Голема благодарност до Lions Club Лихнидос и до професорот Зоран Тунтев за успешната соработка и за поставувањето на ноќна илуминација на управната зграда на НУ Завод и Музеј – Охрид, која припаѓа на листата на заштитени споменици на културата од старото градско јадро на Охрид.
Категорија: Друго
Награда за долгогодишен и исклучителен придонес
На вчерашната свеченост која се оддржа по повод 100 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје, на НУ Завод и Музеј – Охрид му беше доделена награда за долгогодишен и исклучителен придонес за развојот на наставата и науката на факултетот. Свечениот настан се одржа во аулата на факултетот, а наградата ја прими директорот – м-р Мишко Тутковски



Потпорен ѕид од северната страна на објектот „Римска бања“
Во тек се активностите од реализацијата на Проектот за поставување на потпорен ѕид од северната страна на објектот „Римска бања“ на локалитетот Плаошник во Охрид. Изградбата на потпорниот ѕид е неопходна за да се спречи свлекување на земјиштето кое може да предизвика големи штети на римска бања со мозаични подови која датира од I век од н.е. По изградбата на ѕидот ќе се обезбедат и соодветни услови за извршување на конзервација и реставрација на архитектурата и на мозаиците од бањата. Реализацијата на овој Проект кој го раководи д.и.а. Анита Танеска, виш конзерватор од НУ Завод и Музеј – Охрид, треба да заврши до средината на месец декември.





Сликарство во црквата Св. Софија
Стручен тим од НУ Завод и Музеј – Охрид, предводен од м-р Никола Патчев, изработува детална документација и мерења на влагата на ѕидното сликарство во црквата Св. Софија во Охрид. Конзерваторската документација на која се прикажуваат сите видови на оштетувања на фреските е неопходна за изработка на Проект за конзервација на ѕидното сликарство од оваа црква кој ќе биде изработен во соработка со колегите од Националниот конзерваторки Центар од Скопје. Реализацијата на проектот е финансирана со Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.





Санација на Музејот на вода од Заливот на коските
Привршува реализацијата на проектот за санација на Музејот на вода од Заливот на коските кај Градиште. Тековните активности опфаќаат статичко зајакнување на пристапниот мост кој води кон платформата со реконструираните праисториски куќички, како и замена и зацврстување на сите дотраени и оштетени греди од наколната населба. Реализацијата на овој проект кој е финансиран од Министерството за култура, ќе обезбеди подобри услови и зголемена безбедност за сите посетители на овој музејски комплекс кој спаѓа во редот на најголемите и најпосетуваните туристички атракции во Охридскиот регион.




Конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви
Во тек се финалните активности од реализацијата на проектот за целосна конзервација и реставрација на куќата на Хаџиеви која го има статусот на значајно културно наследство. Во оваа фаза се извршуваат конзерваторско-реставраторски активности на фасадата и се заменува дотраената дограма на куќата. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под стручен надзор од м-р Горан Патчев, виш конзерватор од НУ Завод и Музеј Охрид.




3Д макетата на античката гробница од Македонски
Денес во музејот Куќата на Робевци ја изложивме 3Д макетата на античката гробница од Македонски тип која е откриена на локалитеот Караѓулевци, веднаш до античкиот театар во Охрид. Макетата е изработена на 3Д печатач од страна на Кирил Денковски, а за ликовното обликување е заслужен Диме Солаковски.
На самата локација од гробницата е поставена информативна табла за посетителите, а во рамките на овој проект беше изработена и виртуелна реконструкција на гробницата која е достапна на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=9b_IukLdhfc…
Кратко „time lapse“ видео од теренските активности во гробницата е достапен на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=AhdNDL9VN28…
Проектот е финансиран преку Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година, а успешната реализација се должи на одличната соработка на НУ Завод и Музеј – Охрид со Здружението Регионален зелен центар – Охрид. Во оваа прилика упатуваме голема благодарност до стручниот тим кој го реализираше проектот: Бојан Танески, Борис Матески, Дарко Ангелковски, Кирил Денковски, Раде Атанасов-Б’ше, Мартин Гоџоски, Ана Бојаџиева, Христијан Петровски и до раководителот на проектот – Иван Малезан.




Во текот на летната сезона, локалитетите и музеите под надлежност на НУ Завод и Музеј – Охрид, ги посетиле вкупно 61.645 странски и домашни гости.
Музејот на вода во Заливот на коските најпосетуван во текот на летото, од денес секој прв ден во месецот слободен влез во музеите и локалитетите
Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина
Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина се во тек. Досега се откриени нови простории и коридори од објектот кој според досегашните сознанија бил изграден од страна на Џеладин бег. Во една од просториите која најверојатно имала функција на оружарница или магацин за оружје се откриени остатоци од околу 50 кубури, неколку бодежи и една парадна сабја. Сите наоди имаат големи оштетувања кои настанале по опожарувањето на објектот.
Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудовски, виш кустос од НУ Завод и Музеј – Охрид.




Археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела
Започнaа овогодинешните систематски археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела. По расчистувањето на шутот од постарите ископувања од јужната половина на цитаделата, започнавме со доистражување на остатоците од објектот од XIX век кој најверојатно е еден од раскошните сараи/дворци на тогашниот управител на Охрид, Џеладин Бег. Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудоски, виш кустос од Завод и Музеј – Охрид.



