Истражувања во заштитената зона на градот Охрид

Во текот на мај и јуни, беа извршени неколку заштитни археолошки истражувања во заштитената зона на градот Охрид. Со последните истражувања кои се одвиваа на локација во старото градско јадро беа откриени неколку средновековни погребувања со богати прилози, какви што се стаклени и бронзени белегзии, бронзени и посребрени наушници, бронзени и сребрени прстени и други наоди кои се карактеристични за периодот од X-XIV век. Истражувањата ги раководеше Анатоли Арнаудоски, виш кустос археолог од Завод и Музеј – Охрид.

Истражувања во заштитената зона на градот Охрид

Златната маска од Горна Порта вратена во Охрид

Златната маска и раката, како и сите прилози од гробот 132, откриени на локалитетот Горна Порта во Охрид, по завршувањето на меѓународната изложба „100 години Требениште“ во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, повторно се вратени во Златната соба на охридскиот музеј Куќата на Робевци“

Златната маска од Горна Порта вратена во Охрид

Конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо

Во тек е реализацијата на проектот за целосна конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо (IV-V век). Во првата фаза е извршено расчистување на просторот со што се овозможија услови за спроведување на конзерваторски истражувања и изработка на Елаборат за поставување на кровна конструкција над целата базилика. Проектот го раководи д.и.а. Анита П. Танеска, виш конзерватор за архитектура од Завод и Музеј – Охрид.

Конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо

Работната посета на амбасадорот на Јапонија

Стручните лица од НУ Завод и Музеј-Охрид беа домаќини на работната посета на амбасадорот на Јапонија, неговата екселенција Савада Хиронари и неговата сопруга, кои заедно со министерката за култура, д-р Ирена Стефоска ги посетија Галеријата на Икони, црквата Св. Богородица Перивлепта, Античкиот театар и Музејот Куќа на Робевци каде што се запознаа со дел од богатото културно-историско наследство на градот.

Работната посета на амбасадорот на Јапонија

Изложба „Сто години од Требенишката некропола”

По завршувањето на ексклузивната меѓународна изложба „Сто години од Требенишката некропола”, која успешно беше претставена пред јавноста во Археолошкиот Музеј на Република Северна Македонија, каде учество со свои артефакти имаа и Народниот Музеј од Белград и НАИМ при БАН од Софија, ритуалната златна маска и рака, како и сите прилози од гроб 132 од локалитетот Горна Порта во Охрид, од денес повторно се изложени во „Златната соба“ во Музејот Куќа на Робевци.

Сите заинтересирани може да ги погледнат стотиците археолошки и етнолошки артефакти кои се изложени во Куќата на Робевци во периодот од вторник до недела од 09:00 – 20:00 часот.

Изложба „Сто години од Требенишката некропола”

Работна посета на Флора Карајани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерџани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција

На 03. 04. 2021, во работна посета на Охрид и нашата институција престојуваа Флора Карајани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерџани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција.

Гостите имаа можност да ја посетат светски познатата Галерија на икони и црквите Св. Богородица Перивлепта и катедралата Св. Софија. Притоа, во меѓусебните разговори им беа презентирани актуелните програмски активности на институцијата, како и дел од активностите во минатото, особено на полето на конзервацијата, при што посебен акцент беше ставен на конзервацијата на иконите, како и неодамнешната конзервација на архитектурата и живописот на црквата Св. Богородица Перивлепта. При посетата на Св. Софија, гостите беа запознаени со нејзината важност како вековно седиште на Охридските архиепископи, обемните конзерваторски работи, изведени од екипа на меѓународни експерти во почетокот на педесеттите години на минатиот век и потребата од изведување на слични такви конзерваторски зафати во најскоро време, за што од нивна страна беше изразена подготвеност за конкретна соработка, особено во областа на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита и секаков друг вид соработка.