СЦЕНАТА НА АНТИЧКИ ТЕАТАР ПОДГОТВЕНА ЗА ПРЕТСТАВИ

Завршена е припремата на летната сцена, односно извршено е санирање на оштетени делови од дрвената сцена која е изложена на надворешни влијанија. Имено, НУ Завод и Музеј Охрид со помош на граѓани дарители на граѓа како помош и јавните претпријатија од Општина Охрид за средување околината на Антички театар и на горните слоеви на бината кои беа најоштетени со голем процент на влага и не беа за употреба. Се констатира дека е потребна нивна итна промена, особено на југозападниот дел од сцената каде оштетувањата беа најголеми. Извршена е промена на подлогота од песок кој беше причинител за големата влага на дрвената подконструкција и заменет со тврдопресован стиропор и нова дрвена подконструкција и ламерирани водоотпорни табли како завршен слој на сцената. Исто така, искосен е коровот во околината, исчистен е отпадот и оспособена една чешма позади сцената. Благодарност на Владо Пупиноски и Ангел Арнаудовски

В.д. Директор, м-р Горан Патчев

АНКЕТА: „Перцепција на автентичноста на локалитетите на наследството на УНЕСКО: дизајнот на новата изградба и заштитата на интегритетот во Охрид, Република Македонија“

Во соработка со д-р Александар Милојковиќ, вонреден професор од Градежниот и Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Ниш – отсек Архитектура, заедно со постдипломски студенти, со помош на нашите колеги од НУ Завод и Музеј Охрид, спроведуваат интересен научен проект кој се занимава со заштита на архитектонското наследство и ревитализацијата на историски градови.

Имено, како дел од активностите и  една од темите е посветена на актуелните прашања за автентичноста, како и соодветните современи интервенции во заштитеното урбано ткиво. Во таа насока, намерата е дел од истражувањето да се посвети на проблемите од овој тип со кои се соочува Охрид, како најзначаен урбанистичко-архитектонски ентитет од овој тип во нашиот регион и пошироко. Колегите од Ниш се запознаа со проблемите со кои секојдневно се среќаваме, направија увид во соодветната, планска и друга документација и се разви дискусија за истото. Од сето тоа произлезе интересна анкета која ја споделуваме и би сакале што повеќе учесници да ја пополнат заради поверодостојни анализи, податоци и резултати кои би ни биле од голема корист за идните планови за управување со историското јадро на Охрид. Анкетата е наменета за сите граѓани, жители на Охрид но и посетители и вљубеници во градот кои сакаат да придонесат за заштита на градителското наследство.

На следниов линк можете да пристапите кон пополнување на анкетата со работен наслов „Перцепција на автентичноста на локалитетите на наследството на УНЕСКО: дизајнот на новата изградба и заштитата на интегритетот во Охрид, Република Македонија“

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSet6t3SvkO5V9RdKo78rtLjKpCaQvmvauE3AbCcokKTGIP6aw/viewform?usp=sf_link

Со почит,

В.д. директор

М-р Горан Патчев

АНТОЛОГИЈА 4

Во петок 5 јули, во 20 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата Антологија 4.

Оваа четврта едиција на изложбата Антологија е посветена на наивното сликарство и воедно претставува избор од најзначајните автори на овој правец, содржани во збирката на современа уметност во НУ.Завод и Музеј -Охрид.

На изложбата ќе бидат претставени дела од : Иван Генералиќ, Вангел Наумовски, Јан Књазовиц, Иван Лацковиќ и Андреј Вењарски.

Изложбата е подржана од Министерство за култура / Ministria e Kulturës

Куратор на изложбата

м-р Сашо Блажески

ИНФОРМАЦИЈА 

Со Решение број 44-6419/2 од 27.06.2024 година донесено од страна на Министерство за култура и туризам (наш бр.04-737/1 од 28.06.2024 година) на должноста в.д. Директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид беше именуван м-р Горан Патчев. По тој повод направено е примопредавање со претходната в.д. директорка м-р Ирена Шајн. Додека, од работата на 6-та седница на Управниот одбор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид одржана на ден 01.07.2024, помеѓу другото се донесе Одлука за давање согласност на Нацрт-годишната програма за 2025 година на Националната устанoва Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид со број 01-773/1 од 28.06.2024 година, со што и покрај промената во раководството, навреме се исполнија обврските согласност со член 70 од Законот за културата  за доставување до Министерството, нацрт-годишна програма за работа на установата за наредната 2025 година.

Активности за спроведување на ГИС проектот

Тимот на наши стручни лица од НУ Завод и Музеј Охрид, заедно со меѓународни и домашни експерти извршија посета на одредени споменици на културата и археолошки локалитети во општините Охрид, Струга и Дебрца, со снимање со дрон, заради мониторинг и евиденција на споменичките добра кои се прогласени за споменик на културата и изработка на ортофото подлоги кои ќе послужат во изработка на ГИС платформа, во рамките на спроведување на проектот со наслов: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и Музеј – Охрид“ во соработка со УНЕСКО.

