Ова е прва самостојна изложба на авторот во Охрид.
Куќа на Робевци, Охрид, НУ Завод и Музеј – Охрид
Почнувајќи од 2015 година, за време на честите патувања на релација Битола – Филаделфија, Талевски преку своите цртежи ги бележи времето и просторот, реагирајќи на различни искуства, општествени процеси, настани и локации.
Цртежите произлегуваат од секојдневните прошетки низ двата града и создаваат еден вид меѓупростор во кој се вкрстуваат различни географии, јазици, сеќавања и идентитети. Преку нив, авторот ги истражува односите меѓу телото и тлото, индивидуалната и колективната меморија, минатото и можните иднини.
Во изложбениот проект е вклучено и новото дело „Дремка ми се дреме“, создадено како пресек меѓу јазикот на цртежот и долгогодишното експериментирање на авторот со сликарскиот израз.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Неговите дела и проекти биле претставени во бројни интернационални музеи, галерии, биеналиња и триеналиња во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Брисел, Сеул, Токио, Краков, Тајван, Кина и Скопје.
Добитник е на повеќе меѓународни награди, признанија и грантови, меѓу кои и поддршка од фондациите „Полок-Краснер“, „Елизабет Гриншилдс“ и Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“.