Иницијатива ‘’Отворен Балкан’’

Охрид од секогаш бил сведок на културни натпреварувања на цивилизациите кои оставиле трајни печати врз историјата и тоа му обезбедува едно значајно место на Балканот. Особено сме горди што тоа се случува и денес, преку иницијативата насловена ‘’Отворен Балкан’’, која што се одржа на 7-ми и 8-ми јуни. “. Н.У. Завод и Музеј – Охрид како подржувач на иницијативата ги отвори вратите на музејските објекти и им претстави дел од богатото културно наследство на високите гости од регионот, министерката за култура на Република Србија, г-ѓа Маја Гојковиќ, министерската за култура на Република Албанија , г-ѓа Елва Маргарити, во присуство на нашата министерка за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Денес на покана на министерството за култура на панел сесијата ‘’Отворен Балкан, отворена култура’’, присуствуваше и в.д. директорката на Н.У. Завод и Музеј-Охрид, г-ѓа Катерина Велкоска.

Иницијатива ‘’Отворен Балкан’’

Санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’

Продолжуваат активностите околу санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’, предводена од стручни лица при Н.У.Завод и Музеј Охрид. Во наредниот период ќе се работи на поправки на оштетените делови, односно на подовите и ѕидовите од праисториските куќи. При посетата на музејот, самите посетители ќе имаат можност одблиску да се запознаат и со изведувањето на конзервацијата на куќичките. Конзерваторските активности се реализираат под раководство на Ванчо Димоски, конзерватор при Н.У. Завод и Музеј – Охрид.

Санацијата на оштетувањата на праисториските куќи од наколната населба ‘’Заливот на коските’’

Next to Silence – концерт во Музејот на вода

Нашиот концерт во Музејот на вода кај Градиште покажа дека во предисториските населби, освен што се живеело убаво, убаво било и да се свири. Уживавме во привилегијата да бидеме меѓу Охридското Езеро и Галичица и да го исполниме овој магичен простор со нашата музика.

Им благодариме на сите гости што дојдоа на концертот и особено на Ивица Јанкуловски за извонредниот звук и на Христијан Талевски и Маја Аргакијева за прекрасните фотки и видеа. Особено сме им благодарни на сите од Завод и музеј – Охрид за нивната подршка и ентузијазам заеднички да го реализираме овој настан, а којшто веруваме ќе прерасне во традиција.

Фотографии: Христијан Талевски

Next to Silence – концерт во Музејот на вода

Изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“

Почитувани,

Ве известуваме дека на 27.05.2022 година (петок) во 19 часот, во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена петтата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Изложбата ќе биде отворена до 10.06.2022 година.

Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат луѓето кои се болни од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.

Во случајов претставувањето портрети е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“. Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт-брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што е примарно доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.

Преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, авторот апелира на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот.

СОКОЛ МАРКОВСКИ е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.

Посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија

НУ Завод и Музеј – Охрид имаше чест да биде домаќин на посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија. За време на средбата, амбасадорката беше запознаена со историјата и со богатото културно наследство од Охридскиот регион и ги посети Галеријата на икони, средновековните цркви Св. Богородица Перивлептос и Св. Софија, како и богатата археолошка и етнолошка поставка во Музејот во Куќата на Робевци.

Посетата на нејзината екселенција, Г-ѓа Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Р.С. Македонија

Договор за соработка со Центарот за истражување на праисторијата (ЦИП) од Скопје

НУ Завод и Музеј – Охрид склучи договор за соработка со Центарот за истражување на праисторијата (ЦИП) од Скопје, со цел афирмација и популаризација на праисториското културно наследство од Охридскиот регион. Првата активност во рамките на оваа соработка е одржување на концерт на џез бендот Next to Silence, кој ќе се одржи на реконструираната наколна населба во рамки на Музејот на вода кај Градиште, со што ќе започнат активностите за популаризација на овој исклучително значаен локалитет од праисториските времиња.

Концертот ќе се одржи на 22.05.2022 година во 13.00 часот. Сите посетители кои купиле влезница за посета во Музејот на вода ќе може да уживаат во џез звуците на бендот Next to Silence без дополнителна доплата.

Санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште

Во тек се активностите за санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште. Во следните месеци ќе се извршува континуирана обнова на сите оштетени делови од куќичките и огништата кои се презентирани во овој музејски комплекс. Планираните активности се реализираат под раководство на конзерваторот Ванчо Димоски од НУ Завод и Музеј – Охрид.

Санација на реконструираните праисториски објекти од локалитетот Плоча – Миќов град кај Градиште

Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид

Ја известуваме јавноста дека НУ Завод и Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид. Целта на истражувањата е да се дефинираат хоризонталната и вертикалната стратиграфија на овој простор и да се одредат понатамошните активности од планираната реконструкција на плоштадот од страна на Општина Охрид.

Просторот на археолошките сонди е заграден, но упатуваме апел до сите граѓани да внимаваат на сопствената безбедност околу позициите на кои се ископува, а во исто време да им овозможат на стручните екипи од Завод и Музеј – Охрид непречено вршење на работите.

Музеј Охрид започна со извршување на сондажни археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид

IN MEMORIAM

КРСТЕ МАРТИНОСКИ (1948 – 2022)

Крсте Мартиноски, нашиот Крки, уникатна Мешеишко-охридска легенда, замина во вечноста и бесконечноста, но само привидно физички, не духовно, оти во спомените наши ќе остане до крајот на векот и светот. Мартиноски е графичар по вокација, уметник во суштина и заштитар, конзерватор и реставратор на уметничките вредности од минатите времиња со академска титула. Во Завод и Музеј-Охрид беше вработен од 1988 до 1991 година. На Охриѓани им ја остави реставрирана вековната Горна Порта, реставрирана и обновена украсната влезна порта од манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта, Охридската гимназија, реставрирана надгробната плоча од поетот и преродбеник Григор Прличев, ентериерните специфичности на охридските архитектонски убавици Робевци и Уранија, на ентериерните вредности на обновената Прличевата родна куќа… Незаборавен беше нашиот престој во Херне, Германија, каде што го презентиравме Охрид со најзначајните археолошки вредности и со охридско иконописно наследство, а каде што нашиот Мартиновски, таму симпатично наречен Зигмунд, беше главниот оперативец на изложбата.

Од 1991 година до денес Крсте Мартиноски беше слободен уметник и член на ДЛУМ. Презентираше уметнички вредности по скопските галерии и музеи во самостојни и групни изложби. Крај Вардар со сопствени раце си изгради дом со Еденска градина околу него.

Незаборавно е неговото учество во конзерваторско-реставраторските работи на Плаошник каде што неговите „златни раце“ од керамички фрагменти обновуваа цели питоси и спојуваа фрагменти од столбови и други камени и мермерни предмети. Праисториската дрвена капија на влезот во реконструираната наколна населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро е негово дело како негов влез во предворјето на праисторијата, таму каде што во длабокото минато ќе се сретне со длабоката иднина и ќе продолжи да живее во вечноста како гласник на нашата цивилизација. И уште нешто, со библиска конотација: Крсте Мартиноски беше заљубен во Адамовата Ева и поради тоа тивко и осамено замина од животот не обвинувајќи никого и добрувајќи со секого.

Засекогаш ќе живее во нашите светови, а ние сме многу.

Со почит од неговите колеги и соработници од НУ Завод и Музеј – Охрид

Старото градско јадро на Охрид

Старото градско јадро на Охрид претставува еден културолошки резервоар, каде под секој чекор лежат пластови културни остатоци од минатите векови. Дел од истражувањата се публикувани во најновото издание на „Археолошки информатор“.

Старото градско јадро на Охрид