Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период

07. 07. 2017


Синоќа во куќата на Уранија се одржа промоција на научното дело “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” од охриѓанката Сања Битрак, археолог и нумизматичар, вработена во Археолошкиот музеј во Скопје.

Во античко време древниот Лихнид бил значаен економски центар и ковал свои монети наречени лихнидиони, а свои монети имало и племето Десарети кои го населувале овој простор.

За време на истражувањата на Плаошник пронајдени беа над 20.000 монети коишто не само што го збогатија нумизматичкиот фонд на градот, туку и дадоа некои податоци за економската и историската активност на овој град и регионот.

Книгата содржи 287 примероци на монети пронајдени на овој локалитет во периодот од 2001 до 2010 година. Монетите се ковани од сребро и бронза и истите се многу значајни како културно наследство.

Промоторот на книгата, д-р Славица Бабамова истакна дека таа содржи многу значајни податоци, досега непознати за научната јавност и дека пополнува еден значен сегмент од историјата на Македонија во римскиот период, историска епоха за која случувањата во Македонија се сосема кратко споменувани во античките извори.

Книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” е прво дело на Сања Битрак, а промоцијата беше во организација на НУ Завод и Музеј Охрид.

Промоција на книгата “Монетарна циркулација на Плаошник-Охрид во римскиот империјален период” на археологот и нумизматичар Сања Битрак