Изложба ПОЛОВИНА ВЕК СОВРЕМЕНА КАРИКАТУРА од авторот Блаже Докуле

Почитувани,

Ве известуваме дека на 17.06.2022 година (петок) во 20 часот, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена јубилејната изложба ПОЛОВИНА ВЕК СОВРЕМЕНА КАРИКАТУРА од авторот Блаже Докуле.

Блаже Докуле роден во 1953 година , дипломирал право во Битола. Црта непрекинато од 1971 година , негови карикатури се појавуваат во голем број публикации, како ,,ЕКРАН “ , ,,ОСТЕН “ , ,, НОВА МАКЕДОНИЈА “ , ,, БИТОЛСКИ ВЕСНИК “ , ,,СТУДЕНТСКИ ЗБОР “ , ,,ВРЕМЕ “ , ,,ЈЕЖ “ , ,,ОСМЕХ “ , ,, НОВОСТИ 8 “ , ,, МАСЕДОНИЈА ЊУС “ , ,, БЕЗ НАВРЕДА “ , ,, ТЕА КРСТОЗБОР “ , ,, СЛОБОДЕН ПЕЧАТ “ , ,, РЕПУБЛИКА “ , ,, БОРБА “ , ,,ТРУДБЕНИК “ , ,, К ОМУНИСТ “ и многу други. Припаѓа на третата генерација македонски карикатуристи која се појавува околу 1970 година, генерација со силен нов бран во светот на домашната и светската карикатура. Најнапред црта под влијани на француските мајстори на еротска карикатура Ласлави и Ховив , потоа силен впечаток му оставаат Борн, Барток и Забрански, а ги почитува и домачните автори Костовски , Анѓелкоски, Бороевиќ, Пејчинов, Игњат, Џајков, Филипов Јоциќ и неговиот наставник од основно училиште Петровски . Црта класична карикатура со особен свој стил како и стилизиран и ,, чист “ кроки стил на Волински и Рајзер . Блаже Докуле отворил три самостојни изложби во Книн 1980 година Битола 1999 година и во Струмица 2001 година. Добитник е на над 50 меѓународни и домашни награди од Кореја, Русија, Турција , Романија, Словачка меѓу нив и 4- ти Ноември – Битола и В. П. Цицо за животно дело како и ,, Гран при “ златени, сребрени и бронзени плакети. Наградуван е и за новинарство стрипови и хумуристични текстови . Блаже Докуле е најпечатениот автор во македонската карикатура веќе 50 години со непрекината работа.

Изложба ПОЛОВИНА ВЕК СОВРЕМЕНА КАРИКАТУРА од авторот Блаже Докуле

Иницијатива ‘’Отворен Балкан’’

Охрид од секогаш бил сведок на културни натпреварувања на цивилизациите кои оставиле трајни печати врз историјата и тоа му обезбедува едно значајно место на Балканот. Особено сме горди што тоа се случува и денес, преку иницијативата насловена ‘’Отворен Балкан’’, која што се одржа на 7-ми и 8-ми јуни. “. Н.У. Завод и Музеј – Охрид како подржувач на иницијативата ги отвори вратите на музејските објекти и им претстави дел од богатото културно наследство на високите гости од регионот, министерката за култура на Република Србија, г-ѓа Маја Гојковиќ, министерската за култура на Република Албанија , г-ѓа Елва Маргарити, во присуство на нашата министерка за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Денес на покана на министерството за култура на панел сесијата ‘’Отворен Балкан, отворена култура’’, присуствуваше и в.д. директорката на Н.У. Завод и Музеј-Охрид, г-ѓа Катерина Велкоска.

Иницијатива ‘’Отворен Балкан’’

Санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’

Продолжуваат активностите околу санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’, предводена од стручни лица при Н.У.Завод и Музеј Охрид. Во наредниот период ќе се работи на поправки на оштетените делови, односно на подовите и ѕидовите од праисториските куќи. При посетата на музејот, самите посетители ќе имаат можност одблиску да се запознаат и со изведувањето на конзервацијата на куќичките. Конзерваторските активности се реализираат под раководство на Ванчо Димоски, конзерватор при Н.У. Завод и Музеј – Охрид.

Санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’

Изложба ,,Интимно Понирање,, од авторот Трајче Чатмов

Почитувани,

Ве известуваме дека на 01.07.2022 година (петок) во 20 часот, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена самостојната изложба ,,Интимно Понирање,,од авторот Трајче Чатмов. Ќе бидат изложени 20тина дела работени во последната година во техника акрил на платно . Слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот ,,Интимно Понирање,, но и слики со една нова колористична гама . За неговиот последен циклус на дела професорот Гоце Наневски ќе каже :

Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка, е чин со кој ја спасуваш останатата земја и се на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себе си на некој неразбирлив јазик, е разговор со самиот себe? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек?

Понекогаш е полесно нештата да ги предвидиш одколку да ги погледнеш наназад. Добро е да гледаш нанапред со сликата. Малку гледаме нанапред иако иднината го бара тоа од нас. Сакаме да ја менуваме иднината, таа е мистериозна, таа нуди дарови и слики.

Погледот на минатото е поглед на слика од коцки и кругови(намерно не велам топки), таа не учи и ја има моќта да не охрабри. Можните истории ги нуди само иднината, оној момент кога ќе го разбереме тоа, разбираме зошто минатото е такво. Сакаме ли некако наназад да ја (по)влечеме иднината? Дали можеме да бидеме во исто време и во минатото и во иднината? По некаква логика тоа е (не)можно, или ако еден лист хартија го превиткате на пола, две точки од него ќе се најдат на исто место.

Создавањето уметност врз почва полна со „храна” е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се одтаде уметноста.

Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот “розев” мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории.

Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични” и „Легендите се за читање”.

Сега дополнувам: “Читајте ги сликите на Чатмов!”

Изложба ,,Интимно Понирање,, од авторот Трајче Чатмов

Next to Silence – концерт во Музејот на вода

Нашиот концерт во Музејот на вода кај Градиште покажа дека во предисториските населби, освен што се живеело убаво, убаво било и да се свири. Уживавме во привилегијата да бидеме меѓу Охридското Езеро и Галичица и да го исполниме овој магичен простор со нашата музика.

Им благодариме на сите гости што дојдоа на концертот и особено на Ивица Јанкуловски за извонредниот звук и на Христијан Талевски и Маја Аргакијева за прекрасните фотки и видеа. Особено сме им благодарни на сите од Завод и музеј – Охрид за нивната подршка и ентузијазам заеднички да го реализираме овој настан, а којшто веруваме ќе прерасне во традиција.

Фотографии: Христијан Талевски

Next to Silence – концерт во Музејот на вода

Изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“

Почитувани,

Ве известуваме дека на 27.05.2022 година (петок) во 19 часот, во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена петтата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Изложбата ќе биде отворена до 10.06.2022 година.

Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат луѓето кои се болни од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.

Во случајов претставувањето портрети е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“. Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт-брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што е примарно доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.

Преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, авторот апелира на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот.

СОКОЛ МАРКОВСКИ е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.

Посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија

НУ Завод и Музеј – Охрид имаше чест да биде домаќин на посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија. За време на средбата, амбасадорката беше запознаена со историјата и со богатото културно наследство од Охридскиот регион и ги посети Галеријата на икони, средновековните цркви Св. Богородица Перивлептос и Св. Софија, како и богатата археолошка и етнолошка поставка во Музејот во Куќата на Робевци.

Посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија

Договор за соработка со Центарот за истражување на праисторијата (ЦИП) од Скопје

НУ Завод и Музеј – Охрид склучи договор за соработка со Центарот за истражување на праисторијата (ЦИП) од Скопје, со цел афирмација и популаризација на праисториското културно наследство од Охридскиот регион. Првата активност во рамките на оваа соработка е одржување на концерт на џез бендот Next to Silence, кој ќе се одржи на реконструираната наколна населба во рамки на Музејот на вода кај Градиште, со што ќе започнат активностите за популаризација на овој исклучително значаен локалитет од праисториските времиња.

Концертот ќе се одржи на 22.05.2022 година во 13.00 часот. Сите посетители кои купиле влезница за посета во Музејот на вода ќе може да уживаат во џез звуците на бендот Next to Silence без дополнителна доплата.

Санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште

Во тек се активностите за санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште. Во следните месеци ќе се извршува континуирана обнова на сите оштетени делови од куќичките и огништата кои се презентирани во овој музејски комплекс. Планираните активности се реализираат под раководство на конзерваторот Ванчо Димоски од НУ Завод и Музеј – Охрид.

Санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште

Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид

Ја известуваме јавноста дека НУ Завод и Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид. Целта на истражувањата е да се дефинираат хоризонталната и вертикалната стратиграфија на овој простор и да се одредат понатамошните активности од планираната реконструкција на плоштадот од страна на Општина Охрид.

Просторот на археолошките сонди е заграден, но упатуваме апел до сите граѓани да внимаваат на сопствената безбедност околу позициите на кои се ископува, а во исто време да им овозможат на стручните екипи од Завод и Музеј – Охрид непречено вршење на работите.

Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид