Мизаична икона ,, Исус Христос на престол ” заблеска во Галеријата на икони во Охрид

Мизаична икона ,, Исус Христос на престол ” заблеска во Галеријата на икони во Охрид

Единствената и униката мозаична икона во Македонија, за првпат беше претставена пред македонската јавност во рамки на одбележувањето на 75 години од организираната музејска дејност во градот од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид а по повод чествувањето на 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охриски.

Промоцијата ја отвори Директорот М-р Горан Патчев, со поздрав до присутните Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и други претставници на институции, културни работници и посетители.

За вредноста и значењето на мозаичната икона зборуваше историчарката на уметност Катерина Велкоска која подвлече дека во 1960 година за време на евидентирањето на иконите во црквата Св.Богородица Перивлепта во Охрид, во јужниот параклис на црквата покрај другите икони откриена е оваа мозаична икона. Тогаш иконата е датирана дека е од XIV, но можеби е постара.

На иконата со димензии 28,5х21х2,5 см  е претставаен  Исус Христос како седи на трон.

Техниката на мозаик претставува најсложен и најскап медиум на ликовната уметност во византискиот период, па малите мозаични икони припаѓаат на одредена класа на луѓе и се продукт на дворска уметност. Оваа икона кај нас во Охрид, најверојатно е донесена како дар од Цариград или Солун.

Мозаичните икони се меѓу најретките форми на византиската иконографија. Денес значајни примери се зачувани во неколку од најголемите светски музејски колекции, во Лувр во Париз, Метрополитен музејот во Њујорк, Боде музејот во Берлин и во Византискиот и христијански музеј во Атина.

Во Охрид, градот кој со векови претставувал еден од најзначајните центри на православната духовност и византиската култура на Балканот, оваа ретка мозаична икона претставува уште еден драгоцен доказ за неговото место во историјата на европското и византиското културно наследство.

Овој проект е дел од годишната програма за работа на институцијата финансиски подржана од Министерството за култура и туризам. Проектот ,,Тековно одржување на збирката икони и други литургиски предмети ” е реализиран од ресорниот кустос историчар на уметноста Катерина Велкоска.