3Д макетата на античката гробница од Македонски

Денес во музејот Куќата на Робевци ја изложивме 3Д макетата на античката гробница од Македонски тип која е откриена на локалитеот Караѓулевци, веднаш до античкиот театар во Охрид. Макетата е изработена на 3Д печатач од страна на Кирил Денковски, а за ликовното обликување е заслужен Диме Солаковски.

На самата локација од гробницата е поставена информативна табла за посетителите, а во рамките на овој проект беше изработена и виртуелна реконструкција на гробницата која е достапна на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=9b_IukLdhfc…

Кратко „time lapse“ видео од теренските активности во гробницата е достапен на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=AhdNDL9VN28…

Проектот е финансиран преку Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година, а успешната реализација се должи на одличната соработка на НУ Завод и Музеј – Охрид со Здружението Регионален зелен центар – Охрид. Во оваа прилика упатуваме голема благодарност до стручниот тим кој го реализираше проектот: Бојан Танески, Борис Матески, Дарко Ангелковски, Кирил Денковски, Раде Атанасов-Б’ше, Мартин Гоџоски, Ана Бојаџиева, Христијан Петровски и до раководителот на проектот – Иван Малезан.

3Д макетата на античката гробница од Македонски

Во текот на летната сезона, локалитетите и музеите под надлежност на НУ Завод и Музеј – Охрид, ги посетиле вкупно 61.645 странски и домашни гости.

Музејот на вода во Заливот на коските најпосетуван во текот на летото, од денес секој прв ден во месецот слободен влез во музеите и локалитетите

Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина

Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина се во тек. Досега се откриени нови простории и коридори од објектот кој според досегашните сознанија бил изграден од страна на Џеладин бег. Во една од просториите која најверојатно имала функција на оружарница или магацин за оружје се откриени остатоци од околу 50 кубури, неколку бодежи и една парадна сабја. Сите наоди имаат големи оштетувања кои настанале по опожарувањето на објектот.

Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудовски, виш кустос од НУ Завод и Музеј – Охрид.

Археолошките истражувања на јужната половина од цитаделата на Самуиловата тврдина

видео презентација на изложбата “Македонија низ окото, перото и четката на Едвард Лир (17 – 24 септември 1848 година )”

За сите оние што од најразлични причини не можеа да присуствуваат на отворањето на изложбата, а најмногу за оние што се далеку од Охрид, а сакаат да ја видат, еве едно видео презентација на изложбата “Македонија низ окото, перото и четката на Едвард Лир (17 – 24 септември 1848 година )”, уживајте

Археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела

Започнaа овогодинешните систематски археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела. По расчистувањето на шутот од постарите ископувања од јужната половина на цитаделата, започнавме со доистражување на остатоците од објектот од XIX век кој најверојатно е еден од раскошните сараи/дворци на тогашниот управител на Охрид, Џеладин Бег. Истражувањата ги раководи Анатоли Арнаудоски, виш кустос од Завод и Музеј – Охрид.

Археолошки истражувања на локалитетот Самуилова тврдина-цитадела

„Епиграфски споменици од Плаошник-Охрид“ од авторките Славица Бабамова и Калина Кузман – Додевска

Излезе од печат монографијата „Епиграфски споменици од Плаошник-Охрид“ од авторките Славица Бабамова и Калина Кузман – Додевска, во издание на НУ Завод и Музеј – Охрид. Во оваа богато илустрирана публикација се обработени вкупно 128 епиграфски споменици кои се откриени со долгогодишните археолошки истражувања на локалитетот Плаошник, а дополнителни 13 споменици кои се откриени на други локации во Охрид (Горна порта, Самуилова тврдина и тн.) се вклучени во монографијата за да се добие целосната слика за епиграфските споменици од античкиот Лихнид.

„Епиграфски споменици од Плаошник-Охрид“ од авторките Славица Бабамова и Калина Кузман – Додевска

Подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник

На 12 aвгуст започнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското езеро на излезот на Струга, во непосредна близина на населеното место Калишта.

👇

Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80 тите години од минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуитет од 1998 год.

Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се простира по целата истражувана површина. Иако најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е.

Овогодинешните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20 тина дена, во периодот од август до септември 2021 год. Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба. Генерално можеме да насетиме појава на неколку куќи.

Паралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга.

Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на РСМ, во соработка со Музеј д-р Никола Незлобински Струга – Dr Nikola Nezlobinski Museum Struga и Universität Bern, Институтот за археолошки науки, Р. Швајцарија каде ќе се прават дендрохронолошките анализи.

Во проектот учествуваат Александра Папазовска – раководител на проектот, Валентина Тодороска – кораководител на проектот, Бојан Танески – подводен археолог, Цветлана Василевска – археолог, Андреј Мачковски – докторант за дендрохронологија и нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга.

Министерство за култура / Ministria e Kulturës

Zavod i Muzej OhridInternational Centre for Underwater Archaeology in Zadar

Подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник

Конзервација и реставрација на кровот и поставување на транзени на црквата Св. Богородица Захумска

Во тек е реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на кровот и поставување на транзени на црквата Св. Богородица Захумска во месноста Заум, на брегот од Охридското Езеро. Работите на непосредна заштита на архитектурата на црквата се отпочнати уште во 2016 година кога беше отстранет стариот кровен покривач, а беше поставен заштитен дрвен наткров кој овозможи непречено одвивање на процесот на испарување на влагата од кровната конструкција и ѕидовите на црквата. Состојбата со влагата е конечно стабилизирана и овозможени се услови за продолжување на заштитните интервенции на црквата.

Работите на непосредна заштита се одвиваат под раководство на диа Ристо Петковски, советник конзерватор и под постојан конзерваторски надзор на диа Тања Паскали Бунташеска, советник конзерватор од НУ Завод и музеј Охрид.

Проектот е финансиран од Годишната програма на Министерството за култура.

Конзервација и реставрација на кровот и поставување на транзени на црквата Св. Богородица Захумска

Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44. сесија, што се одржува во Фуџу (Народна Република Кина), денеска ја прифати апликацијата „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Rегион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“.

Прифатениот проект за градење капацитети, во износ од 55 илјади американски долари, има цел да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј – Охрид во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти.

Тренинг-активностите ќе бидат посветени на неколку клучни аспекти во заштитата на културното наследство, како што се: дигитализација со примена на современи техники и технологии со стандардизирани процедури за инвентаризација на културното наследство, кои, пак, ќе бидат компатибилни со постојните системи на институцијата, како и со Националниот регистар за културно наследство.

Она што е особено важно е што со овој проект ќе се креира ГИС-платформа за недвижно културно наследство во Охридскиот Регион и нејзино користење.

Во проектот за градење капацитети ќе бидат вклучени и експерти од други национални институции за заштита на културното наследство од нашата држава, кои се директно вклучени во управување со светското наследство. Дополнително, во проектот, што ќе се реализира 18 месеци, предвидено е да бидат вклучени и експерти од Република Албанија.