Теренските активности на ранохристијанската базилика кај св. Еразмо

Привршуваат теренските активности на ранохристијанската базилика кај св. Еразмо. Остатоците од архитектурата на градбата и мозаичните подови кои ги краселе презвитериумот, наосот и нартексот на базиликата беа откриени за прв пат по речиси 50 години, со што се овозможија услови за спроведување на конзерваторски истражувања и за изработка на детална документација. Теренските активности ги координираше Анита Танеска, а конзерваторите Ванчо Димоски и Никола Патчев од НУ Завод и Музеј – Охрид ја спроведуваа деликатната акција за отворање на мозаиците.

По целосното расчистување на градбата беше извршено геореференцирано фотограметриско снимање од страна на д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп. Од фотограметриските снимања ќе биде изработен 3Д модел на објектот кој ќе биде достапен на пошироката јавност преку интернет платформите, а истите снимања ќе послужат и за изработка на проектите за конзервација на архитектурата и на мозаиците.

Кратка репортажа за тековните активности подготви новинарот Сашо Нелоски од МРТ. http://play.mrt.com.mk/play/47279

Теренските активности на ранохристијанската базилика кај св. Еразмо

Проект „Античка патна мрежа во Охридско – струшкиот регион“

Споделуваме дел од фантастичните откритија во рамки на Проектот „Античка патна мрежа во Охридско – струшкиот регион“, кој беше реализиран во текот на месеците мај и јуни. Археолошките истражувања кои се одвиваа на повисоките делови од планините Јабланица и Галичица ги раководеше Бојан Танески, виш кустос од НУ Завод и Музеј – Охрид. Истражувањата дадоа одлични резултати во поглед на прецизно одредување на движењето на одредени патни траси и делници кои досега беа споменувани во науката, но акцентот беше ставен на откривањето на нови патишта, нивниот опус на градење, употребените техники при градбата, справувањето со проблемите на кои наидувале при трасирањето и секако кои населени места и региони ги поврзувал.

Накратко би ги издвоиле поплочената патека во близина на лок. Вајтос, с. Октиси, делницата која од Охрид преку врвот Скала ги поминувала планините Галичица и Исток и се спуштала во Ресенското поле, патот во должина од околу 9 км кој од Охрид се искачувал до висорамнината Асанџура и понатаму продолжувал кон Преспанското и Корчанското поле итн. Сите добиени сознанија ќе бидат детално објавени во публикацијата „Античка патна мрежа во Охридско – струшкиот регион“, која е во фаза на изработка. Дополнително ќе бидат поставени информативни табли покрај новоткриените патишта, ќе бидат направени промотивни планинарски тури и видео материјал, со крајна цел вклучување на античките патни траси во туристичката понуда во регионот.

Проектот беше финансиран преку германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, односно проектот SEDRA, Mountain Tourism Value Chain. Носител на проектот беше алпинистичкиот клуб Патагонија – Охрид, а како партнери во проектот се јавуваат НУ Завод и Музеј – Охрид и ЈУ Национален парк Галичица.

Проект „Античка патна мрежа во Охридско – струшкиот регион“

Виртуелна реконструкција и изработка на макета на гробницата од македонски тип во Охрид

Започна реализацијата на Проектот „Виртуелна реконструкција и изработка на макета на гробницата од македонски тип во Охрид“ од Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година. Н.У. Завод и Музеј – Охрид во соработка со Регионалниот зелен центар Охрид изработува виртуелен 3Д модел на оваа уникатна градба која ќе стане достапна за пошироката јавност преку интернет платформите, а 3Д макетата од гробницата ќе биде изложена во Музејот Куќа на Робевци.

Виртуелна реконструкција и изработка на макета на гробницата од македонски тип во Охрид

СЕ КОНЗЕРВИРА И РЕСТАВРИРА РАНОХРИСТИЈАНСКАТА БАЗИЛИКА КАЈ СВЕТИ ЕРАЗМО ВО ОХРИД

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид го реализира проектот за целосна конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Свети Еразмо која датира од IV-V век. Директорот на Завод и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски вели дека градбата и мозаиците се многу раскошни и заслужуваат добра презентација пред публиката.

Во посета на Музејот на вода кај Градиште

Во посета на Музејот на вода кај Градиште беше амбасодорката на Велика Британија во Р.С. Македонија, Рејчел Галовеј. Со амбасадорката и со претставниците на невладиниот сектор разговаравме за состојбата со културното и природното наследство во Охридскиот регион и за изнаоѓање на подобри и поефикасни механизми за соодветна заштита.

Во посета на Музејот на вода кај Градиште

Истражувања во заштитената зона на градот Охрид

Во текот на мај и јуни, беа извршени неколку заштитни археолошки истражувања во заштитената зона на градот Охрид. Со последните истражувања кои се одвиваа на локација во старото градско јадро беа откриени неколку средновековни погребувања со богати прилози, какви што се стаклени и бронзени белегзии, бронзени и посребрени наушници, бронзени и сребрени прстени и други наоди кои се карактеристични за периодот од X-XIV век. Истражувањата ги раководеше Анатоли Арнаудоски, виш кустос археолог од Завод и Музеј – Охрид.

Истражувања во заштитената зона на градот Охрид

Златната маска од Горна Порта вратена во Охрид

Златната маска и раката, како и сите прилози од гробот 132, откриени на локалитетот Горна Порта во Охрид, по завршувањето на меѓународната изложба „100 години Требениште“ во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, повторно се вратени во Златната соба на охридскиот музеј Куќата на Робевци“

Златната маска од Горна Порта вратена во Охрид

Конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо

Во тек е реализацијата на проектот за целосна конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо (IV-V век). Во првата фаза е извршено расчистување на просторот со што се овозможија услови за спроведување на конзерваторски истражувања и изработка на Елаборат за поставување на кровна конструкција над целата базилика. Проектот го раководи д.и.а. Анита П. Танеска, виш конзерватор за архитектура од Завод и Музеј – Охрид.

Конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Св. Еразмо

Работната посета на амбасадорот на Јапонија

Стручните лица од НУ Завод и Музеј-Охрид беа домаќини на работната посета на амбасадорот на Јапонија, неговата екселенција Савада Хиронари и неговата сопруга, кои заедно со министерката за култура, д-р Ирена Стефоска ги посетија Галеријата на Икони, црквата Св. Богородица Перивлепта, Античкиот театар и Музејот Куќа на Робевци каде што се запознаа со дел од богатото културно-историско наследство на градот.

Работната посета на амбасадорот на Јапонија

Изложба „Сто години од Требенишката некропола”

По завршувањето на ексклузивната меѓународна изложба „Сто години од Требенишката некропола”, која успешно беше претставена пред јавноста во Археолошкиот Музеј на Република Северна Македонија, каде учество со свои артефакти имаа и Народниот Музеј од Белград и НАИМ при БАН од Софија, ритуалната златна маска и рака, како и сите прилози од гроб 132 од локалитетот Горна Порта во Охрид, од денес повторно се изложени во „Златната соба“ во Музејот Куќа на Робевци.

Сите заинтересирани може да ги погледнат стотиците археолошки и етнолошки артефакти кои се изложени во Куќата на Робевци во периодот од вторник до недела од 09:00 – 20:00 часот.

Изложба „Сто години од Требенишката некропола”