Како продолжение од минатогодишните активности, во периодот од 19 до 24 мај, се изврши евиденција, инвентаризација, дигитализација со користење на современа технологија за 3Д надворешно снимање со помош на дронови и фотограметрија за изготвување на ортофотографии и топографски карти, со цел да се постави работен план кој ќе обезбеди создавање на ВЕБГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион.

На ден 22.05.2024 (среда) од 12 – 15 часот во просториите на Универзитетот Св Апостол Павле во Охирд, беше презентирана ВЕБ ГИС платформата со кратка обука од страна на претставник од компанијата Интелегент Нетворк Солушн ДОО Скопје за нејзината употреба и развивање за вработените односно корисниците од НУ Завод и Музеј – Охрид. На настанот покрај меѓународните експерти д-р Ранд Епих од САД и Татјана Мијатовиќ од БиХ, чест ни направи и професор д-р Устијана Речкоска-Шикоска Универзитетот „Свети Апостол Павле“ и архитектот Анастасија Талевска, потоа Бојан Танески виш кустос археолог и Татјана Стојоска Видовска, археолог, м-р Љубица Тасеска Блажеска, виш конзерватор, Катерина Велкоска, историчар на уметност, Иван Малезанов, дипломиран археолог, присуствуваа од колегите од НУ Завод и Музеј Охрид и м-р Горан Патчев, виш конзерватор одговорен за реализацијата на проектот.

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА МУЗЕИТЕ

По повод 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, ве известува дека утре на 18.05.2024 година на археолошките локалитети и во музејските објекти Самуилова тврдина, Музеј на вода – Градиште, Куќа на Робевци и Галерија на икони влезот за сите посетители ќе биде бесплатен.

ЈАПОНСКИОТ ЛЕБДЕЧКИ СВЕТ – УКИЈО-Е

Во петок 26 април, во 13:30 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена патувачката изложба на големите јапонски мајстори за дрворези – УКИЈО-Е од XVII и XVIII век.

Патувачката изложба содржи 30 реплики од најпознатите мајстори на дрворези од XVII и XVIII век. Изложбата на македонската публика ќе и го приближи „светот кој лебди“, кој го отсликува подемот на трговската класа доловен од страна на најзначајните мајстори на УКИЈО-Е.

Изложбата е во организација на МузеумЛинк раководена од Јасминка Намичева, „Архифакт“ – Скопје, здружението за архитектура, дизајн и култура и Музеј на град Скопје.

Изложбата ќе патува благодарение на поддршката на AOTS, ТЕП Раде Кончар и Амбасадата на Јапонија по повод 30 години од воспоставување на дипломатските односи јапонски лебдечки свет.

Изложбата ќе ја отворат Н.Е. г. Казуја Оцука, Амбасадор на Јапонија, г-ѓа Јасмина Намичева, кустос и м-р Сашо Блажески.

ИЗВЕСТУВАЊЕ

По повод 18 април, Светскиот ден на спомениците и локалитетите, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид утре на 18.04.2024 година Ве известува дека на археолошките локалитети и во музејските објекти Самуилова тврдина, Музеј на вода – Градиште, Куќа на Робевци и Галерија на икони влезот за сите посетители ќе биде бесплатен.

ДЕН НА РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ 2024 ГОДИНА

Оваа година НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид се приклучи на шестата сезона од Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2024“.

Илуминација на Самоилова Тврдина во боите на ретките болести.
https://www.facebook.com/gizapoznavameretkitebolesti/videos/407517184967372

Активности за соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид

Со потпишување на Меморандум за соработка од страна на в.д. директор на НУ Завод и Музеј Охрид, м-р Ирена Шајн и проректорот на Универзитетот, професор д-р Устијана Речкоска Шикоска, официјализирана е претходно воспоставената соработка меѓу двете институции. Започнувањето на проектот насловен како „Зајакнување на капацитетите за управување со културното наследство на Охридскиот регион: Обука за развој на ГИС бази на податоци за Завод и Музеј – Охрид“ иницијатива на м-р Горан Патчев, послужи како повод за потпишување на овој Меморандум за соработка. Проектот опфаќа низа активности, вклучително и организација на „Регионален камп за реставрација“ (RRC) во партнерство со „Културно наследство без граници – Албанија“ (CHwB Албанија).

Дел од активностите се одвиваат во Амфитеатарот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, каде ќе има презентации од експерти од разни области а дел ќе се одвива на терен, организиран на двете локации на Македонска и Албанска страна, последователно, од 10 до 22 септември, за евиденција, инвентаризација, дигитализација и користење на современа технологија за 3Д снимање со помош на дронови и фотограметрија за изготвување на ортофотографии и топографски карти. Резултатите од кампот ќе бидат подлога за создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што ќе се обезбеди ВЕБГИС база на податоци која ќе може да ја користи и пошироката јавност а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани во текот на проектот.