Франција)

Куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески кој за делата на изложбата ќе каже:

Компарацијата која стои во базисот на ликовниот ракопис на Лидија Вујисиќ е генезата на ликовната форма, играта помеѓу макро и микрокосмосот преку структуралните планови кои сугерираат мултиплицирана семнификација на еден сопствен универзум.

Нејзиниот цртеж делумно прогресивно продлабочен не повикува да навлеземе во еден универзум каде формите како што далечината ги намалува стануваат почудни а истовремено и попрецизни и поослободени од материјата.

Поврзувањето на линиите, кривите, на симетралната и десиметралната конфигурација во просторот пулсираат во еден жив ритам каде рационалноста на организирање инклузивно во интуитивната сфера на перцепција, расветлуваат еден сопствен карактер на границите и контурите кои ја дефинираат и редефинираат формата. Авторот помеѓу абстрактната формула , декоративната формула и фигуративната формула остава да се види еден паралелизам, од една страна преку структуралните ритмички решенија и арабески а од друга преку сугерирањето на различните фигури во согласност со контурата водилка. Преку оваа дијалектика на органските форми Вујисиќ го контролира просторот создавајќи од него “идеален медиум” во кој формите се повикуваат и одговараат едни на други компонирајќи се и дескомпонирајќи се истовремено субординирани на сентименталната имагинација на продуктивните и интуитивните односи во естетската свесност.

М-р Сашо Блажески

Изложба на ликовниот уметник Лидија Вујисиќ насловена Бесконечни морфолошки варијации

Честит 24-ти мај

Честит 24-ти мај,

Денот на сесловенските просветители и рамноапостоли Светите Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература, изумители на првата словенска азбука – глаголицата.

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ 18 МАЈ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МУЗЕИТЕ!

Денес, 18-ти Maj се одбележува Интернационалниот ден на музеите.

Музеите се сведоци на едно постоење, мост помеѓу минатото и сегашното, од праисторијата до денес.

Тие се посветени на заштита, промоција и интерпретација на културното наследство.

Поради неможноста да Ве поканиме физички да ги разгледате нашите музеи и да го одбележиме овој ден, Ве покануваме да ја разгледате официјалната Фејсбук страна на Завод и Музеј Охрид, како и нашата официјална веб страна: https://muzejohrid.mk/, и да се запознаете со дел од движното културно наследство од Охрид и Охридскиот регион.

Нека е честит Денот на Музеите!

Галеријата на икони-Охрид

Со оглед дека Галеријата на икони-Охрид, како и сите музеи во светот е затворена поради новонастанатата ситуација со пандемијата заради вирусот Covid19, а и по повод денешниот ден, 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, еве ви пружаме можност со еден клик на линкот подолу, барем на овој начин да ја погледнете и да видите што се крие во неа, овој пат само со слики, а за да дознаете нешто повеќе за вредните икони од една од светски најпознатите, најубави и највредни збирки што се чува во неа, повелете, посетете нѐ кога сето ова ќе помине и музеите повторно ќе бидат отворени за вас. Дотогаш уживајте во ова што ви го нудиме и, не заборавете, ве очекуваме да нѐ посетите!

ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА А4

Во 2017 година во Лапидариумот во Куќата на Робевци беше отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена А4. Изложбата беше во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија а кај нас пристигна на основа на неодамнешната соработка со кураторот и организаторот на истата проф.др. Овидиу Кроитору. На изложбата беа изложени цртежи, скици и графики на уметници и на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД и Чешка а ко- куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески.

Свој критички осврт на изложбата имаше и редовниот професор на Факултетот за Ликовна Уметност во Скопје, м-р Мирко Вујисиќ.

Во ова трето издание беа поканети и учествуваа и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот графичките техники како ликовно изразно средство.

Изложбата А4 за прв пат беше отворена во Националната Универзитетска Галерија -УНА Галерија во Букурешт а по гостувањето во Галерија Робевци истата беше изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија.

Изложбата беше отворена на крај на месец септември,траеше една недела и имаше можност да ја види најмногу Охридската публика. Поради тоа овој пат се одлучивме да ја претставиме повторно на пошироката публика преку фото материјал.

ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА А4

Сашо Блажес – Под Стакло

Почитувани,

нашата работа продолжува и во услови на прогласена светска пандемија. Поради неможноста физички да претставиме изложба ние се одлучивме да ви ја претставиме овојпат во краток видео формат самостојната изложба на цртежи -графики на Охридскиот уметник Сашо Блажес насловена Под Стакло-цртежи во изолација кој за оваа изложба ќе каже:

Нема поголемо” казна” за еден творец од излолација. Време посветено во трагање на природата во себе.

Ве покануваме да го проследите видеото

#sashoblazes#art#stayathome#zavodimuzejohrid#drawingsinisolation#седисидома#exhibitiononline

Сашо Блажес – Под Стакло

РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА НА ЛОКАЛИТЕТОТ “МАНЧЕВЦИ”

Локалитет “Манчевци” е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 м2. Локалитетот се наоѓа во близина на катедралната црква Света Софија, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.

Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на IV-V век од нашата ера, има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман што бил карактеристичен за IV и V век. Како особено значајно се издвојува мозаичното поле со донаторски натпис во кој се спомнуваат Тома и Јован кои веројатно го изградиле објектот. Исто така, беа откриени фрагменти од фреско-живопис во долните партии на ѕидовите. Во текот на археолошките ископувања откриени се и мошне значајни елементи и фрагменти од мермерна градежна и декоративна пластика.

Проектотот за конзервација и презентација на откриените структури од базиликата, на локалитетот се одвиваше во континуитет неколку година по ред, а реализацијата на планираните активности ја спроведуваше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Во периодот од 2011 до 2013 година е извршена заштита од обрушување на земјените профили со изведба на потпорни ѕидови и нивно обложување со камен. При проектирањето на потпорните ѕидови се најде решение со кое не се нанесе оштетувања на мозаичниот под во централниот кораб на базиликата.

Со проектните решенија се извршија максимални реставраторски зафати, со вршење анастилоза на столбовите, и делумна реконструкција на некои елементи од носивата конструкција, за кои имаше веродостојни податоци. При конзервацијата се користеа автентични материјали, водејќи сметка за опусот на ѕидаријата.

Истовремено беа консолидирани зачуваните структури од базиликата, а за заштита на објектот од атмосферски води беа изведени натстрешници со лесна конструкција и покриени со транспарентни акрилни плочи.