IN MEMORIAM

КРСТЕ МАРТИНОСКИ (1948 – 2022)

Крсте Мартиноски, нашиот Крки, уникатна Мешеишко-охридска легенда, замина во вечноста и бесконечноста, но само привидно физички, не духовно, оти во спомените наши ќе остане до крајот на векот и светот. Мартиноски е графичар по вокација, уметник во суштина и заштитар, конзерватор и реставратор на уметничките вредности од минатите времиња со академска титула. Во Завод и Музеј-Охрид беше вработен од 1988 до 1991 година. На Охриѓани им ја остави реставрирана вековната Горна Порта, реставрирана и обновена украсната влезна порта од манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта, Охридската гимназија, реставрирана надгробната плоча од поетот и преродбеник Григор Прличев, ентериерните специфичности на охридските архитектонски убавици Робевци и Уранија, на ентериерните вредности на обновената Прличевата родна куќа… Незаборавен беше нашиот престој во Херне, Германија, каде што го презентиравме Охрид со најзначајните археолошки вредности и со охридско иконописно наследство, а каде што нашиот Мартиновски, таму симпатично наречен Зигмунд, беше главниот оперативец на изложбата.

Од 1991 година до денес Крсте Мартиноски беше слободен уметник и член на ДЛУМ. Презентираше уметнички вредности по скопските галерии и музеи во самостојни и групни изложби. Крај Вардар со сопствени раце си изгради дом со Еденска градина околу него.

Незаборавно е неговото учество во конзерваторско-реставраторските работи на Плаошник каде што неговите „златни раце“ од керамички фрагменти обновуваа цели питоси и спојуваа фрагменти од столбови и други камени и мермерни предмети. Праисториската дрвена капија на влезот во реконструираната наколна населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро е негово дело како негов влез во предворјето на праисторијата, таму каде што во длабокото минато ќе се сретне со длабоката иднина и ќе продолжи да живее во вечноста како гласник на нашата цивилизација. И уште нешто, со библиска конотација: Крсте Мартиноски беше заљубен во Адамовата Ева и поради тоа тивко и осамено замина од животот не обвинувајќи никого и добрувајќи со секого.

Засекогаш ќе живее во нашите светови, а ние сме многу.

Со почит од неговите колеги и соработници од НУ Завод и Музеј – Охрид

Старото градско јадро на Охрид

Старото градско јадро на Охрид претставува еден културолошки резервоар, каде под секој чекор лежат пластови културни остатоци од минатите векови. Дел од истражувањата се публикувани во најновото издание на „Археолошки информатор“.

Старото градско јадро на Охрид

Голема благодарност до Lions Club Лихнидос и до професорот Зоран Тунтев

Голема благодарност до Lions Club Лихнидос и до професорот Зоран Тунтев за успешната соработка и за поставувањето на ноќна илуминација на управната зграда на НУ Завод и Музеј – Охрид, која припаѓа на листата на заштитени споменици на културата од старото градско јадро на Охрид.

https://www.ohridnews.com/nova-praznichna-magi-a-vo…/

Награда за долгогодишен и исклучителен придонес

На вчерашната свеченост која се оддржа по повод 100 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје, на НУ Завод и Музеј – Охрид му беше доделена награда за долгогодишен и исклучителен придонес за развојот на наставата и науката на факултетот. Свечениот настан се одржа во аулата на факултетот, а наградата ја прими директорот – м-р Мишко Тутковски

Награда за долгогодишен и исклучителен придонес

Потпорен ѕид од северната страна на објектот „Римска бања“

Во тек се активностите од реализацијата на Проектот за поставување на потпорен ѕид од северната страна на објектот „Римска бања“ на локалитетот Плаошник во Охрид. Изградбата на потпорниот ѕид е неопходна за да се спречи свлекување на земјиштето кое може да предизвика големи штети на римска бања со мозаични подови која датира од I век од н.е. По изградбата на ѕидот ќе се обезбедат и соодветни услови за извршување на конзервација и реставрација на архитектурата и на мозаиците од бањата. Реализацијата на овој Проект кој го раководи д.и.а. Анита Танеска, виш конзерватор од НУ Завод и Музеј – Охрид, треба да заврши до средината на месец декември.

Потпорен ѕид од северната страна на објектот „Римска бања“

Сликарство во црквата Св. Софија

Стручен тим од НУ Завод и Музеј – Охрид, предводен од м-р Никола Патчев, изработува детална документација и мерења на влагата на ѕидното сликарство во црквата Св. Софија во Охрид. Конзерваторската документација на која се прикажуваат сите видови на оштетувања на фреските е неопходна за изработка на Проект за конзервација на ѕидното сликарство од оваа црква кој ќе биде изработен во соработка со колегите од Националниот конзерваторки Центар од Скопје. Реализацијата на проектот е финансирана со Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.

Сликарство во црквата Св. Софија

Санација на Музејот на вода од Заливот на коските

Привршува реализацијата на проектот за санација на Музејот на вода од Заливот на коските кај Градиште. Тековните активности опфаќаат статичко зајакнување на пристапниот мост кој води кон платформата со реконструираните праисториски куќички, како и замена и зацврстување на сите дотраени и оштетени греди од наколната населба. Реализацијата на овој проект кој е финансиран од Министерството за култура, ќе обезбеди подобри услови и зголемена безбедност за сите посетители на овој музејски комплекс кој спаѓа во редот на најголемите и најпосетуваните туристички атракции во Охридскиот регион.

Санација на Музејот на вода од Заливот на коските

Конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви

Во тек се финалните активности од реализацијата на проектот за целосна конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви која го има статусот на значајно културно наследство. Во оваа фаза се извршуваат конзерваторско-реставраторски активности на фасадата и се заменува дотраената дограма на куќата. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под стручен надзор од м-р Горан Патчев, виш конзерватор од НУ Завод и Музеј Охрид.

Конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви

Конзервацијата и реставрацијата на куполата и на кровните покривачи од црквата св. Богородица Захумска

Финализирана е конзервацијата и реставрацијата на куполата и на кровните покривачи од црквата св. Богородица Захумска која датира од 1361 година. Со конзервацијата на покривната конструкција и со замената на транзените се обезбедуваат основните предуслови за заштита од атмосферските влијанија и појава на влага во самата црква која делува деструктивно на архитектурата и на ѕидното сликарство.

Во тек се подготвителните работи за отпочнување на активностите за статичко зајакнување на црквата, со што ќе се обезбеди целосна заштита на овој средновековен архитектонски бисер.

Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под раководство на диа Ристо Петковски, советник конзерватор од НУ Завод и Музеј Штип и под стручен надзор на диа Тања Паскали, советник конзерватор од НУ Завод и Музеј – Охрид.

Конзервацијата и реставрацијата на куполата и на кровните покривачи од црквата св. Богородица Захумска