Посета на министерот за култура на РМ, г-дин Роберт Алаѓозовски

13. 07. 2017


Денес во прва официјална посета на НУ Завод и Музеј-Охрид престојуваше министерот за култура на Република Македонија г-дин Роберт Алаѓозовски, придружуван од шефот на неговиот кабинет Тодорче Тасевски и советникот Петрит Сарачини.

Тие имаа куса работна средба со директорката Тања Паскали-Бунташеска, која помина во пријатна атмосфера и на која му беа претставени тековните проекти на нашата институција, но и севкупното работење во изминатиот период, како и одредени проблеми со кои се соочуваме во секојдневното работење.

По средбата, министерот со својата придружба направи обиколка на работните простории и депоата во управната зграда “Радничка”, при што се запозна со вработените и имаше прилика непосредно да се запознае со повеќе сегменти од севкупното работење на НУ Завод и Музеј-Охрид, посебно од областа на заштитата и музеологијата, како основни дејности на нашата институција.

На крајот од престојот, министерот со своите соработници, придружуван од директорката Тања Паскали-Бунташеска, ја посети Галеријата на икони и црквата Св. Богородица Перивлепта при што изрази задоволство од начинот на чување, обезбедување и експонирање на вредните икони и севкупната состојба во Галеријата, како и од состојбата на црквата по сеопфатната конзервација (архитектурата и фреско-живописот), извршена во изминатите две години.

Посета на министерот за култура на РМ, г-дин Роберт Алаѓозовски на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид