Вредна донација од наследниците на семејството Робевци за Музејот во Охрид

Вредна донација од наследниците на семејството Робевци за Музејот во Охрид

НУ Завод и Музеј – Охрид доби уште една вредна донација од семејството Робеви. Госпоѓата Оливера Робева Крстева во последните две години подари на охридскиот музеј лични предмети од нејзиното семејство. Станува збор за стари фотографии, покуќнински предмети, пијанино, виолина, нотни, книги, медицински инструменти, печати, фотоапарат, орден, метроном, прибор за пушење, женски аксесоари, часовник со ќостек и други предмети. Со оваа донација музејската колекција се збогати за уште 50 предмети, а со тоа Фондот од семејството Робеви достигна бројка од над 200 предмети.

Предметите се примени во етнолошкото одделение кај ресорниот виш кустос Оливера Мишева каде се чува најголемиот дел од фондот., а голем дел од нив се изложени во музејскиот објект Куќата на Робевци.

НУ Завод и Музеј – Охрид изразува голема благодарност за честа и довербата од страна на госпоѓа Оливера Робева Крстева за трајното отстапување на предметите на охридскиот музеј. Донираните предмети претставуваат предизвик за нови истражувања, заштита и презентација на еден дел од културното наследство за идните генерации, како сведоци на едно време, начин на живот и доказ за големиот придонес на значајни личности за историјата и културата на градот Охрид.