Вечерва во просторот на музејот „Куќата на Робевци” присуствуваме на една ретка и значајна уметничка изложба именувана „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче”.
Реткоста на оваа изложба е во тоа што со својот уметнички раскош ни се претставуваат тако и син, значи две генерации кои се исти во својот уметнички изблик но различни во своите дела, пред сè во уметничкиот израз и техниката што ја користат двајцата при создавањето на своите грандиозни дела. Ќе подвлечам уште една заедничка црта, а важи за двајцата: дела претставуваат културно сведоштво и уметнички дијалог со градот Охрид.
И двајцата уметници им се добро познати на културната јавност и во Охрид и во Македонија, но и надвор од наште граници.
Повеќе пати сум се искажувал за трајните вредности на Славко Упевче, а вечерва само ќе повторам дека преку овој ретроспективен поглед на цртежи, акварели, акрили и пастели, Славко Упевче ја бележи душата на охридскиот пејзаж и минатото, носејќи ги топлината и сеќавањата на еден град низ вековите. Пред очите тие ни се прелистуваат како живи страници на милениумската историја на Охрид. Пулсираат мирисите и боите на древноста, на она што останува во очите и во душата како шум на нешто блиско, но далечно, како светлосен зрак што нè грее, но е недофатлив, како сонувани бисери што ги имаме, но незапирливо ги губиме. Сигурен сум дека кај многумина што сме овде ни ја враќа носталгијата по Охрид кој, како песок ни истекува низ прстите.
Никола Упевче со ретката уметничка постапка и техника – мозаик ги обележува овие две и пол децении на 21 век во македонската уметност воопшто. Тој е уметник мозаичар кој негува и конзерваторски и реставраторски третмани на антички мозаици, а со самостојни и групни изложби е претставен во земјава и во странство.
„Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна. Комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и со свој препознатлив јазик”, ќе забележи неговиот италијански пријател – конзерватор Александро Лугари, а јас ќе додадам дека Никола Упевче со својата мозаична карта на Охрид и Лихнид, и преку современ израз прави мост до една нова визуелна перспектива, каде техниката и замислата се спојуваат во мурална експресија. Неговиот израз е современ, користи разни материјали и остава дела што го одразуваат мозаикот како неисцрпна истражувачка можност во овој техницизиран свет и му дава нов облик и сјај. Вечерва ја имаме можноста и да видиме како уметникот Никола Упевче мозаичната мапа на Охрид и Лихнид ја поставува на современ начин, но гледаме и модел на мозаичен „Градски часовник” наменет за црквата „Света Богородица Челничка” кој од високо ќе го мери идното охридско време. Механизмот за часовникот го конструира Борис Упевче.
Особено е важно што изложбата нè потсетува сите нас – уметници, истражувачи, љубителите на културата и публиката, – дека вистинското богатство лежи во колективното сеќавање, во одговорното пренесување на уметничкото наследство и во поддршката на креативниот процес што живее низ генерациите. Мозаици, часовничарски механизми, цртежи и слики стануваат овде јавно сведоштво за тоа колку длабока, трајна и сложена може да биде нашата историска и естетска поврзаност со градот и неговите творци. Колку и да напредуваме технички или да се менуваат ликовите на градот, човечката рака и нејзиниот творечки немир остануваат нашата најмоќна врска кон минатото и изворот на иднината.
Изложбата се оранизира во чест на 7 Ноември, денот на ослободувањето на Охрид.
Ви благодарам што сте дел од оваа средба на уметноста, меморијата и визијата за едно подобро културно утре, токму овде во срцето на Охрид.



