Слободен влез во археолошките локалитети

Почитувани !

По повод 8-ми Декември денот на Св.Климент Охридски а воедно и Патрон на градот Охрид, Министерство за култура и Национална Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, овозможува слободен влез во археолошките локалитети : Самуилова Тврдина , Залив на коските и Музеј – Куќа на Робевци, во период од 10:00 часот до 15:00 часот.

При посета на истите, Ве молиме за почитување на протоколот за заштита од COVID- 19.

Нека ни е за многу години Св.Климент Охридски !

Ископувања во јужната половина на Самуиловата Тврдина – Цитадела

Во текот на месец септември-октомври 2020г. , во рамките на програмските активности на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј -Охрид , како дел од програмата за култура и буџетски средства на РС Македонија беа реализирани систематски археолошки ископувања во јужната половина на Самуиловата Тврдина – Цитадела.

Истражувањата се во континуитет со ископувањата од 2016г. во делот помеѓу источниот и преградниот бедемски ѕид.

Цел беше да се открие целосно овој дел на габаритниот простор на цитаделата во јужната половина, односно делот од сарајот кој припаѓал на Џеладин-Бег, а истиот бил опожарен во 1830г.

Воедно откриени беа ѕидови и опожарени делови, фрамнетирана градежна керамика, монети и фрагменти од луксузни лулиња кои потекнуваат од Османлискиот период. Забележлива беше и калдрма чии делови беа откриени со претходните истражувања, а исто така беа пронајдени и одреден број на грниња кај кои декорацијата е изведена во појаси од плитко врежани жлебови и брановидни линии нанесени под устието или рамото на садовите.

Со ова заврши уште една етапа во истражувањето на Самуиловата Тврдина и секако останува во иднина да се доистражат западните и јужни делови од објектот како и постарите културни хоризонти во овој значаен простор.

Раководител на проектот

Анатoли Арнаудоски- виш кустос археолог

Ископувања во јужната половина на Самуиловата Тврдина – Цитадела

Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро

Кон крајот на месец Октомври успешно беше реализиран Проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро“ чиј носител беше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Проектот беше финансиран од Министерство за култура на РС Македонија, во Годишната програма на проекти од областа намузејската дејност.

Целта на проектот беше да се рекогносцираат локациите за кои постоеја индиции заархеолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позицинира

нивната географска местоположба со помош на GPS уреди, но и да се откријат нови локалитети, со крајна цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство во РС Македонија.

Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни

локации во водите на Охридското Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, истите ќе бидат

заштитени од нелегални посети и активности.

Покрај рекогносцираните делови кај с. Пештани и с. Трпејца, посебно внимание привлекоа наодите на две локации во околината на локалитетот Плоча Миќов град, откриени при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар Амфора од Охрид. Во првиот случај станува збор за три фрагментирани керамички садови за складишна употреба питоси, лоцирани на длабочина од 45, 35 и 5 м под површината на водата, а во вториот случај тоа е наодот на градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 м. Тегулите од лаконски тип биле во употреба во долг временски период низ антиката, но во

конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. И во двата случаи, оддалеченоста на предметите на 70 – 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека истите биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места.

Она рекогносцирање дава првична слика за она што се случува со овие локалитети и наоди, со што се добива појдовна точка во размислувањето за нивната иднина, која секако ќе опфаќа дополнителни археолошки истражувања, со крајна цел надополнувaње на сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридското Езеро од праисторијата до денес.

Раководител на проектот

Bojan Taneski, археолог, виш кустос

Претседател,

Jovan Sekuloski – Diving Center Amfora

#diving#scubadiving#scubadive#ohridlakescubadiving#scubadivingmacedonia#amforadiving#scubadiverslife#underwater#underwaterphotography#gopro#goprohero#gopromkd#daily#instadaily#photooftheday#divingcenteramfora#sekuloskidiving#happy#archaeology#history#ancient#prehisto

Вака изгледаше Галеријата до 2000 година

За оние што знаат и што биле, едно потсетување, а за тие што не знаат и не биле, едно сосем кусо запознавање со некогашниот изглед на ентериерот на Галеријата, отворена во 1983 година. Вака изгледаше Галеријата до 2000 година, кога се изврши нејзина внатрешна преадаптација, измени во сталната поставка и опремување со современи апарати за одржување стабилни микроклиматски услови, потребни за иконите.

Официјална посета на претседателот на Република Словенија Борут Пахор

Во рамките на дводневната официјална посета на Република Северна Македонија, претседателот на Република Словенија Борут Пахор, во придружба на својот домаќин, претседателот Стево Пендаровски, денеска во Охрид посети дел од културно историските споменици. Меѓу другите, ја посети светски познатата Галерија на икони-Охрид која е дом на една од највредните и најубави збирки икони во светот и од која беше видно импресиониран, како и Античкиот театар кој, после повеќе од 2000 години, во последниве дваесет години повторно претставува центар на најзначајните и најголеми културни збиднувања во Охрид и во земјата, особено во летниот период.

Официјална посета на  претседателот на Република Словенија Борут Пахор

АРМ во посета на праисториската наколна населба

Претседателот Stevo Pendarovski и нуркачкиот тим од баталјонот на специјалните сили на АРМ во посета на праисториската наколна населба и постојаната изложба на откриените артефакти во Музеј на вода – Залив на коските и Нуркачкиот клуб “Амфора”

АРМ во посета на праисториската наколна населба

ПРОТОКОЛ за спречување на пренесување и ширење на СОVID-19

ПРОТОКОЛ

за работа на библиотеки, музеи, галерии и изложбени простори

Заради спречување на пренесување и ширење на СОVID-19 инфекција предизвикана од

Коронавирусот, во библиотеки, музеи, галерии и други изложбени простори, потребно е

почитување на основните превентивни мерки за зашгита:

• Задолжително носење на лична заштитна опрема на лицето;

• Одржување на потребното физичко растојание;

• Обезбедување честа дезинфекција на рацете и

• Редовно чистење и дезинфекција на средината/просторијата/објектот.

1. Сите вработени лица и посетители, задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето, што подразбира каква било форма на заштита која ги покрива пределот на носот и устата.

2. Одржување на потребното физичко растојание меѓу вработените, како и меѓу вработените и посетителите од 1,5 – 2 метри. На влезот да се постави известување за посетителите за задолжително одржување на потребното физичко растојание меѓу посетителите и меѓу посетителите и вработените.

3. Оrраничување на бројот на посетители согласно квадратурата на просторот, на 15 посетители на 100м2 нето површина (површина предвидена за движење на посетителите, односно од бруто површината одземена површината на експонатите, мебел и друга опрема).

4. Регулирање на бројот посетители во објектот, така што, откако ќе влезе максимално дозволениот број на посетители, повторно ќе може да влезат нови посетители, откако претходно ќе излезе и последниот посетител или на еден излезен посетител може само еден посетител да влезе.

5. Задолжително да се одредат лица за контрола на спроведување на мерките пред влезот и во самиот објект.

6. Пред билетарниците, да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 – 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 – 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува безконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорача on-line купување на влезници.

7. Пред влезот на објектот, да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување.

8. На видни места да се постават известувања за забрана за допирање на изложените експонати и површините со кои се заштитени експонатите. Сите површини кои се изложени на често допирање од старана на посетителите, треба континуирано често да се пребришуваат со дезинфициенси на база на алкохол.

9. Засилени саннтарно-хигиенски мерки, зачестено чистење 4 – 5 пати во текот на денот со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1: 100) за подот или 70% алкохол за дезинфекција за горните површини.

10. Редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите, со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.

За иконописот и иконите во светски познатата Галерија на икони-Охрид

За сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за иконописот и иконите во светски познатата Галерија на икони-Охрид, една флип верзија на книгата издадена во 1999 година: